Линеарното зголемување е добро во моментот, но не го решава проблемот на ниските пензии, кои и натаму тешко се справуваат со цените на храната, со лековите, со сметките, коментираат пензионерите. Сметаат дека е најдобро системски да се решава тоа прашање, а предност да им се даде на оние со слаби примања, преку примена на формата скалесто покачување. И сите се согласни дека се потребни реформи.
Фондот за пензиското и инвалидското осигурување идната година ќе биде поткрепен со плус 17 милијарди денари или со над 276 милиони евра. Според неодамнешната изјава на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, 15 милијарди денари се предвидени за ставката пензии, а две милијарди денари за здравственото осигурување, односно за Фондот за здравство.
Инаку, со зголемувањето на пензиите во октомври, „дупката“ во ПИОМ се продлабочи за сто милиони евра. Мартовските 2.500 денари ќе значат и дополнителни 130 милиони евра. Тие потреби се покриваат со пари од буџетот, бидејќи Фондот одамна не функционира самостојно. Со бројки – „дупката“ од 426 ќе се прошири на 526 милиони евра. И претставува една третина од годишно потребните 2,2 милијарди евра.
Идното зголемување, пак, ќе наложи повисоки месечни трошоци за 862 милиони денари, односно за 14 милиони евра, е информацијата што ја изнесе директорот на ПИОМ, Никола Мемов. Трансферите на релацијата Влада – ПИОМ за септември се 3,6 милијарди денари (58,5 милиони евра), а исплатата на пензиите во октовмри е околу 3,2 милијарди денари (над 52 милиони евра).
Владиниот оптимизам дека пари нема да нема, се заснова на очекувањата за повеќе вработувања и за зголемени плати. „Осигурениците треба да бидат сигурни дека државата се грижи за пензискиот систем и ја гарантира исплатата на пензиите на подолг период“, тврди Мемов. Според него, на крајот од годинава би требало да се избалансира буџетскиот дефицит и да се намали на 35 до 36 проценти, затоа што од придонесите се очекуваат поголеми приходи за 18,6 насто.
Познавачите на состојбите во оваа област се скептични. Сметаат дека „дупката“ во Фондот не само што нема лесно да се покрие, туку ќе се зголемува и во случај да се реализираат владините предвидувања и сметаат дека без реформи, коренити, не може многу да се постигне. На таа линија е и неодамнешната изјава на шефот на Мисијата на ММФ за Македонија, Анет Кјоб: „Зголемувањето на пензиите не треба да биде ад хок. Треба да има формула, независно дали е тоа формула која наложува зголемување на пензиите со инфлацијата или со инфлацијата и платите. Во двата случаи тоа треба да е формула која е транспарентна и едноставна за пензионерите да ја разберат. Значи, не да се укинуваат законските одредби со ад хок решенија, туку да се воспостави и одржува систем за зголемување на пензиите. Зголемувањето да се базира на правила, и за платите и за пензиите“. Воедно, препорача – да се таргетираат пензионерите кои спаѓаат во пониските категории, наспроти оние со највисоки примања.
Највисока пензија во Македонија, по септемвриското покачување изнесува 82.780 денари. И, има 27 корисници. Од вкупно 342.745, колку што се заведени во статистиката на ПИОМ за деветтиот месец од годинава.
Просечно исплатената пензија за септември е 23.758 денари и пресметаните 2.500 денари направија разлика. Во август беше 21.217 денари. Вообичаено, најголем е просекот на воените, а најнизок на земјоделските пензии.
Што се однесува до висината на пензиите, најбројни се пензионерите кои месецот го врзуваат со суми од 15.693 до 19.409 денари. Се работи за 133.413 лица или 38,92 отсто од вкупниот број на корисници на пензија. На најниското скалило, со примања до 15.692 денари се 17.150 пензионери (5%). На врвот од скалата се 2.990 пензионери, кои претставуваат 0,87 проценти. Нивните примања се над нивото од 59.981 денар, кое обезбедува солидна живеачка со оглед на пресметките – за најосновните потреби на секој пензионер му се потребни минимум 20 илјади денари.
И покрај додадените 2.500 денари, до тој потребен минимален износ никако не стигнуваат 88.386 корисници, кои на своите сметки ги примаат најниските законски пензии. Се движат од 13.852 денари со кои живеат 51.232 лица, па сѐ до 19.409 денари. Со оваа сума се справуваат 848 пензионери.
Затоа пензионерите се снаоѓаат како можат и умеат. Предност имаат тие со добро здравје, кои ја користат кондицијата за нешто дополнително да заработат. Пензионери – хонорарци ќе најдете меѓу таксистите, меѓу оние кои вршат достава… има мајстори, електричари, водоводџии. На огласите во групите преку кои се бара помош по дома, за чување деца, за нега на стари и изнемоштени лица, кои се бројни на социјалните мрежи, редовно се пријавуваат пензионерки и по некој пензионер. Дел од нив дошле до ангажман на овој начин. Па, млада пензионерка трипати во неделата оди кај пензионерка навлезена во длабока старост, на која освен друштво за муабет и е потребно некој да зачисти, да пазари и по нешто да зготви. Задоволството е обострано, вели помладата Бранка, особено што имаат допирни точки и теми од интерес – вдовици се, а и децата, на двете, со семејствата живеат во странство. „Сме им биле на гости, таа кај своите, јас кај моите, и сме виделе како живеат пензионерите, како државите се грижат за нив, какви ослободувања и бенефиции имаат“, дополнува таа и нагласува „властите се грижат за нив затoa што ги ценат како луѓе кои со својот труд се вградиле во општеството, а не затоа што се гласачи“.
М.А.