По цели 15 години, скопската публика изминатиов викенд имаше можност повторно во живо да го слушне легендарниот британски бенд Масив Атак – Massive Attack, кој гостуваше на Стадионот на АРМ во организација на Авалон Продукција. Концертот на бендот, кој се одржа во рамките на летниот Скопје Колинг фестивал, освен што ги исполни музичките очекувања на бројните фанови од средната и помладата генерација, одржа и аудио-визуелна лекција за политички ангажиран музички настап, со акцент ставен на страдањето на Палестинците во Газа.
Elizabeth Fraser, Horace Andy, Deborah Miller се вокалите позади сите најголеми песни на MASSIVE ATTACK и овојпат испорачаа квалитетно издание на своите понови, но и некои постари песни на бендот.
Посебно беше впечатлива графиката која течеше на видео-бимовите за време на нивниот концерт, во која на македонски јазик и ќирилично писмо се сменуваа различни искази и факти кои се однесуваат на војната, која Израел, со огромна финансиска и воена помош на САД, Велика Британија и другите западни земји ја води против палестинскиот народ, меѓу другото, истакнувајќи дека САД му обезбедиле на Израел помош од над 310 милијарди долари од 1946 до 2025 година. Визуелната слика беше дел од поширока антивоена порака со која се критикува западната поддршка за тековната војна на Израел во Газа.
Познавачите на опусот на Масив Атак не беа изненадени од силниот политички наратив кој доминираше на сцената во Скопје бидејќи овој бенд, формиран во 1988 година во Бристол, Велика Британија, и досега отворено и бескомпромисно во своите настапи на концерти низ светот осудувал војни, посебно употреба на прекумерна сила против цивилно население, но имал и силни политички пораки кои се однесуваат на британските политичари, наменети за својата домашна, британска публика. Massive Attack јавно го осуди она што го опишува како „нелегална окупација, систем на апартхејд и неказниво убивање на илјадници Палестинци“ кое трае повеќе од три децении, според соопштението што бендот го објави во април годинава.
Во соопштението, кое музичарите на Масив Атак тогаш го издадоа во поддршка на панк-бендот Kneecap, кој се соочи со критики и откажување на концерти поради прикажување пораки за Газа, се вели дека групата стои зад уметниците „со морална храброст“ да зборуваат против уништувањето во Палестина.
„Газа е приказната. Геноцидот е приказната. А тишината, согласувањето и поддршката на тие злосторства против човештвото од страна на избраната британска влада е вистинската приказна“, истакнаа во соопштението музичарите кои стојат зад брендот Масив Атак.
„Како бенд кој јавно зборува повеќе од 30 години за нелегалната окупација, системот на апартхејд и неказнивото убивање на илјадници Палестинци, ние сме хипер свесни и за човечката цена на ужасното политичко молчење и за комерцијалните импликации од јавното изразување солидарност со угнетениот народ.“
Легендарниот британски трип-хоп бенд Масив Атак е оформен во далечната 1988 година во градот Бристол, а оригиналниот состав го сочинувале Роберт „3Д“ Дел Наџа, Грант „Деди Џи“ Маршал, Адриан „Трики“ Таус и Ендру „Машрум“ Воулс. Групата моментално ја сочинуваат Дел Наџа и Маршал.
Нивниот деби албум издаден во 1991 година, „Blue Lines“ е вклучен на бројни листи на најдобри песни и генерално се смета за прв албум од жанрот „трип-хоп“.
За перфектен крај на музичкото задоволство, активната и расположена публика на концертот во Скопје беше почестена и со изведбата на легендарната нумера на Massive Attack, Teardrop.