Денес ќе стартува изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција. Градежните работи му се доверени на „Рапид Билд“ од Куманово, кој настапи со понуда од 59,9 милиони евра. Изградбата ќе се одвива на потегот од Гевгелија до Неготино и би требало да заврши во 2027 година.
Интерконекторот, на македонска страна, е во должина од 67 километри. А, а од грчка, каде што изградбата е во завршна фаза – 123 километри.
„Рапид Билд“ се вбројува меѓу градежните компании кои прикажуваат најдобри финансиски резултати. Изведува станбени, деловни, индустриски објекти, атмосферски и фекални канализациони системи, придружни патни објекти… Минатата година, според податоците од Бизнис Мрежа, остварил приход од 23,5 милиони евра, за 5,4 насто повисок во споредба со 2023 година и добивка од над три милиони евра (+136,32%). За овој градежник лани работеле 298 лица, а просечно исплатената плата била 48.767 денари. Остварениот приход по вработен бил 78.860 евра. И во текот на претходните години остварувањата на компанијата се позитивни.
„Во реализација на работите во областите на својата дејност секогаш ја запазува техничката регулатива, ги запазува етичките и стручни стандарди на оваа професија, а со своето работење го застапува интересот на својот инвеститор во рамки на законските прописи, интересот на општеството и угледот и репутацијата на професијата и професионалноста“, пишува на нивната веб-страница, од каде што се гледа дека кумановскиот градежник не е присутен само на североистокот од земјава.
Почетокот на градежните активности денес ќе биде означен со пригоден настан во организација на Номагас, државната компанија која управува со националната гасоводна мрежа. Најавено е присуство на премиерот Христијан Мицкоски, на министерката за енергетика Сања Божиновска, на првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, како и на други владини претставници и меѓународни партнери.
Гасното поврзување со Грција ќе и овозможи на земјава да има повеќе извори на природен гас. Засега, единствената врска за природен гас е преку Бугарија.