Секако ќе има решение за гасот, изјави денес министерката за енергетика Сања Божиновска на денешниот брифинг во Министерството за енергетика и рударство, откако новинарите ја прашаа има ли Македонија причина за загриженост по одлуката на Европската Унија да го прекине транзитот на рускиот гас преку своја територија. „Тоа важи за краткорочните договори, колку што ми е познато, но бидејќи го ставија од 1.1.2027 година, мислам дека ќе има уште некое подобрување“ одговори Божиновска. „За долгорочните не влијае ништо тука. Македонија троши 500 илјади метри кубни гас, тоа не е големо количество“, додаде таа.
Според ресорната министерка, секако ќе има решение за гасот на ниво на ЕУ, односно секако дека нема да не остават без гас. Таа вели – ќе има разговори во Брисел и ќе се пронајде алтернативно решение. Нашата потрошувачка е многу мала во однос на она што другите го трошат, потсети Божиновска.
На новинарското прашање до каде е работата со Александропулос за која што на месечно ниво плаќаме по 250 илјади евра по основ на договорот, и што во случај ако не го направиме гасоводот, министерката Божиновска потсети дека државава уредно ги плаќа фактурите за годишен закуп на капацитет во новиот терминал во Александрополис иако тој не работи. „Поднесени се кривични пријави бидејќи не работи, а ние плаќаме веќе година дена, но немам информации дека нешто е процесирано. Тоа е договор склучен на 15 години и мора да се плаќа.“
„Времето ќе покаже дали со сегашнава одлука на Европската унија парите што сега ги плаќаме, се за џабе. Засега плаќаме нешто што ниту сме можеле да го користиме. Немаме начин да го раскинеме договорот. Имаме ангажирано правни служби кои работат на оваа проблематика“, рече министерката Божиновска.
Советот на ЕУ вчера постигна договор за преговарачката позиција на земјите членки за Предлог-регулативата за прекин на увозот на руски енергенси.
Со предложената регулатива се предвидува од 1 јануари 2026 година да почне постепената забрана за увоз на руски енергенси, со што од 1 јануари 2028 година би уследила целосна забрана за увозот на природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од Русија. Во овој период би продолжил увозот договорен пред 17 јуни 2025 година и тоа до 17 јуни 2026 година за краткорочните договори и до 1 јануари 2028 година за долгорочните.
(Фото: Архива на Министерство за енергетика и рударство)