ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНИЈА УГОСТИЛА НАД ЕДЕН МИЛИОН ТУРИСТИ – Секој трет го посетил Скопје

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата година нашата земја ја посетиле 734.139 странски туристи, а истовремено се евидентирани 434.591 домашен турист. Така, според податоците од Државниот завод за статистика, лани во земјава имало 1.168.730 туристи. Секако, ова е официјалната евиденција која не вклучува разни неофицијални издавања на сместувања и нерегистрирани гости.

    Податоците покажуваат дека во 2023 вкупниот број на туристи е за 20,6 проценти поголем отколку во 2022 година. Притоа, бројот на домашните туристи е речиси ист, односно зголемен за 0,6 проценти, додека бројот на странските туристи е зголемен за дури 36,6 насто.

    ПОМАЛКУ ОД ТРИ НОЌЕВАЊА ПО ГОСТИН

    Туристичките работници истакнуваат дека од бројот на туристи е поважен податокот за бројот на ноќевања. Добрата вест е што и тука имаме зголемување, но помало од растот на бројот на гостите. Зголемувањето на бројот на ноќевањата во 2023 во однос на 2022 година е 10,1%, а притоа бројот на ноќевањата на странските гости забележал раст од 22,9%, а на домашните 1,4%. Вкупниот број на реализирани ноќевања во текот на минатата година е 3.135.767. Математиката покажува дека лани, во пресек, секој турист немал ни три ноќевања, или математички тоа се 2,7 ноќевања.

    Според податоците од Државниот завод за статистика, многу повеќе ноќевања по турист оствариле домашните гости – 1.728.469, што е 1,4% повеќе отколку во 2022 година. Бројот на ноќевањата на странските туристи е 1.407.298 и тој е за 22,9% поголем од претходната година. Но, ако се гледа просекот, тој покажува дека домашните гости останувале по 4 дена на туристички престој, додека странските по речиси два дена.

    Странските туристи, според туристичките работници, често врзуваат и регионални тури и доаѓаат накусо да го посетат Скопје.

    НАЈПРИВЛЕЧЕН ЕЗЕРСКИОТ ТУРИЗАМ

    Анализата на порталот „Пари“ покажува дека најпривлечен за туристите останува езерскиот туризам, но гостите значајно се интересирале и за посета на Скопје. Според податоците, низ Скопје лани минале 375.824 гости, или секој трет турист е посетител на главниот град. Вкупниот број на гости евидентирани како езерски туристи е 530.266, што значи дека секој втор (математички 2,2) дошол да одмора крај езеро.

    Во 2022, пак, Скопје го посетиле 298.733 лица, или секој трет турист, што значи дека истиот тренд се задржал и во 2023 година. Езерата преклани биле посетени од 450.296 туристи, или речиси секој втор (слично како и лани) бил привлечен од езерската убавина.

    ТУРЦИТЕ НАЈМОГУ НИ ДОАЃАТ НА ГОСТИ

    Турските туристи веќе традиционално стануваат најбројни во Македонија. Минатата година нивниот број бил 195.448, а на второ место се Србите – 71.012 туристи.

    И Грците ни дошле во солиден број. Лани биле регистрирани 39.971 грчки турист. Од Бугарија сме имале 24.676 гости, а од Холандија 23.829.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично