ПОВЕЌЕ

    ЛУДИЛО СО ЦЕНИТЕ, Кои 10 прехранбени производи најмногу поскапеле?

    Време зa читање: 6 минути

    Цените на храната се огромен товар на семејниот буџет на граѓаните. Тие во последните две години неколкукратно пораснаа и никогаш не се вратија на почетното ниво пред инфлаторниот бран, иако некои производи по достигнатиот ценовен пик се лизнаа надолу. По сите ценовни премрежија, граѓаните со соочени со изгор цени на овошјето и зеленчукот, млечните производи, месото, кондиторијата… Не помогнаа ниту замрзнатите цени наметнати од Владата во одреден период, ниту, пак, т.н. гарантирани цени.

    За да видиме колку навистина поскапе храната, направивме споредба на актуелните цени на 200 производи во еден маркет во земјава со цените во декември 2022 година врз основа на наша база на податоци, која содржи цени објавени на веб-страницата на маркетот. Во оваа кошница има овошје и зеленчук, млеко и млечни производи, месо и месни производи, јајца, основни прехранбени производи, како што се сол, зачини, шеќер, масло за јадење, сосови, конзервирани производи, тестенини, зрнести производи, потоа слатки и солени производи, како и безалкохолни пијалоци (сок и вода).

    МАСЛИНОВО МАСЛО КАКО СУВО ЗЛАТО

    Анализата на порталот „Пари“ покажа дека револтот и загриженоста на граѓаните се повеќе од оправдани, затоа што цените за 1,5 година навистина бележат раст што се мери и до 80%!

    Топ 10 производи од нашата кошница со најголем раст на цената се:

    Базата на податоците на порталот „Пари“ покажа дека Costa d’Oro extra virgin маслиновото масло 1 л. поскапе од 685 денари на крајот на 2022 година на сегашни 1.229 денари. На почетокот од нашиот анализиран период солевме со готварска сол која чинеше 17 денари за половина килограм, а сега таа е 28 денари. За љубителите на чоколадо среќни беа времињата кога таа беше 39 денари, затоа што во меѓувреме стигна до 69 денари. За оние што сакаат сувомеснати производи, или мора да издвојат помалку пари, или да ставаат помалку во сендвичот, затоа што мортаделата што ја споредувавме, а која некогаш чинеше 288, сега е 495 денари, шунката што беше 309 денари за еден килограм сега е 415, а димената печеница од истиот производител, која се продаваше за 529 денари, сега е 715 денари. Списокот на нашата опсервација е долг и разочарувачки за потрошувачите.

    ЛЕБОТ ПОЕВТИНО СЕ ЗАМЕСУВА

    За утеха на потрошувачите е што паднаа цените на сончогледовото масло – во конкретниот маркет за 42% во споредба со крајот на 2022 година. Исто така, поевтино е и брашното за 32%, но затоа, пак, оризот и гравот се поскапи за 45%, односно за 37%.

    Свежото месо држи релативно постабилни цени, кои во изминатиот период од 1,5 година пораснале за 15% до 30%, со исклучок на еден производ кој е поскап за дури 47%. Но, затоа сувомеснатите производи станале изгор скапи. Кај нив има раст на цените од 6% до 72%.

    За разлика од месните, кај млечните производи дел останале со повисоки цени за 8% до 42%, а дел се поевтини и кај нив цените паднале од 1% до 5%, како што се кашкавалите едамер и гауда и одредени видови кравјо сирење.

    Замрзнатото овошје и зеленчук, како и свежото останаа со повисоки цени и до 40%. Чоколадите и чоколадните бонбониери навистина им „загорчија“ на граѓаните со растот на цените до 78%, а со оглед на постојаното нагорно движење на цените на какаото на светско ниво, се очекува да бидат уште поскапи. Газираните сокови се поскапи за 2% до 37%, а негазираните за 7% до 42%. Поскапа е и водата во шише, чии цени пораснале за 10% до 40%.

    ПОГОЛЕМ РАСТ НА ЦЕНИ ОД ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ!?

    Забележливо е од анализата дека многу поголем раст бележат цените на храната од домашно производство или од домашни компании (која се продава под домашен бренд, а може да е увезена и препакувана). За споредба, на пример, цената на мортаделата од домашен производител е зголемена за 72%, а од странски бренд за 33%. Свински врат од домашно производство е поскап за 67%, а од увоз за 38%. Бонбониера од домашен производител има повисока цена за 64%, а конкуренцијата од увоз ги зголемила цените за 16% до 48%.

    Со вакво ниво на цените на храната Македонија навистина може да им конкурира на европските земји, но факт е дека примањата на граѓаните и нивната потрошувачка моќ се далеку помали, па полнењето на потрошувачката кошница претставува вистински предизвик.

    Заводот за статистика сѐ уште мери раст на цените на храната, иако со поблаги стапки. Во април годинава, споредено со април 2023, цените на храната и на безалкохолните пијалоци се повисоки за 4,7%. А, во првите четири месеци од годинава, во споредба со истиот период лани – за 2,9%. Заводот за статистика мери најголем раст на цените на овошјето (26%) и зеленчукот (13%).

    Овие проценти се далеку пониски од оние што ние ги прикажавме погоре во текстот. Но, факт е дека иако бројките од нашата анализа се базираат на ограничен број производи, сепак тие се реални и граѓаните со нив се соочуваат секојдневно. Оттука излегува дека позитивните вести за намалување на инфлацијата не значат и крај на растот на цените на храната. А, со тоа секој денар на граѓаните во маркетите вреди сѐ помалку.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично