ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНИЈА ПРЕД ФИНАЛИЗАЦИЈА НА ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР СО САД: Тарифи до 15 проценти

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија е во завршна фаза од преговорите со Соединетите Американски Држави за нов трговски аранжман што треба да донесе поповолни услови за извоз на домашните производи на американскиот пазар. Според најавите од Владата, договорот би можел да постави горна граница на царините од 15 проценти, а за одредени стратешки сектори тие да бидат и пониски.

    Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информира дека двете страни се „многу блиску“ до финализирање на договорот, а објавувањето на заедничка изјава го оцени како јасен сигнал дека процесот влегува во завршница. Тој појасни дека ваквата практика е вообичаена во меѓународните трговски односи – најнапред се усогласува политичка рамка преку заеднички документ, по што следуваат правните и институционалните процедури за негово формално стапување во сила.

    „Во овој момент можам да потврдам дека највисоката тарифа ќе изнесува 15 проценти, што е пониско од нивото што го имаат бројни земји, вклучително и од регионот. За неколку клучни производи и индустрии ќе има уште поповолни услови“, изјави Муцунски.

    Тој нагласи дека веќе постојат македонски производи што се пласираат во САД со царински давачки под 15 проценти, што, според него, покажува дека разговорите се движат во позитивна насока. Сепак, поради чувствителноста на преговорите, засега не се соопштуваат повеќе детали.

    Министерот потенцира дека документот што ќе произлезе од процесот ќе биде јавно достапен и, доколку е потребно, ќе помине и собраниска процедура. Тој оцени дека станува збор за „колективен успех“, имајќи предвид дека во разговорите биле вклучени повеќе институции, како и дека САД во моментов водат паралелни преговори со голем број држави.

    „Фактот што на Македонија ѝ се дава приоритет, иако сме релативно мала економија за американскиот пазар, говори за значењето на стратешкото партнерство со Вашингтон“, посочи Муцунски, изразувајќи очекување дека конечниот исход ќе донесе директни придобивки за деловната заедница.

    Во контекст на регионалната конкуренција, тој потсети дека дел од соседните земји сè уште се соочуваат со значително повисоки тарифи во трговијата со САД. Доколку договорот се финализира во најавената форма, македонските извозници би можеле да добијат поповолна позиција на еден од најголемите светски пазари, што би имало пошироко влијание врз економскиот раст и конкурентноста на земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично