Македонските граѓани за дванаесет месеци лани си купиле недвижности со вкупна вредност од речиси 600 милиони евра, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности. Од нив највредни биле становите за кои потрошиле повеќе од половина од парите или речиси 317 милиони евра. Најголемите трансакции паднеле предновогодишно, или во последните три месеци од годината, од октомври до крај на декември кога граѓаните купиле недвижности тешки над 200 милиони евра. Последните податоци на Агенцијата за катастар за четвртиот квартал покажуваат дека граѓаните тогаш купиле 140.264 метри квадратни во станови за кои платиле нешто повеќе од 100,8 милиони евра. За куќи потрошиле 19,5 милиони евра. Нешто над 39 милиони евра чинеле деловните простории кои ги купиле во последниот квартал лани, а со останатите пари Македонците се „подновиле“ и со индустриски објекти, земјоделско и градежо земјиште и други недвижности.
Во овој период се продадени недвижности со површина од неверојатни 6.585.458 метри квадратни. Но најголема квадратура отпаѓа на земјоделско земјиште 4.446.287 метри квадратни.
Како „алва“ се купувале становите во Карпош
Податоците на Агенцијата за катастар на недижности покажуваат дека во четвртиот квартал лани најголем број продадени станови има во скопските општини. Така во општина Карпош биле продадени вкупно 368 станови, следува Аеродром со 249, па Центар со 212 и Кисела Вода со 158 продадени станови. Интересно е дека Охрид има продадени станови помалку и од Кисела Вода, односно 137, а е највисоко на листата од другите градови во земјава по продажбата на станови.
Најголем број пак продадени продадени куќи има на територијата на општина Велес, односно во овој период се продадени 28 куќи. Додека пак најмногу продажби на деловен простор имало на територијата на општина Центар каде што се продадени 42 деловни простори. Најмногу недвижности од типот на земјоделското земјиште се продадени во општината Струмица со 60 продажби, додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Прилеп со 48 продажби. Во овој квартал се регистрирани и продажби на 29 индустриски објекти и тоа во поголем број на општини.
Најдолу пак на листата се општините Пласница, Лозово, Конче, Зрновци и Вевчани со по една продажба и тоа во првите четири општини земјоделско земјиште, а во Вевчани градежно земјиште.
Најскап бил квадрат стан во скопските општини – двојно поскап од Штип
Од октомври до крај на декември лани најскапо се продавал квадрат стан во скопските општини. Така најскап квадрат имало во општина Карпош, или за метар квадратен станбена површина граѓаните плаќале по 61.005 денари или податоците покажуваат дека цената на метар квадратен во Карпош за еден квартал пораснала за над 10 евра бидејќи во третиот квартал изнесувала 60.398 денари.
Втора општина по продажба е Центар каде исто становите се продале по повисока цена за метар квадратен. Така во четвртиот квартал во Центар становите се продавале по 60.121денар за метар квадратен, а претходниот квартал за просечни 59.855 денари за метар квадратен.
Трет најскап квадрат има Аеродром каде цената за еден кварттал рипнала за неверојатни 2.000 денари по квадрат. Така во последниот квартал лани метар квадратен во Аеродром се продавал по 52.732 денари, а претходното тримесечје за 50.739 денари.
Овие цени за метар квадратен во скопските општини се двојно повисоки од тие во другите градови во земјава. Освен Охрид кој по цените се приближува накај скопските општини другите градови имаат двојно пониски цени од скопските општини. Така метар квадратен станбена површина во Куманово се купувала по 29.546 денари за метар квадратен.
Новинар Ф.А
Графичка обработка: Виктор Ѓуровски