ПОВЕЌЕ

    КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ГОЛЕМИ ПАРИ ВО МАЛ БРОЈ ФИРМИ: Јавните набавки по македонски терк

    Време зa читање: 7 минути

    На јавните набавки годишно се трошат околу 1,5 милијарди евра. Од 3.300 до 3.800 фирми годишно стануваат победници на распишаните тендери. Но, кајмакот го собираат десет. За пет години склучиле договори вредни една милијарда и 28 милиони евра. Некои од нив живеат од и за тендерите. Односно, вредноста на нивните остварени приходи е пониска од износите на договорите за јавни набавки, како во примерите на Марковски компани и веледрогеријата Пановски, покажуваат податоците од најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации. Оттаму и согледувањето дека некои компании се „поеднакви“ од другите. И кога се работи за тендери на централно и на локално ниво.

    Рекордерот во освојување на тендерите е Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола. Во една петолетка има добиено повеќе од 151 милион евра.

    „…Во периодот 2019-2023 година има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки. Дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани во вредност од 141 милион евра, односно 93% од вкупната вредност на тендерите. Договорите се за ископ на јаловина со градежна оператива во ПЕ Рудници (РЕК Битола), за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во ПЕ Рудници (РЕК Битола), ремонтни активности, високостручни машински интервенции со работна рака, услуга од работна рака за тековни машински интервенции“, пишува во извештајот. И, се посочува – дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, фирмата ги добила во нетранспарентна постапка со преговарање без претходно објавување оглас за јавна набавка.

    Според податоците, пак, на БизнисМрежа, оваа компанија годинава има склучено осум договори.

    Што се однесува до резултатите од работењето, во текот на 2023 имал вкупни приходи од 45,8 милиони евра, кои во споредба со 2022 се повисоки за 51,60%. Нето-добивката е зголемена за 101,11% и изнесувала 13,3 милиони евра.

    Ова компанија, која успешно игра со секоја власт, сепак, загуби тендер. Пред некој ден од РЕК Битола соопштија дека раскинале еден од тендерите вреден 46 милиони евра, поради неодговорно постапување на фирмата, со што „директно ја загрозила енергетската стабилност на државата“.

    Втора во топ-10 тендерџиите, е веледрогеријата АД Д-р Пановски, Скопје, со склучени 1.491 договор и вредност од 144 милиони евра.

    „…Листата на институции со кои оваа веледрогерија има склучено договори е долга, но сепак во неа доминираат две институции и тоа Министерството за здравство и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Вредноста на договорите склучени помеѓу Д-р Пановски и Министерството за здравство вкупно изнесуваат околу 3,7 милијарди денари, односно 60 милиони евра, а со Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија вредноста на тендерите изнесува 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра. Дури 542 договори за јавни набавки се склучени во постапки во кои учествувал само Д-р Пановски. Вкупната вредност на овие договори изнесува 44 милиони евра што е 31 % од вкупната вредност на склучените договори“.

    Во текот на оваа 2024, компанијата склучила 266 договори.

    Приходите од 2023 година се 36,8 милиони евра со раст од 42,65%, а профитот 2,7 милиони евра, натфрлен за 25,22%.

    Следи Пуцко Петрол ДООЕЛ с. Пласница со склучени 1.776 договори и сума од 137 милиони евра.

    „Најголемиот поединечен клиент му е Јавното сообраќајно претпријатие Скопје со кое во периодот 2019-2023 година има склучено 2 договори во вкупна вредност од 40 милиони евра. Дури 658 од вкупно добиените 1.776 договори се склучени во постапка за јавна набавка во која само Пуцко Петрол учествувал и немал конкуренција. Вредноста на овие договори изнесува 68 милиони евра, односно половина од вкупно добиените“, велат од ЦГК.

    Годинешниот скор е 294 договори.

    Фирмата тесно поврзана со ДУИ, со „резервации“ во тендерите на сите државни нивоа, лани имала добивка од 6,3 милиони евра, повисока за 98,77%. Кај приходите има минус од 17,74% и износ од 66,2 милиони евра.

    Алкалоид Конс ДООЕЛ Скопје во пет години има 1.426 договори во вредност од 130 милиони евра. Најголемите договори веледрогеријата ги склучила со Министерството за здравство, во износ од 53 милиони евра.

    Оваа година има добиено 271 тендер.

    Оваа веледрогерија во 2023 имала приходи од над 33 милиони евра (+23,94%), а профит од 665 илјади евра (-34,48%).

    На петтата позиција е Енерџи Деливери Солушнс АД Скопје со 580 договори и 103 милиони евра. „Во листата се низа институции од министерства, преку државни претпријатија до образовни установи. Гледано поединечно, некои од најголемите договори на оваа фирма се склучени со ЈП за државни патишта. Во 77 склучени договори Енерџи Деливери Солушнс немал конкуренција и бил единствен понудувач“.

    Според податоците од БизнисМрежа, годинава има 167 договори.

    Ланските приходи се 80,3 милиони евра (-25,03%), а 2023 е завршена со загуба од 327 илјади евра.

    Меѓу најголемите тендерџии е и Макпетрол со 1.570 договори вредни 79 милиони евра.

    „Дури 1.242 договори се склучени во постапки во кои Макпетрол бил единствен понудувач. Вредноста на овие договори во периодот 2019-2023 година изнесува вкупно околу 68 милиони евра односно 86 % од вредноста на сите договори. Гледано на ниво на институции еден од најголемите купувачи на нафтени деривати од Макпетрол е Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со која во анализираниот петгодишен период се склучени 9 договори во вредност од 21 милион евра“.

    Компанијата годинава склучила 297 договори.

    Во 2023 имала приходи од 494,3 милиони евра (-19,15%) и профит од 12,5 милиони евра (-40,30%).

    Со 64 договори од околу 74 милиони евра, на седмото место е градежната компанија Илинден АД Струга.

    „Нешто помалку од третина од вредноста на овие договори е склучена во постапки во кои оваа градежна компанија немала конкуренција. Најголемиот договор што оваа градежна компанија го има склучено е со ЈП Државни патишта за изградба на регионален пат P2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски мост во вредност од 28 милиони евра“.

    Во 2024 оваа фирма добила седум тендери.

    Ланската добивка е 7,6 милиони евра (+186,17%), додека приходите биле 31,2 милиони евра (+60,39%).

    Уште една градежна компанија на листата – Гранит АД Скопје.

    „…Има склучено 18 договори во вредност од нешто помалку од 74 милиони евра. Најголем дел од договорите им се склучени со Јавното претпријатие за државни патишта и тоа 8 во вкупна вредност од 51 милион евра“.

    Годинава, пак, Гранит добил еден тендер.

    Вкупните приходи во 2023 изнесувале 85,6 милиони евра (+4,75%), а добивката 2,5 милиони евра (14,78%).

    Со број 9 е Македонски телеком со 1.168 договори вредни 68 милиони евра. Секој петти договор е склучен во постапка во која немале конкуренција.

    Во текот на годинава компанијата има 152 договори.

    А, ланските резултати од работењето се: приходи од 195,8 милиони евра (+1,84%) и добивка од 36 милиони евра (+32,63%).

    Листата на најголемите тендер-добитници се заокружува со Стентон Градба Битола. Има 168 договори со сума од 66,5 милиони евра.

    „Најголемите по вредност договори ова претпријатие ги има склучено со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Во период 2019-2023 година Стентон Градба има склучено 3 договори во вкупна вредност од 32 милиони евра“.

    Градежната компанија во 2024 добила 23 тендери.

    Лани одработиле со профит од 2,5 милиони евра (68,97%), додека вкупните приходи биле 22,7 милиони евра (+7,76%).

    Во анализираниот петгодишен период од 2019 до 2023 година, произлегло дека само девет отсто од регистрираните фирми во земјава добиле државни тендери. Поради тоа голем број компании воопшто и не учествуваат на повиците за јавни набавки.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично