Младите се свесни за корупцијата, но не се доволно едуцирани за неа – и покрај тоа, повеќе од половината се подготвени да реагираат. Според најновото истражување на Аналитика Тинк Тенк, спроведено во рамки на проектот „Зајакнување на младите: клучна алка во градење општество без корупција“, 70 отсто од младите сметаат дека образованието воопшто не ја третира темата за корупција. А, 51 отсто би пријавиле корупција – доколку постои доверлив механизам.
Податоците откриваат алармантна слика: 54 отсто од младите имале директно или посредно искуство со корупција, најчесто во образованието – преку купување дипломи (30%) или поткуп за оценки (24%). Оваа појава, како што покажува анализата, длабоко ја нарушува довербата во системот – 69,6 отсто од испитаниците велат дека корупцијата ги демотивира и им ја одзема вербата дека знаењето и трудот се исплатливи.
Иако само 8 отсто од младите веруваат дека институциите ефикасно се борат со корупцијата, повеќе од половината (50,7%) би користеле мобилна апликација за анонимно пријавување. Таква алатка – наречена „Глас против корупција“ – токму е претставена како нова можност за младите. Апликацијата не бара регистрација, не чува лични податоци и овозможува анонимно пријавување на случаи на корупција.
Корупцијата не е далечен проблем, туку нешто што им ги одзема шансите на младите, изјави Бојана Мијовиќ Христовска, директорка на Аналитика Тинк Тенк, при претставувањето на резултатит од истражувањето направено во соработка со ОЖС Струмица и ИГИ Гостивар.
„Нашата идеја беше едноставна – да не зборуваме за младите, туку да ги слушнеме. Резултатите покажуваат дека тие имаат што да кажат, и уште повеќе – знаат што треба да се направи“, потенцира Мијовиќ Христовска.
Од Бирото за развој на образованието, директорката Милка Тримчевска нагласи дека училиштето треба да биде првиот простор каде учат што е интегритет, а не првиот каде ќе го изгубат. Антикорупциското образование мора да биде континуиран процес кој ги вклучува сите – ученици, наставници, родители и заедницата.
Во завршната панел-дискусија, претставници од институции и граѓански организации се согласија дека корупцијата е и морален и економски проблем, кој најсилно ги погодува младите. Професорот на Економскиот факултет при УКИМ, Борче Треновски, нагласи дека младите не растат изолирано – ги препознаваат ефектите од корупцијата, која ја нарече „скриен данок“ што ги нарушува сите економски и општествени параметри.
„Корупцијата ги демотивира младите, го нарушува принципот на еднакви можности и ја забавува економската мобилност. Антикорупциското образование мора да стане дел од системот, а не само тема на изборни предмети“, истакна Треновски.
Истражувањето недвосмислено покажува дека младите не се рамнодушни – подготвени се да дејствуваат, но често остануваат недоволно слушнати. Нивниот став е јасен: „Не сакаме да бидеме генерација што молчи, туку генерација што менува“.