На Карпош му е доста од бетонизација. Нашата Општина, која со години важеше за пример на хумано и квалитетно живеење, денес е под притисок на непланска градба, урбанистички решенија кои ја гушат секоја населба. На Карпош му е доста од градби кои го одземаат зеленилото и создаваат бетонски џунгли, нагласи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на оваа скопска општина, Сотир Лукровски.
„Јас велам ‘не’ за дуповите по мерка на урбаната мафија и ‘не’ за пренатрупување на нашите населби. Досега видовме како интересите на мал број инвеститори беа ставени пред интересот на граѓаните. Сведоци сме како паркови, игралишта исчезнуваа, а на нивно место никнуваа згради. Луѓето од Карпош живеат во страв дека паркот пред зградата, дека дрвото до нивниот влез, дека просторот за нивните деца, ќе стане само уште една нова градежна парцела.
Јас Сотир Лукровски, ви ветувам дека тоа ќе престане“.
Според него, идното раководство на Општина Карпош ќе направи неколку клучни чекори. Прво, целосна ревизија на сите детални урбанистички планови, дупови. Секој план што е донесен спротивно на јавниот интерес ќе биде вратен и преиспитан. Ќе се формира ЈП „Карпош план“, кое ќе биде под целосна контрола на Општината и на граѓаните и ќе изработува планови во интерес на хуманата урбанизација, а не по нечија нарачка.
„Гарантирам отворен процес на консултации со жителите и ниту еден план нема да се носи без транспарентна дебата и директна вклученост на оние што живеат во таа населба“.