ПОВЕЌЕ

    Кредитна анализа – на што треба да внимаваме!

    Време зa читање: 4 минути

     

    Постапката за одобрување на одреден кредитен производ, без разлика дали е тоа од банка, штедилница или финансиско друштво, поминува низ одредена процедура која во зависност од типот на институцијата се разликува во многу категории. Пред се тука големо влијание има брзината на процесот на аплицирање и одобрување, реализацијата на барањето и начинот на исплата. Кредитните институции се во постојана трка и натпревар помеѓу нив со цел побрзо да излезат во пресрет на нивните клиенти, а притоа да не го занемарат ризик факторот. Ако до пред неколку години целосната анализа се одвиваше мануелно, трендот на автоматизација и дигитализација на процесите за кредитна анализа ги зафати и домашните кредитори. Сега постапката за одредување на кредитна способност на клиентите е доста брза (од само неколку минути кај финансиските друштва, до 1 час кај комерцијалните банки). Процесот на одредување на кредитната способност се одвива преку високо развиени софтверски решенија кои акумулираат различни бази на податоци, ги обработуваат и даваат насока за отплатниот капацитет. Најчесто, овие системи се единствен филтер низ кој се анализира кредитоспособноста (користени во голема мера кај финансиските друштва), додека дополнителна проверка се прави кај големите комерцијални банки(рачно се потврдуваат податоците). Ова во голема мера е условено и од наметнатите регулативи и процедури во процесот на кредитирање, како и самите износи на одобрените кредитни производи.

    Од аспект на тоа што голем број на луѓе се повеќе се инволвирани во банкарското работење и веќе стана секојдневие да се поседува барем еден кредитен производ, ќе се обидеме да дадеме насоки кои се клучните сегменти при анализата на кредиспособноста и како можеме со промена на одредени навики да го подобриме својот кредитен потенцијал. Покрај основните правила дека треба да имаме редовна кредитна историја на постоечките производи и редовни примања од плата, постојат и помалку познати елементи кои исто така имаат битна улога во кредитниот рејтинг:

    1. Редовна отплата на сметки за режиски трошоци и даноци – Иако звучи малку чудно, но во анализата за кредитоспособност во голема мера учествува и оваа категорија. Преку неа се дава одредена проценка за редовноста во отплата на редовни месечни трошоци. Често сметките за струја, вода или одржување знаат да бидат занемарени, а истите водат кон негативен кредитен рејтинг. Затоа многу е битно истите навремено да се отплаќаат. Алтернатива за контрола врз овие обврски се трајните налози, годишна претплата или користење на кредитни картички и дозволени пречекорувања со цел премостување на неколку дневен недостаток од ликвидност.
    2. Долгорочна кредитна историја – Поседувањето на одреден кредитен производ подолго време им дава поголема сигурност во анализата, бидејќи подолг период на историски податоци може да даде подобра слика за искуството при справување со кредитни обврски. Кон овој сегмент треба да се внимава со честото затварање на кредитни картички и нивно рефинансирање со подолгорочни потрошувачки кредити. Една кредитна картичка која во подолг временски период се користи со правилна отплата може во голема мера да влијае врз подобрување на кредитниот рејтинг.
    3. Кредитен микс – Поседување на неколку кредитни производи и нивна редовна отплата го подобрува кредитниот рејтинг. Поседувањето на неколку кредитни производи дава слика за успешно справување и корисниците ги става по помалку ризична категорија, отколку перфектно користење на само еден производ. Целосна отплата на доспеан износ кај револвинг производи ги елиминира трошоците од камати, а од друга страна, поседувањето на неколку такви производи претставува битен елемент во подобрување на рејтингот.
    4. Максимално потрошен лимит на кредитни картички – Во голем број на случаи поставените лимити на кредитните картички се трошат во целост и отплатата се врши на принцип на минимален износ плус камата. Во овој случај нарушен е кредитниот рејтинг, бидејќи дава сигнали дека неправилно се користи намената на одреден производ. Секогаш кога користите кредитни картички водете сметка за нивно максимално користење и доколку сте во можност правете поголеми месечни уплати. Друга алтернатива е при самото аплицирање да побарате поголем лимит кој нема да го користите.

    Ова се само неколку аспекти кои со адекватни промени во навиките за користење на кредитни производи може да доведат до подобар кредитен рејтинг. Во развиените економии системите се толку развиени што во факторите кои го генерерираат рејтингот се вклучени сегменти како често полнење на батеријата на мобиниот телефон или колку е прочистен мејлот и дали има неодговорени пораки. Иднината на кредитниот рејтинг со тек на време ќе стане неизоставен дел од нашиот живот и не е далеку времето кога висината на кредитниот рејтинг ќе биде клучен елемент во можности за изнајмување на стан, поседување на осигурителни полиси, можности за вработување и слично.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично