ПОВЕЌЕ

    Љубомир Михајловски – Џанго во „Каде се парите?“: Ако не платат должниците, ќе платат граѓаните

    Време зa читање: 4 минути

    Измените во Законот за облигациони односи не го подобрија правниот систем, туку го нарушија правниот поредок во државата. Им се дава право на неплаќачите, а на крај сиот товар ќе падне на граѓаните, кои ќе мора да платат и за тие на кои со законски утврденото застарување од десет години, всушност им се отпишуваат долговите. Состојбата е хаотична, вели претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски – Џанго, во поткастот „Каде се парите?“ и предупредува дека тоа лошо ќе се одрази врз странските инвеститори. Поради сето тоа, до Уставниот суд адвокатите поднесоа иницијатива за укинување на измените во законите за облигација и извршување.

    „Самите измени, односно новиот Закон за облигациони односи е спротивен на Уставот, според кој, сопственоста е неприкосновена категорија. Тоа значи дека со ниту еден друг закон не може да се повреди правото на сопственост. Со донесените измени Законот е спротивен и сам на себе. Предвидува дека извршувањето не може да се спроведе после десет години од моментот кога сте дале на извршител барање за извршување. Спротивно на ова, во истиот Закон стои дека нема застарување по овој основ“, образложува Михајловски и додава дека ниту во Законот за извршување нема одредба за застарување. И, освен што Законот е спротивен на домашната правна регулатива, се коси и со меѓународното право.

    Смета дека државата треба да најде друг начин на кој ќе ги регулира неплатените комунални обврски. Зашто, Законот не се однесува само за нив, туку генерално за сите доверители и должници. А, ако сака државата да им помогне на граѓаните, тие долгови треба да се издвојат со некој специјален закон. Едноставно, укажува, не може заради тие долгови да се загрози целото стопанство.

    „Ние адвокатите застапуваме и доверители и должници. Овој Закон важи и за фирми. Со неплаќањето на обврските се внесува правна несигурност во трговијата, се нарушуват односите, во стопанството се појавуваат субјекти кои што се охрабруваат да не плаќаат. Ќе дојдеме во ситуација некои фирми да престанат да работат, а работниците да останат на улица“, предупредува Михајловски. Освен тоа, посочува и на прашањето што се наметнува – што со пресметаниот ДДВ или со веќе дадените завршни пресметки за данок на добивка што е платен.

    Исто така, тврди – доколку доверителите покренат тужби кај Меѓународниот суд во Стразбур, повеќе од сигурно е дека државата ќе ги изгуби пресудите. „Трошоците и штетите што ќе се пресудат, ќе мора да ги плати државата. Односно, ќе плаќаат сите граѓани“, вели и посочува дека таков пример веќе има. Што значи, има судска пракса, па Меѓународниот суд нема да решава различно кога веќе еднаш се произнел.

    „Не сме против одредбата каматата да порасне до главниот долг, реално е да нема камата на камата. Но, државата мора да донесе закон кој ќе ги заштити доверителите. Закон не се носи за одредена категорија луѓе, туку за сите граѓани. Законот има тежина. И кажува дека секој треба да си ги плати своите долгови“, вели Михајловски.

    Адвокатската комора ги следи сите измени на системските закони што се прават во другите држави. Оттаму, тврди нејзиниот претседател, никаде во Европа нема ваков закон. Во Хрватска, која често се наведува како некој репер во регионот, важат истите одредби како што ги имавме пред да се донесат овие измени.

    Од стручната јавност не било побарано мислење додека се подготвувале измените, а за споредба Михајловски наведува дека во некогашна Југославија таков закон се работел повеќе од десет години, при што биле вклучени професори, експерти, судии, адвокати…, затоа што се работи за материја која ги засега сите граѓани.

    „Измените се донесоа и Законот стапи во сила лани во јули. Се продуцираат нови долгови, извршителите не можат да работат. Судовите се појавија со различни мислења. Веќе влегуваме во хаосот и не знаеме до кога ќе трае“, вели Љубомир Михајловски – Џанго во поткастот „Каде се парите?“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично