Вкупните депозити и кредити продолжуваат да растат со солидно темпо, иако на месечно ниво се забележуваат мали осцилации. Во февруари, средствата во депозитната база на банките достигнаа 10,64 милијарди евра и на годишно ниво се зголемени за 9,9 насто. Движењата кај кредитирањето се побрзи од тие кај штедењето. Кредитната поддршка, проследена со раст од 12,6 насто, во февруари е на нивото од 9,15 милијарди евра.
На месечно ниво, според последните податоци од Народната банка за монетарните движења, депозитите бележат минимален пад од 0,1 отсто, пред сè поради средствата повлечени од корпоративниот сектор. Наспроти тоа, кредитите бележат благ раст од 0,2 насто, поттикнат главно од задолжувањето на граѓаните.

Всушност, граѓаните се столбот и на штедењето и на кредитирањето. Депозитите на домаќинствата достигнаа 7,26 милијарди евра, со месечен раст од 0,8 насто и годишен од 11,4 насто. Притоа, граѓаните повеќе се определени за штедење во денари и на подолги рокови.
Паралелно со тоа, расте и задолжувањето. Кредитите на домаќинствата во февруари изнесуваат 4,55 милијарди евра и се зголемени за 0,7 насто месечно и за 11,3 насто на годишна основа.
Најголем дел од овие кредити се потрошувачки – 2,33 милијарди евра и станбени – 1,81 милијарда евра. И двете категории бележат раст, но станбените кредити се издвојуваат со повисока годишна стапка од 16,1 насто (месечната промена е +1,1 %), што се вклопува во статистиката за раздвиженоста на пазарот на недвижности. Месечниот раст, пак, на потрошувачките кредити е 0,8 насто, а годишниот 10,6 насто. Исто така, во февруари се зголемила побарувачката на кредити за купување возила, за 1,5 насто, додека на годишно ниво се забележани плус 3, насто.
Граѓаните помалку се задолжуваат преку кредитни картички, а опаѓа и минусите на тековните сметки. Кај картичките има месечно и годишно намалување од 1,6, односно 5,1 отсто. Негативните салда се со месечен пад од 0,8 отсто и со исто толкав процентуален годишен раст. Кредитите одобрени врз други основи се проследени со месечно и годишно намалување (0,7 % и 11,2 %).
Кај корпоративниот сектор трендовите се поделени. Депозитите на компаниите се намалени за 1,7 отсто на месечно ниво и изнесуваат 2,94 милијарди евра. Намалувањето главно доаѓа од краткорочните депозити во денари. Сепак, на годишно ниво депозитите се повисоки за 9 насто.
Кај кредитите, месечно има мал пад од 0,2 отсто, но годишниот раст е висок – 14,3 насто. Ова движење, според НБРСМ, речиси целосно се заснова на кредитите во денари. Оттаму, во февруари се со вкупен износ од 4,55 милијарди евра.
Овие движења се одразуваат и врз паричната маса. Во февруари, паричната маса (М3) има минимален месечен пад од 0,1 отсто, како резултат на намалувањето на краткорочните депозити и депозитните пари. Но, на годишно ниво расте за 10,4 насто, поттикната токму од растот на депозитите и на готовината во оптек.
Аналитика








