
На 21 октомври, во реновираната свечена сала на ООУ „Димитар Миладинов“ од Скопје, се одржа осмиот и најголем регионален Саем за наука, манифестација која ги обединува училиштата, општествено одговорните организации и компании со цел да ја инспирира идната генерација на научници и истражувачи. Овој настан, кој се поклопи со отворањето на обновената сала, беше идеален за претставување на напорите што училиштето ги вложува во развојот на науката и образованието.
Настанот обедини над 300 учесници – ученици, наставници, ментори и партнери – кои уживаа во ден полн со експерименти, иновации и научна магија. Сите беа обединети околу една заедничка мисија: да ја направиме науката жива, достапна и забавна!
Саемот го отвори директорот на училиштето, г-дин Божо Бубало, кој истакна дека оваа манифестација претставува важен чекор кон создавање на научна атмосфера во училиштето и дека тој со гордост го претставува „Димитар Миладинов“ како дом на младата енергија и иновациите.
Поддршката на науката во образованието не е само желба – тоа е стратешка насока која го гради идниот развој на нашето општество. Министерството за образование и наука континуирано вложува во модернизација на наставата, подобрување на инфраструктурата и создавање нови можности за учениците и наставниците да растат преку наука и иновации. Присуството на државниот советник за наука во Министерството, г-ѓа Светлана Пинева, денес беше потврда на таа посветеност и за нас беше голема чест што беше со нас на овој значаен настан.
Наредниот говорник беше г-ѓа Милка Тримчевска, директор на Бирото за развој на образованието, која секојдневно се залага за квалитетно, современо и применливо образование. Таа посебно ги поздрави партнерствата кои се реализираат со Македонија2025 во рамките на проектот „Науката и јас“ и ја нагласи важноста на поддршката за наставниците по природни науки, кои играат клучна улога во воспитувањето на идните научници.
Без проектот „Науката и јас“, кој е поддржан од Џонсон Мети програмата за влијание на заедницата и спроведен од Македонија2025, не би биле возможни ваквиот настан и оваа посветеност. Со својот говор, Никица Мојсоска Блажевски, извршната директорка на Македонија2025, ја потенцираше важноста на иницијативата и енергијата која стои зад неа. Програмата за влијание на заедницата обединува стручност и ресурси на Џонсон Мети со потребите на локалната заедница, создавајќи позитивно влијание на младите луѓе и нивните образовни амбиции. Овој проект е во согласност со нивната стратегија за поддршка на научни и образовни иницијативи во Македонија и пошироко, но и преставува настан кој обележува почеток на третиот циклус на имплементација од страна на Македонија2025.
Звонко Танев, менаџер за квалитет во Џонсон Мети, го сподели своето искуство како дел од компанија која ја применува науката во производствениот процес, давајќи ни ценети примери за тоа како науката се користи за решавање на реални проблеми.
На овој регионален Саем за наука, околу 100 ученици-презентери од 11 основни училишта ги споделија своите научни проекти, модели и експерименти во области како природни науки, физика, хемија, биологија и географија – инспирирајќи ги своите врсници со знаење и креативност. Училиштата учесници на осмиот регионален Саем за наука беа:
- ООУ „Блаже Конески“ од Велес, со ментор наставничката Ружица Петрушевска – Николовска
- ООУ „Гоце Делчев“ од Тетово, со ментор наставничката Александра Ристоска
- ООУ „Јосип Броз Тито“ од Валандово, со ментор наставниците Елена Андонова и Габриела Ашикова
- ООУ „7 Марси“ од Челопек, со наставниците Ајтене Адеми и Мерита Емини
- ООУ „Гоце Делчев“ од Градско, со наставник Љупка Петрова
- ООУ „Шемшево“ од Шемшево и ООУ „Симче Настевски“ од Вратница (Јегуновце), со наставник Шадије Фетаи
- ООУ „Гоце Делчев“ од Василево, со наставник Томе Китановски
- ООУ „Димитар Македонски“ од Скопски Аеродром, со наставник Дијана Ивановска
- ООУ „Антон Зако Чајупи“ од село Отља (Липково), со наставник Азимене Фетаи
Глас од теренот – што велат учениците? „Учество на Саемот за науката беше прекрасно доживување исполнето со возбуда, насмевки и многу нови знаења. Со гордост ги презентиравме нашите експерименти пред бројните посетители кои со љубопитност и интерес нè слушаа. Атмосферата беше навистина посебна – толку многу енергија, креативност и дружење на едно место! Голема благодарност до Џонсон Мети за поддршката и охрабрувањето – нивното присуство ни значеше многу!“ – Ученичка од Скопје
На крајот, Саемот „Науката и јас“ уште еднаш потврди дека е клучна платформа за поттикнување на љубовта кон науката и иновациите, која ќе продолжи да инспирира и мотивира идни генерации научници и истражувачи.
Проектот „Науката и Јас“, поддржан од Џонсон Мети – програмата за поддршка на заедницата, досега инспирираше над 1500 ученици и обучи повеќе од 100 наставници, со цел да ја донесе науката поблиску до секое дете во Македонија.
Проследете ја фотогалеријата од највпечатливите моменти од денот – и дозволете си и вие да бидете инспирирани!
Аналитика








