Визија за нов почеток и суштинска промена во начинот на функционирање на Карпош, најави кандидатката на СДСМ за градоначалник на оваа општина, Маја Мојсова Мијовска. Карпош е нашиот дом, нашите улици, дворови, училишта, спомените од детството и надежите, порача таа.
Карпош, како што нагласи, се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, темни улички, преполните паркинзи, оштетени јавни површини, недостиг на зеленило и простор за децата, нефункционална инфраструктура.
Мојсова ја претстави својата програма за темелна трансформација на Карпош, базирана на инклузивност, транспарентност, зелена енергија, квалитетна социјална грижа и развој на младиот потенцијал.
„Реконструкција на секој кварт. Нови паркови, осветлување, дрвореди, детски игралишта. Грижа за зеленилото со системски пристап. Домови на култура и центри за млади во помалите населби, подобрување на водоводната и канализациска мрежа, јавни консултации, транспарентна администрација, засилена контрола од граѓанскиот сектор, поддршка за мали бизниси и иновации се само дел од програмата“, потенцира Мојсова.
Особено значајни проекти во програмата за Карпош се и младински културен и спортско рекреативен центар, нови детски градинки во Влае, Нерези и покрај Вардар, со што ќе се стави крај на листите на чекање.
„Карпош ќе добие свое претпријатие за хигиена, паркинзи и јавен ред, со специјализирани возила и опрема, со цел чистота и уредност во секоја улица. Во најоптоварените зони, Лептокарија, Влае, Карпош 4, кај Воената болница, ќе се постават монтажни паркинг платформи со бесплатен паркинг за жителите на Општината“, наведе Мојсова Мијовска.
Програмата опфаќа и поддршка за децата и образованието со субвенции и бесплатен базен, мобилна здравствена заштита и грижа за ранливите, ангажирање на пензионерите.
„Како лекар, научив дека ништо не се решава со одложување, дека секоја криза бара знаење, брза реакција и тимска работа. Сега е време да ги споиме зборовите со дела. Да гласаме за број 5, за надеж, за доверба, за нашиот дом Карпош. Број 5 за Карпош што го сакаме“, порача Мојсова Мијовска.