ПОВЕЌЕ

    ЛУКСУЗНИОТ РИЦ-КАРЛТОН НА МЕСТОТО НА ЛЕГЕНДАТА: Некогашниот хотел Југославија заменет со ексклузивен станбено-деловен и хотелски комплекс

    Време зa читање: 4 минути

    На местото на некогаш легендарниот белградски хотел Југославија, покрај Дунав, ќе се гради модерен хотелски комплекс Риц-Карлтон. Огромното здание на некогашниот хотел веќе некое време е во фаза на уривање.

    Според најавите на инвеститорот, во 2027 година Белград ќе добие нов хотел, луксузниот Риц-Карлтон. Договорот за изградба го потпишаа претставници на компаниите „Мериот интернешнл“ и „Денјуб Риверсајд“. Инвестицијата е вредна близу половина милијарда евра.

    На местото на денешниот хотел Југославија ќе никне хотел „Риц Карлтон“ со 190 соби, две кули, деловна зграда со 34 ката, станбена зграда со 42 ката и марина на Дунав.

    „Преку доаѓањето на брендот Ritz-Carlton, Белград се позиционира како глобално препознатлива дестинација за луксузен туризам, што е од корист не само за туристичката индустрија, туку и за економијата, културата и инфраструктурата на нашиот град“, вели Иван Бошњак од Компанија покрај реката Денјуб.

    „Мериот груп“ има 550 хотели низ светот, а за три години на таа листа ќе се најде и белградскиот хотел. „Ние не сме компанија која продава само соби и храна, продаваме уникатно искуство и затоа нашите гости постојано се враќаат. Драго ни е што дојдовме во Белград, бидејќи Србија и нејзиниот главен град брзо се развиваат, а не се сомневам дека нашиот хотел ќе биде еден од најуспешните во Белград“, нагласува Сандип Валија од „Мериот интернешнал“.

    Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали изјави дека Мериот донела добра одлука да изгради хотел во Србија, земја која има инвестициски кредитен рејтинг, растечка економија и макроекономска стабилност. „Дојдовте во земја со рекордно ниска невработеност, во земја која држи рекорд по директни странски инвестиции, бидејќи дури 63,64 отсто од сите директни странски инвестиции во Западен Балкан доаѓаат во Србија“, рече министерот Синиша Мали.

    Последниве години гостите на Белград се почесто избираат да престојуваат во хотели од висока категорија, па затоа е добредојдена изградбата на уште еден хотел со пет ѕвезди.

    Хотелот „Југославија“ во Белград, некогаш најлуксузната угостителска зграда на поранешна СФРЈ и најголемиот и најмодерен објект од ваков вид во поранешната држава, по подолг период на запуштеност и тешко живуркање, минатата година беше продаден на јавна аукција. Познатиот објект на кејот Земун, земјиштето кое му припаѓа, како и сите уметнички дела (некои од големо историско значење) беше купен од компанијата „МВ Инвестментс“.

    Огромното здание, изградено во 60-те години на минатиот век, имаше седум ката, помошни згради, 1.500 соби, 23 апартмани, ресторан, зимска градина, тераса за појадок, бар и ноќен клуб и некогаш беше апсолутен бисер на хотелиерството во Југославија, угостувајќи ги највисоките државници, јавни личности и политичари од целиот свет, кои ја посетуваа тогашната престолнина на државата.

    Во холот пред салата за свечени банкети се наоѓал најголемиот лустер „Сваровски“ во тоа време во светот, кој исто така се нашол во Гинисовата книга на рекорди. Лустерот бил долг 30 метри и широк 5 метри, во правоаголен формат и тежина 14 тони, со 40 илјади кристали и 5 илјади светилки, кој бил и инспирација на изгледот на фасадата. Го преживеал и НАТО бомбардирањето, но веќе не е најголем ниту во Европа. Во медиумите имаше најави дека лустерот ќе биде зачуван, како единствен спомен на некогашното здание.

    Симболиката на судбината на хотел „Југославија“ наликува на судбината на земјата чие име гордо го носел сите овие години, но и на судбината на повеќето хотели од таа ера.

    (Фото: РТСрбије принтскрин)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично