
Финансискиот едукатор Лилјана Алексова со своите професионални искуства од областа на економијата, од кои речиси 20 години во областа на вештачења, е жената којашто се зафати со една повеќе од потребна мисијa: да ги едуцира луѓето за нешто за кое секојдневно зборуваме ‒ ракувањето со сопствените пари. Преку курсот MoneyMaster, таа ги едуцира луѓето како да изнајдат начин навремено да си ги платат сметките, да ги намалат долговите и како да се дисциплинираат и да создадат фонд за итни случаи.
„Без вакво свесно и совесно планирање, никој не може да обезбеди финансиски мир“ – вели Алексова во интервју за порталот Пари.
Додека фирмите имаат сметководители, обичните луѓе често се сами со сметки, претплати и импулсивни купувања што тивко го празнат паричникот. Алексова нуди практични алатки и дисциплина за да знаеме каде ни одат парите и како да им поставиме правила наместо тие нам.
ПАРИ: Се чини дека секој ден се жалиме за пари, а малкумина од нас сериозно се зафатиле со градење посериозна стратегија околу ова. Kој беше мотивот да организирате курс за создавање контрола врз сопствените пари?
АЛЕКСОВА: Најголемиот мотив ми беше моментот кога сфатив дека сѐ што е поврзано со пари, е поврзано и со голема тензија и страв. Моето долгогодишно искуство како вешто лице од областа на економијата ми даде можност да нурнам во многу лични сметки, да видам многу ненаплатени побарувања, невратени позајмици, ненаплатени кирии и сметки, а кај многумина и неисплатени плати.
Во меѓувреме посетував курс за сметководство и финансии и како што модулите поминуваа кон сè понапредни, согледував дека дури и малите фирми, трговците, занаетчиите, земјоделците, имаат некој што се грижи за нивните финансии.
Единствени што се оставени сами да се снаоѓаат сме ние, обичните луѓе, домаќинствата. Од нас се очекува да знаеме како со парите. Во смисла ‒ си завршил некакво образование, си се вработил, добиваш прва плата и повели, живеј го животот!
Колку повеќе ги анализирав финансиските проблеми на луѓето, сѐ повеќе согледував дека основата е во неумешноста да се ракува со парите. Луѓето знаат колкава им е платата, ама кога на крајот од месецот нема да остане ни денар, не знаат каде отишле парите. Многу лесно финансиски ги следиме месеците кога сме купиле телевизор, сме биле на одмор или дошла Нова Година, но, во обичните месеци, кога нема да можеме да врземе крај со крај, и не знаеме зошто е тоа така, расте чувството на немоќ и тензија во семејството.
Честопати низ курсот укажувам дека нашето раководење со семејните финансии е како на автопилот. Знаеш само дека парите треба да ти стигнат до наредната плата и немаме резервен план ако платата задоцни. Што ако наредната сметка е повисока од претходната? Или ако, не дај боже, добиеме помала плата од очекуваната?
Што е уште почудно, не знаеме што да правиме ако добиеме покачување на платата. Продолжуваме со истите навики, затоа што не знаеме поинаку.
ПАРИ: Што значи креирање семеен буџет?
АЛЕКСОВА: Пред сѐ, тоа е создавање свесност за приходите и трошоците во едно семејство, а потоа и донесување одлуки во врска со тоа: дали приходите ни се доволни за да ги покриеме нашите трошоци, дали правиме несвесни трошења, дали постои можност да намалиме или да избегнеме некој трошок. Понатаму, колкав резервен фонд мора да имаме за да го заштитиме семејството, а на подолг рок и како да го обезбедиме преку осигурување и инвестиции.
Сето тоа е еден наизглед сложен процес што почнува со секојдневно попишување на приходите и трошоците, но сѐ додека не ги ставите бројките на хартија, ќе продолжите да живеете како претходниот месец, и тој пред него.
ПАРИ: Како се развива културата на штедење во финансиски неповолни услови? Дали е тоа возможно?
АЛЕКСОВА: Иако понекогаш звучи невозможно, штедењето мора да биде основна цел на секое финансиски свесно и совесно семејство. Во литературата најчест препорачан метод е 50‒20‒30, пришто 20 насто од износот се за итен фонд, пензија, животно осигурување или инвестирање, останатите 50 насто се за неопходните трошоци ‒ комуналии, сметки за храна, облека, обувки, а 30 насто се за луксуз ‒ односно, вечера во ресторан, патување или скапа козметика. Според мене, приходите на просечното македонско семејство не дозволуваат да можеме да заштедиме толкав износ. Затоа мислам дека поиздржлив е методот 70‒10‒20, каде на заштеди одат 10 насто од вкупните месечни приходи. Најбитно е да имаме високо ниво на свесност дека штедењето и животното осигурување одат рака под рака ако сакаме да обезбедиме мирна иднина за нас и за нашите деца.
ПАРИ: Од која возраст, според Вас, би требало да започне ова финансиско подучување и воспитување на најмладите?
АЛЕКСОВА: Според некои експерти, буџетот треба да се прави заедно со децата уште од најмала возраст. Децата треба да знаат колку пари имаме како семејство, колку трошиме, колку можеме да си дозволиме за задоволства или потреби, како на пример, нови патики.
Кај помалите може да се почне со некој поситен износ што ќе го добијат на влезот од продавницата, па детето само ќе процени дали ќе си купи лижавче или сладолед и ќе ја осознае вредноста на парите. Кај поголемите, тоа може да е џепарлак на неделно ниво, а кај младите слободно може да се зборува и за месечен џепарлак. Не вознемирувајте се ако детето остане без пари на крајот од неделата. Во домот сте му обезбедиле доволно храна за да не е гладно, во чешмата има вода да не е жедно. А наредната недела ќе има предизвик поразумно да ги планира истите пари.
Интересно е што на обуките се пријавуваат повеќе жени, и тоа ме радува од две причини: прво, жените полесно прифаќаат учење и знаења, а се и подисциплинирани со исполнување задачи во одреден рок. Оваа едукација им дава шанса да научат да комуницираат отворено со своите партнери на оваа тема и да донесуваат заеднички одлуки коишто се однесуваат не само на семејството во моментот, туку и на едукацијата на нивните деца за создавање стабилна финансиска иднина.
ПАРИ: Кои семејни навики влијаат најмногу врз нашиот однос кон парите?
АЛЕКСОВА: Мораме да ги надминеме и оние вкоренети реченици од типот „парите не растат на дрво“, „ќарот и зијанот се браќа“, „тој што има пари, сигурно крадел“. Особено мораме да внимаваме кога ги користиме пред децата. Ваквите реченици градат непријатен став кон парите, како кон некое нужно зло. Но, ако парите ги гледаме низ призмата на добросостојба, овозможување задоволства, помагање на другите, тогаш тие имаат и една убава мисија – да го облагородат нашиот живот.
ПАРИ: Зошто купуваме непотребни работи кога имаме најмалку пари? Како да го решиме проблемот на празен паричник и полни фиоки?
АЛЕКСОВА: Ако секој од нас се разврти по дома, може да исфрли барем една третина од работите што ги има: блуза што никогаш не била облечена, тавче што не е ни распакувано, мал кујнски апарат што можеби не е вклучен ниту еднаш… Денешниот свет создава потрошувачи. Рекламите се прават за да ни го привлечат вниманието. Тоа е еден шарен свет на бои, музика и среќни лица. Но, ако по секоја таква реклама ние се фатиме за паричникот, поточно картичката, секако дека ќе завршиме со полни фиоки и без пари. Најчесто се фаќаме на замката на попусти, иако во теорија велат дека кога ќе купиш нешто на попуст од 40 насто, всушност си потрошил 60 насто. И, секако, тоа е вистина.

Честопати купуваме ситни лажалки коишто ни се чинат малку пари ‒ кикирики за 50 денари, сок со ручекот, шеќерна волна за детето додека шетаме низ парк. Но, ако се бориме со финансиски предизвик, можеме да понесеме домашно подготвени грицки, обична вода наполнета во интересно шише, сѐ што се вклопува во нашите можности. Иако ова изгледа како ситен трошок, на месечно ниво може да стане голем износ. За овие трошоци ќе се освестиме само ако детално ги попишеме.
Исто така, многупати имаме претплати што не ги користиме. Кај оние што користат интернет-алатки и апликации, голема е веројатноста месечно да ви одбиваат од некоја сметка за некоја апликација што е одамна згасната и не ја користите, а чини само долар или два и не ги забележуваме дека ви се одлеваат. Но ако претплатата траела повеќе години, тоа се значителни износи што не сакаме да ги фрлиме во ветер.
ПАРИ: Како најефективно да ги следиме приходите и парите што ни се лизгаат?
АЛЕКСОВА: Препорачувам секојдневно следење. За начинот секој мора сам да одлучи како. Постојат многу апликации коишто се плаќаат, но не чинат значителен износ. Кога го подготвував курсот користев неколку од нив. Најчесто велам: ако ви е позгодно користете застарени методи ‒ лист и пенкало и запишувајте сѐ што ќе потрошите. Предноста на Ексел и апликациите е што може лесно да се следат издатоците и потоа да се прават анализи по групи на трошоци ‒ комуналии, набавки во маркет, купување облека и обувки, патувања, трошоци за превоз. Секоја финансиска свесност почнува со следење на приходите, а уште повеќе трошоците коишто секојдневно ги имаме.
ПАРИ: Дали парите и среќата одат рака за рака?
АЛЕКСОВА: Отсекогаш парите и среќата оделе еден покрај друг. Иако велиме дека здравјето е најбитно, честопати за да си го обезбедиме здравјето, неопходни ни се пари. За жал, живееме во свет каде што се плаќа секој преглед, лек или суплемент. Како и да се свртиме, пак се враќаме на парите. Тука веќе може и да спориме со изреката „среќата со пари не се купува“ и да се фокусираме на делот од удопствата коишто можеме да си ги дозволиме ако разумно располагаме со парите. Тоа може да се навреме платени сметки, семејна вечера еднаш во месецот, купување посакувано парче облека или одење на одмор.
Мимоза Петревска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








