ПОВЕЌЕ

    Македонски парадокс: Училишните клупи се празнат, платните списоци се дополнуваат

    Време зa читање: 6 минути

    Враќањето на иселените во Македонија, особено на младите парови, ќе ги заживее училиштата ‒ и основните и средните. Тоа би значело и дека владиниот повик до дијаспората да се врати дома, барем делумно е успешен. Сепак, такви ефекти нема да се видат на почетокот од оваа школска година. Кампањата почна неодамна, допрва треба да допре до тие на кои им е наменета, а многумина сѐ уште не ги (у)виделе причините зошто да не заминат одовде. Затоа и овој први септември голем број деца ќе слушнат училишни ѕвона на странски.

    Во училишните клупи ќе седнат 245 илјади ученици: 177.800 основци и 67.200 средношколци. Годинава се запишани 17.250 првачиња и 17.230 ученици во прва година во средното образование. На учениците во основното образование знаењата ќе им ги пренесуваат 16.747 наставници, а во средните училишта 6.709 професори. Податоците не се конечни, односно Министерството за образование ќе излезе со точни бројки на крајот од септември, кога вообичаено општините ги испраќаат финалните извештаи.

    Притоа, има значајна промена кај учебниците. Не недостасува ниту еден, а првпат по седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански, нагласи министерката Весна Јаневска. Освен тоа, новина е што од оваа учебна година, и децата и наставниците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција.

    Но, не е новина дека домашниот образовен систем веќе подолго време се соочува со намалување на бројот на учениците. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека трендот е изразен во деветолетките, но се празнат и средношколските клупи. Тоа носи сериозни последици за демографската структура, за идната работна сила и, секако, за самите училишта.

    Порталот Пари направи анализа на движењата во оваа област во последната деценија.

    Во учебната 2015/2016 година во основните училишта низ земјава се запишале 185.229 ученици, а во минатата 2024/2025 година – 178.353 основци. Разликата е минус 6.876 ученици. Слична, но нешто полоша, е бројната состојба во средните училишта: 72.799 запишани во 2015/2016 наспроти 64.167 во учебната 2024/2025. Помалку е за 8.632 средношколци.

    Сепак, падот не е праволиниски. Во последната деценија бројот на ученици и во основното и во средното образование варира. Има периоди кога статистиката бележи нагорни промени, но сепак, крајниот резултат е поразителен.

    УЧЕНИЦИТЕ ВО МИНУС, ПАРАЛЕЛКИТЕ СЕ МНОЖАТ

    Кога се зборува за намалувањето на ученичката популација, како најилустративен пример се зема бројот на запишани деца во прво одделение. Во овој сегмент статистичките податоци се од учебната 2018/2019 година, кога имало 22.130 првачиња. Овде има прекин во линијата на пад само во учебната 2020/2021 година. Понатаму, повторно е по надолна линија.

    Наспроти овој тренд, училиштата се трудат тоа да не се одрази во бројот на паралелките. Ученици се губат, а паралелки се множат. На пример, учебната 2018/2019 година почнала со вкупно 10.919 паралелки и 188.102 ученици, а минатата, 2024/2025 година со 180.627 основци распоредени во 11.190 паралелки. Во тој седумгодишен период бројот на учениците се намалил за 7.475, а бројот на паралелките е зголемен за 271.

    Паралелките што ја претставуваат новата сила, прво на училиштата, а потоа и на државата, тие со првачиња, се зголемуваа сѐ до учебната 2021/2022 година, кога достигнаа бројка од 1.176. Потоа има мало намалување. Конкретно, во 2018/2019 во основните училишта биле отворени 1.136 паралелки, а минатата година биле забележани само две помалку ‒ 1.134. Промената изгледа занемарливо, но зад неа е јасниот сигнал – секоја генерација има сè помалку деца на почетокот од образовниот процес.

    АКО НЕ СЕ ВО СТРАНСТВО, ДЕЦАТА СЕ ВО СКОПСКИТЕ УЧИЛИШТА

    Притоа, статистичките податоци упатуваат и на регионални различности. Скопскиот Регион е карактеристичен според тоа што бројот на ученици дури и благо расте низ годините – од 61.583 (2015/2016) на 69.162 (2024/2025), што е резултат од плус 7.579 основци. Оттаму може да се претпостави дека тие што не заминале во странство, се населиле во главниот град. Реалноста на сите други региони е пад кај вкупниот број на ученици во основните училишта.

    Најкритично е во Полошкиот Регион, каде што десетгодишната негатива се мери со 3.864 загубени ученици ‒ од 29.632 (2015/2016) на 25.768 (2024/2025). Зад него се Југозападниот, па Источниот Регион, што е уште еден знак за постепеното празнење на помалите градови и руралните средини.

    ВО 10 ГОДИНИ – ПЛУС 1.806 НАСТАВНИЦИ

    Значи, без оглед на тоа што нема доволно деца, паралелки мора да има, макар и со десетина ученици, затоа што наставниот кадар се засилува.

    Статистиката е децидна: во учебната 2015/2016 година имало 17.641 наставник, а десет години подоцна (2024/2025) основните училишта функционираат со 19.447 наставници.

    Неодамна, сите штипски основни училишта побараа согласност од Министерството за образование да формираат паралелки со помал број ученици. Не само во прво, туку и во петто, шесто и осмо одделение. Причината е, рекоа, масовното иселување.

    Законските одредби за основното образование предвидуваат дека паралелка може да се формира со најмалку 20 ученици. Во некои средини, како што е штипскиот случај, има паралелки и со десетина основци.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично