Одличен успех за македонските банки. Вкупно 13-те банки во земјава во 2021-ва покажале завидни резултати во работењето. Сите без исклучок успеале да ја зголемат својата актива.
Што покажуваат бројките за богатството на домашните банки? Банките во Македонија минатата година тежеле 10,4 милијарди евра. Во 2020-тата година, пак активата на нашите банки изнесувала 9,3 милијарди евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека македонските банки во 2021 година станале побогати за дури една милијарда евра.
Банка | 31.12.2020 | 31.12.2021 | Ранг | Раст |
---|---|---|---|---|
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 132,637 | 148,587 | 1 | 15,950 |
СТОПАНСКА БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 106,028 | 114,103 | 2 | 8,075 |
НЛБ БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 96,831 | 107,943 | 3 | 11,112 |
ШПАРКАСЕ БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 26,408 | 73,580 | 4 | |
ХАЛК БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 66,995 | 72,825 | 5 | 5,830 |
ПРОКРЕДИТ БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 35,306 | 39,455 | 6 | 4,149 |
УНИВЕРЗАЛНА ИНВЕСТИЦИОНА БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 23,776 | 23,985 | 7 | 209 |
РАЗВОЈНА БАНКА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА А.Д. СКОПЈЕ | 11,997 | 14,498 | 8 | 2,501 |
СТОПАНСКА БАНКА А.Д. БИТОЛА | 11,015 | 12,016 | 9 | 1,001 |
ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 10,567 | 11,448 | 10 | 881 |
ТТК БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 8,854 | 9,160 | 11 | 306 |
СИЛК РОУД БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 6,950 | 7,896 | 12 | 946 |
КАПИТАЛ БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 2,737 | 3,169 | 13 | 432 |
ОХРИДСКА БАНКА А.Д. СКОПЈЕ | 45,399 |
*во милиони денари
ТОП 3 банките во земјава без променети позиции. Комерцијална банка е најбогатата банка во земјава, со актива од 2,4 милијарди евра. Оваа банка ја зголемила активата за 260 милиони евра.
Со актива од 1,9 милијарди евра второто место и припаѓа на Стопанска банка. Многу блиску до неа е третата по големина банка НЛБ Банка со 1,8 милијарди евра.
Од вкупно 10,4 милијарди евра колку што тежат македонските банки само првите три Комерцијална, Стопанска и НЛБ поседуваат 6,1 милијарди евра од богатството на банките.
По присоединувањето со Охридска банка, Шпаркасе банка е на четвто место според големината на активата. Оваа банка сега тежи 1,2 милијарди евра. Веднаш зад неа е Халк банка со 1,18 милијарди евра со што оваа банка е петта по големина во земјава. Својата актива успеала да ја зголеми за речиси 95 милиони евра во 2021 споредено со претходната 2020-та година.
Шестата по големина банка е Прокредит со актива од 642 милиони евра.Универзална инвестициона банка е седма банка според големината на активата која изнесува 390 милиони евра.
Следна на листата е Развојната банка на Северна Македонија со актива од 236 милиони евра, деветта позиција е Стопанска банка АД Битола со 195 милиони евра.
Централна кооперативна банка е на десето место со 186 милиони евра. ТТК банка поседува актива од 149 милиони евра и бележи зголемување за 5 милиони евра лани.
Најмали банки во земјава се Силк роуд банка и Капитал банка чии активи изнесуваат 128 милиони евра, односно 52 милиони евра.
Од Македонската банкарска асоцијација објаснуваат на што се должи порастот на активата кај банките.
,,Согласно објавените податоци од Народната банка, активата бележи пораст од 9% споредено со претходната година најмногу како резултат на пораст на кредитите од 8,5% и пораст на високоликвидната актива од 0,5% (што се должи на раст на депозитите и капиталот и резервите на банкарскиот сектор), велат од банкарската асоцијација.
Редакција Пари