Во текот на 2021 година, „Макпетрол“ АД Скопје оствари вкупен приход во износ од 22,48 милијарди денари, кој е поголем од минатогодишниот за 5,72 милијарди денари, односно остварен е раст од 34,15%.
Во текот на 2021 година, продолжи пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, а со тоа и здравствената и економската криза, како на локално, така и на глобално ниво. На глобално ниво, во најголем број од западните земји, првите знаци на закрепнување на економијата, се почувствуваа уште на почетокот на годината со започнувањето на вакцинацијата против Ковид-19.
Во Република Северна Македонија масовната вакцинација започна во вториот квартал и продолжи сѐ до крајот на годината, што неминовно беше една од причините за олабавување на рестриктивните мерки, а со тоа и за зголемување на економската активност. Масовната вакцинација на глобално ниво доведе и до релаксирање на мерките за патување, со што повторно се отворија граничните премини и аеродромите, а туристичките патувања беа дозволени за граѓани кои се целосно вакцинирани. Глобалниот и локалниот развој на пандемијата, а и успешноста на справувањето со истата, неминовно влијае и врз работењето на „Макпетрол“ АД, односно на остварените квартални резултати. На квартално ниво, вкупните приходи во 2021 година бележат постепена стабилизација. Доколку се исклучи влијанието на трансакцијата за продажба на акцијата во АД „ГА-МА“, може да се заклучи дека вкупните приходи во третиот квартал речиси го достигнаа и предпандемското ниво, како резултат на посветеноста и ангажираноста на Раководството.
Во структурата на приходите, најголем удел со 94,90% имаат приходите од продажба, од кои 91,74% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 3,16% се остварени преку продажба на странски пазар.
Порастот на приходите, споредбено со минатата година, во најголем дел се должи на зголемените приходи на мало за 30,65%, а истите учествуваат со 87,17% во приходите од продажба. Трендот на пораст на приходите на мало во годината, се должи на:
- Зголемување на прометот со нафтени деривати за 12,98%;
- Зголемување на прометот на останатиот малопродажен асортиман (ДАС) за 16,22%;
- Значителното зголемување на прометот со метан за 90,39%.
Приходите на големо бележат раст од 17,46%, што во најголем дел е резултат на растот на продажбата на млазно гориво за 82,28%. Продажбата на млазно гориво се зголемува во втората половина на годината, како резултат на олабавувањето на Ковид-рестрикциите за патувања.
Вкупните расходи остварени во 2021 година се во висина од 20,95 милијарди денари што претставува зголемување во однос на минатата година за 4,58 милијарди денари или за 27,95%. Порастот во најголем дел се должи на зголемените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 31,07%. Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 86% од приходите.
Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои Друштвото има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето6 на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати. Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.
На графиконот подолу се прикажани движењата на расходите во илјади денари, со исклучок на набавната вредност, која е презентирана претходно.
Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на годината, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 1.526,3 милиони денари која е поголема за приближно четирипати од остварената добивка минатата година кога изнесуваше 381,05 милиони денари.
*6 Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ донесува одлуки за утврдување на највисоките малопродажни цени на нафтени деривати и горива за транспорт, а во истата се вклучени следниве деривати: Еуросупер БС-95, Еуросупер БС-98, Еуродизел БС (Д-Е V), Екстра Лесно 1 (ЕЛ-1) и Мазут М-1 НС.
На графиконот подолу е прикажана добивката пред оданочување за 2021 година, како и споредбата на позициите од билансот на успех со минатата година. Во истиот, со зелена боја, се прикажани позитивните движења, односно движења кои ја зголемуваат добивката, а со црвена боја се прикажани негативните, односно движења кои ја намалуваат добивката.
Врз база на остварените резултати, можеме да заклучиме дека Друштвото, со големиот ангажман на Раководството, како и на сите вработени, обезбеди услови за рентабилно работење на истото. Особено е важно да се истакне дека, со континуираното придржување до строгите превентивни здравствени протоколи, на сите локации на коишто Друштвото ги врши дејностите, во ниту еден момент не се загрози здравјето на вработените и здравјето на потрошувачите, а со самото тоа се овозможи непречено функционирање на Друштвото.
Исплатени дивиденди (вкупно и по акција)
Согласно Одлуката бр. 0201-28/2-3 за плаќање на дивиденда по Годишната сметка на Друштвото за 2020 година, донесена на 25-тата Седница на Собранието на акционерите одржана на 26.5.2021 година, Друштвото изврши исплата на дивиденда на 31.8.2021 година.
Дивидендата е исплатена во бруто-износ од 202.288.000 денари, односно 2.000 денари бруто-износ по акција.
Во табелата долу е прикажан дивидендниот принос во последните пет години.
Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис
Конечно во 2021 година се реализираше Спогодбата помеѓу „Макпетрол“ А.Д. и Владата на Република Северна Македонија, за продажба на уделот на „Макпетрол“ А.Д. во АД „ГА-МА“. Реализирањето резултираше со блок трансакција за продажба на акцијата, сопственост на „Макпетрол“ АД Скопје, во „ГА-МА’ АД Скопје.
Истата беше реализирана на 25.8.2021 година преку „Македонската берза на хартии од вредност“ АД Скопје.
Порамнувањето на трансакцијата, како и наплатата на вкупниот паричен износ беа реализирани на 27.8.2021, по што истата беше евидентирана во сметководствената евиденција на Друштвото. Како резултат, вкупните средства на Друштвото на 31.12.2021 година се намалија за 1,70% во однос на вредноста на вкупните средства на Друштвото определени врз основа на последните ревидирани годишни финансиски извештаи, заклучно со 31.12.2020 година. Дополнително постојаните средства се намалија за 12,44%, како резултат на намалувањето на Вложувањата во хартии од вредност за 53,09%
Промени во кредитните задолжувања
„Макпетрол“ АД ја подобри својата ликвидност и солвентност во текот на 2021 година, како резултат на продажбата на акцијата во „ГА-МА“ АД Скопје, односно користењето на паричните средства од продажбата за враќање на обврските по кредити на Друштвото. Намалувањето на обврските по кредити на Друштвото, резултираше и со подобрување и зацврстување на ликвидноста и солвентноста на Друштвото, а истото може да се забележи и преку долунаведените показатели кои се значајно подобрени.