Просечната каматна стапка на вкупните депозити во мај е 1,22, а на вкупните кредити 5,09 проценти. Зголемени се нивоата и на двете стапки, покажуваат последните податоци од Народната банка.
Кај кредитите просечната каматна стапка бележи месечен и годишен раст од 0,01 и 0,81процентен поен, соодветно. Просечната стапка на вкупните депозити има месечен раст од 0,05, а годишен за 0,55 процентни поени.
За новоодобрените кредити просечната мајска каматна стапка изнесува 5,32 проценти. Тука има месечно намалување од 0,12 п.п. На годишна основа, пак, е повисока за 1,35 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити бележи месечен пад од 0,30 п.п. и изнесува 1,93 проценти, додека на годишно ниво оствари раст од 1,17 п.п.
Корпоративен сектор – Податоците од Народната банка упатуваат на тоа дека просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор во мај е 4,81 процент. Нивото е достигнато по месечното зголемување од 0,02 п.п. Оваа промена е резултат на растот на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,08 п.п. и 0,04 п.п., соодветно), а каматните стапки на кредитите во странска валута се намалени за 0,09 п.п. На годишна основа, пак, стапката е повисока за 1,38 п.п.
Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во мај е 5,36 проценти, со остварен месечен пад од 0,17 п.п. Притоа, промената произлегува од намалувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,68 п.п. и 0,46 п.п., соодветно), во услови кога каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула бележат зголемување (за 0,16 п.п.).
Кај новоодобрените кредити на овој сектор стапката забележа годишен раст од 1,90 п.п.
Од аспект на депозитите на корпоративниот сектор, просечната каматна стапка изнесува 1,92 проценти, што претставува месечно зголемување од 0,10 п.п. Растот, како што посочуваат од Народната банка, се должи на нагорните поместувања кај сите компоненти: каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,12 п.п. и 0,08 п.п., соодветно), како и на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Во споредба со ланскиот мај оваа стапка е зголемена за 1,05 п.п.
За новопримените депозити на корпоративниот сектор стапката во мај е пониска за 0,12 п.п. на месечна основа и изнесува 1,5 проценти. Од аспект на валутната структура, намалувањето е резултат на падот на каматните стапки на депозитите во девизи и на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 1,58 п.п. и 0,08 п.п., соодветно), при остварен раст на каматите на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,58 п.п.). Стапката на новите депозити на корпоративниот сектор бележи годишен раст од 0,39 п.п.
Домаќинства – Во мај каматната стапка на вкупните кредити изнесува 5,34 проценти. Се задржа на априлското ниво, додека годишно има раст од 0,28 п.п.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити е со месечно намалување од 0,01 п.п. и изнесува 5,25 проценти. Надолната промена се должи на падот на каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,28 п.п. и 0,12 п.п., соодветно), а во услови на раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,23 п.п.). Анализирано на годишно ниво, оваа каматна стапка е повисока за 0,72 п.п.
За вкупните депозити на граѓаните во мај стапката пораснала за 0,04 п.п. на месечна основа и изнесува 1,15 проценти. Што е резултат на повисоките каматните стапки на двлоговите во девизи и на стапките на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п., соодветно). Минимален пад од 0,01 процентен поен има кај каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула. Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата забележа годишен раст од 0,49 п.п.
Намалување од 0,16 п.п. има стапката на новите депозити, која изнесува 2,18 проценти. Според Народната банка, промената се должи на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,38 п.п.), во услови кога каматите на депозитите во девизи оствариле раст (за 0,16 п.п.). Во мај кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Споредено на годишно ниво, оваа стапка бележи раст од 1,56 п.п.