На Македонија и е потребен годишен економски раст од пет проценти за да се приклучи кон земјите од регионот и пошироко. За да се постигне тоа мора да се расчисти корупцијата, да се намали сивата економија, да се подобри образованието…, но тоа бара и сплотеност, здружување на силите – е пораката од првиот ден на 13. Самит „Македонија 2025“. Оттука ќе излезат многу јасни пораки кои би сакале да допрат до граѓаните, до бизнисите, да допрат до политичарите, рече Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025, посочувајќи дека во остварувањето на целта ќе се користи потенцијалот на дијаспората.
Напредокот е бавен и недоволен за да ги постигнеме нашите цели и неопходни се силни и решителни активности, порача Мојсовска Блажевски на отворањето на Самитот, укажувајќи дека на повеќето меѓународни рангирања и во извештаите државата заостанува и зад земјите во регионот и зад аспиративните врсници. Освен тоа, посочи дека предизвици се и големите геополитички промени кои влијаат на малите економии, како и големиот одлив на мозоци.
„Се чини дека нови линии на поделба континуирано се развиваат во земјата. Нискиот животен стандард и нискиот квалитет на живот дополнително ја влошуваат поделбата што доведува до битка за тоа кој ќе го зграби поголемиот дел од јавниот колач – јавни вработувања, тендери, злоупотреба на јавните ресурси итн. Етничката поделба е силна и се чини дека навлегува во секоја суштинска дискусија и јавна дебата. Долгата транзиција и отсуството на значаен напредок ги попречуваат нашите погледи кон реалноста и нашата способност да размислуваме долгорочно. Сегашните геополитички случувања дополнително наметнуваат сложеност и неизвесност на целокупното окружување и на расположивиот простор за реформи. Сето ова, како и бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, нешто што е цел на секој ,граѓанин во оваа држава, повикува на интензивна и темелна акција во наредниот период“ нагласи Мојсовска Блажевски.
„Една визија за забрзан раст“ е платформата за здружување на патот до просперитетот, а извршната директорка на Македонија 2025 потсети на основите врз кои се темели:
„Фундаментите на оваа визија се: нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над пет проценти преку зголемени инвестиции во образование, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитена и ефикасна јавна администрација и пристапување во Европската унија. Апелираме и ги повикуваме политичките партии, бизнис заедницата, академската јавност и сите граѓани да ги здружиме напорите и ресурсите за создавање подобра иднина. Мора да ги мобилизираме сите наши ресурси денес за да ја обликуваме нашата иднина“. Воедно, Мојсовска Блажевски најави дека Македонија 2025 ќе ја активира целата своја мрежа и ресурси за да ги поддржи овие принципи кои се основа за забрзан раст.
За бизнис заедницата и за тоа како државата да оди напред, важни теми се меритократијата, борбата против корупцијата, потребата од инфраструктура која како држава ќе не направи поконкурентни, нагласи членот на Одборот на директори на Македонија 2025, Живко Мукаетов.
„Тука е и темата за тоа како извозот да порасне, како образовниот систем да биде подобар… Сето тоа е потребно за да дојдеме до конечната цел – пет проценти годишен раст на бруто националниот доход, за да може државата да фати економски приклучок со сите останати земји и во регионот и пошироко“, рече Мукаетов.
За да се постигне тој процент на економски раст потребни се иновации и нови технологии, посочи Васко Кроневски, член на Одборот на директори.
„Неопходна е дигитализација на владините услуги за граѓани, на владините услуги за компании, но неопходни се и дигитална писменост за граѓаните и дигитални бизниси. Подготвени сме заедно со владата да им помогнеме на бизнисите да се трансформираат дигитално. Во голема мера постои начин како државата може да помогне. Постојат многу начини како може да се поттикне развојот на малите и средни претпријатија низ дигитализација. Треба сите да работиме на создавање еко-систем за дигитализација на малите претпријатија“, рече Кроневски.
На неопходноста од нула толеранција на корупцијата, од агилна влада, од дигитализација на малите и средни претпријатија и од зачленување во ЕУ, укажа и коосновачот на Македонија 2025, Мајк Зафировски, кој додаде дека тие ефективно ќе лобираат за да придонесат за напредокот.
Сепак, од Македонија 2025 велат дека постојано подаваат рака затоа што сакаат да и помогнат на која и да е влада во насока на подобрување на системот за привлекување инвестиции, странски и од дијаспората, но досега не е постигнат голем успех. Нагласуваат – за да има што повеќе инвестиции од дијаспората неопходни се стабилни институции, економски можности за инвестирање и искоренување на корупцијата. Како приоритет го наведоа и брендирањето на државата, на што треба да се работи за да стане препознатлива како бизнис или дестинација со одлични образовни институции…
Исто така од Македонија 2025 нагласуваат дека се невладина организација, чии членови инвестирааат време, енергија и средства, но за да има поголем импакт мора да имаат соработка со владата и со владините институции.