Планот за раст е мост кој ги поврзува аспирациите со реалноста. Стратегијата за двојна интеграција го забрзува пристапниот процес кон Европската унија, но носи и брзи придобивки, посочи премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на лидерскиот состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан.
„Планот за раст на ЕУ го гледам како олеснувач кој ги отвора портите кон европскиот единствен пазар и кон слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Оваа структурирана рамка засилена со финансиска поддршка станува клуч за беспрекорна интеграција. Таа го охрабрува усвојувањето на европските регулативи и стандарди, промовирајќи интеграција и во регионот и во ЕУ.
Оваа стратегија за двојна интеграција не само што го забрзува пристапниот процес кон ЕУ, туку носи и брзи придобивки – зголемена трговија и инвестиции, подобрена конкурентност и регионална поврзаност“, нагласи Ковачевски, кој е домаќин на состанокот.
Планот за раст ги надминува економските стратегиии и е реална движечка сила кон просперитетна иднина на Западен Балкан.
„Планот е моќен симбол за непоколебливата посветеност на реформите, решителен чекор за трансфармација и за усогласување на националните економии со високите европски стандарди. Овој инструмент за нас е момент на пробив. Со него, земјите од Запад Балкан ќе ги збрзаат фундаменталните реформи, создавајќи врска меѓу заедничкиот регионален пазар. Во тој процес, пристапот до дополнителна финансиска помош станува клучен елемент. Инструментот за реформи и раст дејствува како финансиски столб со кој се поддржуваат реформите“, потенцира премиерот.
Инаку, разговорите започнаа вчера, со заедничка вечера на лидерите. На состанокот во Скопје присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Црна Гора и Косово, Еди Рама, Милојко Спаиќ и Албин Курти, министерот за финансии и трезор во Советот на министри на БиХ, Срѓан Амиџиќ, Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.
Во изјавата пред почетокот на состанокот премиерот рече дека Планот за раст е конкретна акција на ЕУ за зголемена регионална соработка и вклучување на земјите од Западен Балкан на заедничкиот европски пазар.
Притоа, најави дека ќе биде усвоена заедничка декларација, која ќе претставува заложба на спроведување на активностите кои претставуваа „прво – реформи во нашите држави, второ – зголемена заедничка соработка и трето – спроведување на активностите од Планот за раст кој ќе донесе и реформи и поврзување и ќе донесе финансиски инструменти во висина од шест милијарди евра, две милијарди во грантови и четири милијарди во поволно кредити кои ќе ги гарантира ЕУ“.
Планот за раст на Западен Балкан беше усвоен од Европската комисија на 8 ноември. Финансиската поддршка е предвидена за периодот од 2024 до 2027 година.