Лидл, еден од водечките европски малопродажни синџири, започна со изградба на нов маркет во Штип. Градежните активности се во полн тек и се изведуваат на булеварот Партизанска, која се смета за една од најатрактивните и стратешки поставени локации во градот. Се работи за локација достапна за голем број на граѓани и посетители, бидејќи се наоѓа во близина на главната крстосница. Според информации од локалните власти, се очекува новиот маркет да биде отворен и функционира во текот на 2025 година.
Според градоначалникот Иван Јорданов, втората локација од она што го добиле како информација од страна на оваа компанија е дека преговараат со сопственикот на објектот на Автобуската станица. Информациите исто така говорат дека Автобуската станица делумно ќе остане таму, нема да се дислоцира. Така што на еден дел на оваа површина најверојатно ќе се постави соодветен објект, каде што ќе биде и вториот маркет на Лидл.
-Со оглед на програмата за оттуѓување на градежно земјиште, и имајќи предвид дека во изминатите месеци беше спроведена постапка за оттуѓување на атрактивна градежна парцела, која стана уште попривлечна по изградбата на булеварот Партизанска, се изврши продажба на истата на маркетот Лидл и верувам дека до 2025 година маркетот ќе биде целосно завршен и ќе започне со работа“ – изјави Јорданов пред неколку месеци.
Проектот за изградба на новиот Лидл се очекува да ги збогати трговските можности во Штип. Очекувањата се дека отворањето на Лидл ќе влијае на подобрување на понудата на производи, зголемување на конкуренцијата, а со тоа и на пониските цени за потрошувачите. Исто така, инвестицијата ќе донесе нови работни места и ќе стимулира дополнителни инвестиции во регионот.
Лидл планира да гради маркети во Скопје, Битола, Кавадарци, Струмица, Кичево и Тетово, а во Куманово го гради логистичкиот – дистрибутивен центар.