Во услови на криза е стабилизирано и зголемено домашното производство на храна и лани земјоделското производство забележало раст и по количини и по цена. За годинава се обезбедени повеќе од седум милијарди денари за субвенции, а поддршката е наменета за сите значајни култури и за развој на сточарството. Притоа, новиот модел на субвенционирање ќе стимулира реално земјоделско производство, кое земјоделците ќе треба да го докажат преку остварен принос, рече премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратенички прашања во Парламентот.
Сто и пет милиони евра, односно 6,5 милијарди денари им се исплатени на 80 илјади корисници на субвенции за растително и сточарско производство преку Програмата за директни плаќања. Државата за прв пат, нагласи, доби Национален план за производство на храна и Интервентна програма за поддршка на секој земјоделец. Инвестирани се интервентни 900 милиони денари, со што е ублажена кризната состојба во неколку земјоделски сектори.
Според него, со новата Програма се обезбедила поддршка за производителите на стратешки житни култури, преку субвенционирање набавка на вештачко ѓубриво од 40 проценти, бидејќи војната во Украина влијаела за раст на цените во тој домен. Мерката ја искористиле повеќе од 10.000 земјоделци. А, дополнителна субвенција добиле и млекопроизводителите. Со тоа, како што рече, се покажало дека земјоделството е меѓу врвните владини приоритети.
Освен тоа, посочи, како дополнителни мерки за стимулација на домашното производство на храна и на земјоделците ставени се на располагање над 14.000 хектари земјоделско земјиште за производство на житни култури, на сточна храна и за подигнување долгогодишни насади, а „најголем успех е постигнат кај производството на сончоглед, кое е двојно зголемено“.
Годинешниот буџет наменет за земјоделието е најголемиот досега, вреден околу 12 милијарди денари, потенцира Ковачевски, објаснувајќи дека е поставен на пет клучни столбови – реформа во земјоделството и нов модел на субвенционирање, фокус на малите производители, капитални водостопански инвестиции, зелена транзиција и модернизација на земјоделското производство, што значи над 200 милиона евра за земјоделците.