Центар е срцето на Скопје, но денес изгледа како запуштен агол на градот. Преполни контејнери, расфрлан смет, прашина и непријатна миризба станаа секојдневие за жителите. Општината која некогаш важеше за симбол на урбана култура и маалски дух сега е претворена во слика на хаос и запоставеност.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, јавно се обврза дека чистотата и хигиената ќе бидат негов прв приоритет.
„Оваа грда слика е секојдневие за Центарци – преполни и валкани контејнери, расфрлан отпад и непријатна миризба. Јас се обврзувам дека во првите 100 дена од мандатот ќе го исчистам Центар. Ќе ги измиеме улиците и тротоарите, ќе ги исчистиме парковите, детските игралишта и зелените површини, ќе ги отстраниме сите диви депонии и заборавени ќошиња. Центар мора да биде чист!“, истакна Лабудовиќ.
Тој најави системски пристап во решавањето на проблемот – темелно чистење на целата општина, редовно миење на улиците, одржување на јавните површини, подобрување на капацитетите за управување со отпад и воведување современи методи во комуналното работење.
„Центар мора да биде достоинствен. Граѓаните заслужуваат општина во која ќе живеат во уредна, здрава и пријатна средина. Тоа е мојот завет и мојата прва обврска како иден градоначалник“, додаде Лабудовиќ.
Со оваа заложба, тој испрати порака дека времето на запуштеност завршува, а Центар ќе добие нова слика – општина со ред, чистота и вистинска грижа за своите жители.