ПОВЕЌЕ

    Корупција на секој чекор, во „тарифникот“ на власта и мито од над 100 илјади евра

    Време зa читање: 4 минути

    Пари, подарок, услуги… се најчестите форми на мито кои биле побарани од бизнис секторот за да завршат некоја од административните процедури што ја налага работата. Најбројни такви барања биле упатени од централната власт, а малкумина се осмелиле да пријават корупција. Во лошото искуство на бизнисмените единствено се изоставени Јавното обвинителство и Државниот Завод за ревизија, од каде што никој не побарал нешто како противуслуга. Ова се дел од резултатите добиени од анкетата што во март Стопанската комора ја спровела во приватниот бизнис сектор, а е на тема корупција.

    „Корупцијата е канцер на општеството и го кородира од внатре. Но, многу луѓе не разбираат колку е голема штетата од корупцијата и дека таа ги погодува сите, затоа што парите од поткупот завршуваат во приватни џебови наместо во буџетот на државата и потоа државата нема пари за да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните, во образованието, во здравството…“, потенцира економистот и советник за макроекономски прашања и јавни финансии, Зоран Јовановски, кој ги презентираше резултатите од анкетата реализирана во рамките на проектот „Граѓаните против корупцијата“.

    На анонимната електронска анкета одговориле 138 компании, од кои 75 на сите прашања. Се работи за успешни големи, средни, мали и микро фирми од 48 дејности, а лоцирани се во 25 општини. Две третини од нив делуваат на домашниот, а една третина на странските пазари.

    Како еден од трите најголеми проблеми во земјава, анкетираните ја посочиле корупцијата, така се изјасниле 83,3 проценти од нив, додека на прашањето дали се соочиле со коруптивни барања од јавниот сектор во 2023, одговориле 83 компании од кои 53% потврдно, а 47% негативно.

    Дури 78 проценти од анкетираните преку одговорите посочиле дека коруптивно барање добиле од централната, а 22 отсто од локалната власт. И тоа, најмногу во постапките за добивање дозвола или одобрение (23 одговори), потоа при инспекциски надзор (12), царинска (11), тендерска постапка (11). Но, и во даночна, судска, катастарска постапка (25).

    Понатаму, високи 61 отсто од одговорите се дека во 2023 им бил побаран поткуп од два до петпати, а на 20 проценти од нив – еднаш. И тоа, 26 од анкетираните се изјасниле дека поткупот им бил побаран во пари, 15 во подарок, од 12 е побарана противуслуга, а останатите требало да вработат некого, да донираат во политичка партија…

    Од аспект на начинот на кој е побарано мито, две третини од компаниите одговориле – индиректно, а една третина – директно. А, повеќето од половината, поточно 51,2 проценти, се соочиле со барања од една до 10 илјади евра, а 12 отсто, односно пет компании кажале – повеќе од 100.000 евра.

    На прашањето, пак, да дадат мислење зошто е корупцијата присутна во државата, наведени се повеќе причини: неефикасноста на судскиот систем, поединци од власта сакаат брзо да се збогатат, не се применуваат законите, затоа што владее морална криза… Исто така, повеќето од компаниите мислат дека нема ефикасна заштита за тие што ќе пријават корупција, а и слаба е законската регулатива во борбата против корупцијата.

    Од негативни последици за бизнисот, доколку се пријави корупција, стравуваат дури 39 од компаниите, и тоа се плашат дека бизнисот сосема ќе пропадне. Од 51 компанија, 31 навела дека не презела ништо во однос на коруптивното барање, дел велат дека е нормално нешто да се даде, а мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор.

    „Ги прашавме зошто, 31 од 51 компании кои се соочиле со такво нешто, ништо не направиле, и прашавме дали е нешто комплицирано, не е. Рекоа дека се плашат за својот бизнис, а дел од нив не веруваат дека во моментот, нешто тоа би променило. Затоа ги прашавме, што треба да се направи. Ако ДКСК поднесе некаква пријава, а минатиот мандат на Антикорупциска имаше поднесено повеќе од 50 такви пријави поднесени до ЈО, мора да има некаква реакција. Што од тоа е процесирано, што од тоа е отфрлено. Можеби некои пријави не држат, можеби некои пријави држат, се покренува постапка. Значи таа комуникација ќе создава и едно чувство дека вреди и може нешто да се направи, ако се пријави“, нагласи Јовановски.

    Воедо додава, борбата против корупцијата нема шанси да успее ако се води изолирано, односно „треба оваа битка сите заедно да ја биеме и тогаш шансите за успех се драматично поголеми“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично