ПОВЕЌЕ

    Купени уште два пакети акции од „Макпетрол“ – досега блоковите донеле над 1,9 милиони евра

    Време зa читање: 2 минути

    Две блок трансакции со вкупно 232 обични акции на најголемиот дистрибутер на горива во државата се реализирани на Македонска берза. За нив се платени повеќе од 316 илјади евра, а пресметани се по единечна цена за акција на „Макпетрол“ од 84 илјади денари.

    Податоците од oфицијалната дневна берзанска листа со датум од 13 јуни покажуваат дека содржината на поголемиот блок се состои од 200 акции и неговата вредност е 16.800.000 денари или 272,5 илјади евра.

    Вториот купен пакет е од 32 акции. За него познат купувач платил 2.688.000 денари, односно 43,6 илјади евра.

    Акцијата на „Макпетрол“ е меѓу најтргуваните на Македонска берза, па и цената добива на тежина. Од почетокот на годинава, па заклучно со последниве, во берзанската статистика се влезени 13 блок трансакции со кои е направен промет од над 1,9 милиони евра. Реализирани се по цени кои се движат од 65 илјади денари (првите три блока, два во јануари и еден во февруари) до сегашните 84 илјади денари. Пред еден месец, односно во блок трансакцијата на 17 мај, чинела 74 илјади денари. Всушност, тој блок е со најголема вредност – од 22.200.000 денари (над 360 илјади евра), колку што е платен пакетот од 300 акции.

    За потсетување, во текот на минатогодишното тргување просечната цена беше 65.918,33 денари, а максималната достигна 71.000 денари. Во 2023, преку 650 трансакции со акциите на „Макпетрол“ беше реализиран вкупен промет од 2,6 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично