Властите во Белград донесоа одлука да ѝ дадат на руската страна дополнителни 50 дена да најде купувач за Нафтна индустрија Србије (НИС), додека истовремено домаќинствата и бизнисите се подготвуваат за ризик од недостиг на гориво откако рафинеријата во Панчево е доведена до праг на запирање поради санкциите што ги воведе Соединетите Држави.
Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти на јавноста дека Владата „ѝ дала на Русија 50 дена“ да обезбеди решениe и предупреди дека, ако тоа не се случи, државата ќе воведе сопствена управа над компанијата — со можност на подоцнежна повисока откупна понуда.
СЕ ЧЕКА ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ОД ВАШИНГТОН
Сепак, останува прашањето дали е неопходен нов закон за таков потег или дали постојните регулативи ѝ даваат право на државата да реагира.
Поради санкциите и прекинот на снабдувањето со сурова нафта под притисок на американските мерки кон руските енергетски субјекти НИС поднесe барање за специјална дозвола од канцеларијата за санкции при Министерството за финансии на САД (OFAC), со цел да може привремено да продолжи да работи додека траат преговорите за сопствеништвото. Дотогаш, според официјални проценки, складиштата за сурова нафта овозможуваат работа само до крајот на ноември, односно за уште четири дена — сценарио во кое е се поверојатно рафинеријата во Панчево привремено да биде згасната доколку не се овозможат нови испораки или не дојде позитивен сигнал од САД.
Унгарските власти и компании од енергетскиот сектор јавно изразија подготвеност да ѝ помогнат на Србија со испораки на нафтени деривати и интензивирање на транзитот преку унгарскиот систем, додека се работи на подолгорочни инфраструктурни решенија (вклучително план за евентуален нафтовод кон Србија). Државните и корпоративните изјави од Унгарија во минатите недели ја нагласија политичката заинтересираност да се избегне енергетски колапс во соседната земја; истовремено Будимпешта бара и дипломатско олеснување на ограничувањата кон руски енергетски извоз. Сепак, реалната способност на Унгарија да ги покрие комплетните потреби на Србија за нафта и нафтени деривати е ограничена на краток рок и често бара политички преговори со трети страни и евентуални дозволи или исклучоци од меѓународните санкции.
Во меѓувреме, економските и социјалните ризици стануваат конкретни. НИС обезбедува околу 80% од домашното снабдување со дизел и бензин, и преку 90% од авио-горивото и тешките деривати; прекин на работата на рафинеријата значи дека пазарот ќе мора да побара увоз во краток рок, а тоа би можело да доведе до панични купувања, раст на цени и притисок врз резервите и девизните фондови. Владините извори уверуваа дека имаат „складирано доволно“ за да се надмине првиот удар, но аналитичарите предупредуваат дека резервоарите не траат долго и дека секој ден на неизвесност го зголемува трошокот за државата и граѓаните.
Политичкиот тон е драматичен: претседателот Вучиќ јавно рече дека земјата е подготвена „да ги поднесе последиците“ додека да се завршат 50-те дена. Паралелно, српските министерства и банки се соочуваат со практични проблеми — од замрзнати трансакции поврзани со NIS до притисок врз логистичките синџири — и очекуваат преговорите со OFAC и други меѓународни тела да бидат клучни за избегнување на потполно прекинато снабдување.
Во меѓувреме, НИС објави дека Рафинеријата за нафта Панчево започнува подготовки за прекин на работата поради недостаток на сурова нафта за преработка.
Народната банка на Србија објави дека доколку Српската нафтена индустрија не добие лиценца за работа до предвидениот рок, ќе ги прекине трансакциите за плаќање со компанијата, за да „не се загрози на никаков начин стабилноста на домашниот финансиски систем“.
Здружението на српски банки објави дека сите комерцијални банки, во соработка со НБС, ќе ги прекинат трансакциите со НИС доколку компанијата не добие лиценца.
Исклучувањето, пак, на рафинеријата во Панчево е сложен, скап и долготраен процес. Рафинеријата не може да се „исклучи со притискање на копче“. Самиот процес на гаснење трае помеѓу 48 и 72 часа и вклучува инертизација на сите системи, односно полнење на колоните, реакторите, печките и резервоарите со азот со цел да се спречи експлозивна атмосфера. Во тој период, мора да се спречи и ризикот од трајно оштетување на опремата. Во исто време, енергетскиот биланс, пареата, водата и греењето се стабилизираат бидејќи рафинеријата не е само производител, туку и голем потрошувач на енергија, за Блиц Бизнис објаснува Милош Здравковиќ, експерт за енергетика.
Како се рефлектира ова врз граѓаните? Непосредно зголемување на цените на горивата инфлациски притисок. Социјалните мерки, како евентуални субвенции за гориво во јавниот превоз или интервенции во цените, се опција, но тие би чинеле значителни јавни пари во време кога буџетот веќе е ограничен. Аналитичарите предупредуваат дека долгорочните последици може да вклучуваат намалување на инвестициската доверба и дополнителни трошоци за рекапитализација на енергетските инфраструктури.
МОЖЕ ЛИ СРБИЈА ДА ЈА НАЦИОНАЛИЗИРА НИС?
Според адвокатот и поранешен министер Милан Париводиќ, Србија треба да донесе закон за административно преземање – општа регулатива што би ѝ дозволила на државата да интервенира во критични економски субјекти, не само во НИС, во случај на закани за националните интереси.
Париводиќ смета дека сегашниот Закон за енергетика не дава доволна основа за ваков вид интервенција, бидејќи не предвидува можност за замена на менаџментот во случај сопственикот на компанијата, поради санкции или неможност за работа, да не може да обезбеди стабилно работење.
Од друга страна, адвокатот Томислав Шуњка тврди дека „правната рамка веќе постои“. Тој посочува на сегашниот договор за заштита на инвестициите меѓу Србија и Руската Федерација, според кој државата, во „посебни околности од општ интерес“, може да преземе мерки против приватните инвестиции – со соодветна компензација. Шуњка нагласува дека овој механизам не подразбира класична експропријација на имот, туку дека овозможува преземање на контролата врз акциите во случај на сериозна закана за националната енергија и енергетската безбедност.
Со секоја отворена опција – од заплена, преку државна администрација, до можен банкрот – не е јасно каков би можел да биде епилогот наскоро. Надежта дека ќе се најде купувач за рускиот пакет акции во НИС и дека ќе се избегнат нови политички и економски турбуленции сè уште тлее.
(Фото: Wikimedia Commons)
Аналитика








