За 169 проценти е зголемена добивката на велешки „Ветекс“. Друштво за производство на предиво и конец во текот на минатата година, во услови на економска криза, успеа да го зголеми извозот и да постигне добри резултати.
Вкупните приходи, во однос на претходната 2023 година се повисоки за 13,75 проценти и достигнуваат ниво од над шест милиони евра (370.431.024 денари). Веројатно би биле и посолидни доколку за конците имало поголема побарувачка на домашниот пазар. На овој простор е забележано потфрлање. За повеќе од двојно се намалени приливите – од 6.985.000 денари (113,6 илјади евра) во 2023 на 3.334.000 денари (54,2 илјади евра) лани.
Наспроти тоа, од извозните активности се инкасирани приходи од 364.163.000 денари или 5,9 милиони евра, што претставува раст од 18 проценти. А, како што посочуваат од „Ветекс“, освен редовните, се остваруваат и други приходи.
Трошоците на друштвото за една година се зголемиле за 10,10 насто. Изнесуваат 350.171.832 денари, односно 5,7 милиони евра. Најголемиот дел произлегуваат од набавката на материјали потребни за производството и за плати и надоместоци за вработените.
Резултатот е добивката од 18.380.075 денари или речиси 299 илјади евра.
Ветекс опстојува повеќе од пет децении. Најголемиот дел од производството завршува на пазарите во Германија, Австрија, Италија, Данска, Холандија, Франција и Швајцарија. Компанијата котира на Македонска берза, но според податоците, со акциите, чија единечна цена е 1.002 денари, не се тргувало последниве 52 недели.