Велешката Прехранбена индустрија „Кристал 1923“ АД целата добивка од минатогодишното работење ќе ја насочи кон нови инвестиции. Нема дивиденда за акционерите, кои оваа предложена одлука треба да ја потврдат на Годишното собрание закажано за осми јуни.
Чистата добивка, односно нето износот од 27.755.500 денари или 450 илјади евра – да се искористи за финансирање на планираните инвестиции во Друштвото, наведено е во предлогот. Исто така, се додава, да не се издвојува износ за исплата на дивиденда поради реинвестирање на добивката во инвестиции.
Фабриката од Велес, која годинава одбележува еден век од своето постоење, е најстариот капацитет за производство на масло за јадење во државата, а на балканските простори е меѓу трите најголеми индустриски капацитети кои до денес работат успешно. Формирана е во 1923, а во 1999 година прерасна во прехранбена компанија.