ПОВЕЌЕ

    КОМПАС ПОКАЖУВА УМЕРЕН НАПРЕДОК: Најмногу ветувања исполнети во образованието, најмалку во родова еднаквост

    Време зa читање: 7 минути

    Finance Think, во партнерство во Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво- Здружение за интерсекторска соработка и Младинскиот образовен форум, ја претставува надградената мониторинг рамка КОМПАС за системско следење на реализацијата на владините ветувања за периодот 2024–2028. Оваа рамка ја надградува претходната верзија која го мапираше економскиот напредок во периодот 2020–2024.

    Платформата „КОМПАС“ (https://kompas.financethink.mk) ја следи реализацијата на вкупно 139 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост.

    Вкупен напредок: умерено исполнување со значајни разлики по области

    Од вкупните ветувања, досега се целосно реализирани 18 ветувања (13%), додека 51 ветување (37%) се во насока на исполнување. Најголем напредок е постигнат во областа на образованието, каде 24% од ветувањата се исполнети, а 70% се во насока на исполнување. Зад него следат социо-економските политики и политиките за млади, со по 9% реализирани ветувања. Реализацијата во здравство има поумерена динамика, три ветувања се реализирани и 5 во насока на исполнување. Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде што нема ниту едно активно или реализирано ветување (График 1).

    Графк 1: Исполнетост по области

    Социо-економски политики: Делумен напредок, но со потенцијални ризици

    Од 43 мапирани ветувања, 4 се исполнети, а 12 се во насока на исполнување. Реализираните вклучуваат: непроменети даночните стапки на личен доход и добивка, реинвестирана добивка без оданочување и зголемување на пензиите за 5000 денари. Во насока на реализација, најголем дел се од областа стабилни финансии кои придонесуваат кон макроекономска стаблност како раст на БДП, контрола на инфлацијата, намалување на јавниот долг и невработеноста, зголемени инвестиции и креирање на нови работни места.

    Од аспект на исполнетост, иако бројот на целосно исполнети ветувања е релативно мал, мерките кои се во фаза на исполнување се задоволителни. Поголема причина за загриженост се ветувањата чија реализација се движи во спротивна насока од првичните цели, особено затоа што тие претставуваат клучни структурни реформи. Станува збор за ветувањата поврзани со намалување на буџетскиот дефицит под 3% од БДП, намалување на сивата економија, зголемување на продуктивноста, поддршка на извозот и умерен пораст на платите во јавниот сектор.

    Дополнителен предизвик претставува усогласеноста на владините приоритети со реалните потреби и очекувања на граѓаните. Според последното истражување „Што е клучно за подобрување на квалитетот на живот?“, граѓаните идентификуваат дека услугите за грижа на стари лица и деца (старски домови и детски градинки), се оценети како недовлно достапни, а често и скапи. Додека квалитетот на патната инфраструктура и јавниот транспорт се оценети со најлош квалитет. Истовремено, највисока поддршка добиваат ветувањата за отворање нови работни места, капитални инвестиции и проширување на капацитетите за детска грижа. Од друга страна, поддршката за зголемување на платите во јавната администрација е ниска, дури и со голем процент на негативен став по однос на зголемувањето на платите, а зголемувањето од 16,8% во 2024 е дури и над даденото ветување за пораст согласно растот на економијата.

    Во наредниот период, неопходно е да се задржи фокусот врз ветувањата кои се веќе започнати, со цел тие да се довршат во разумен рок. Особено внимание треба да се посвети на мерките чие реализирање започна позитивно до крајот на 2024 година, но покажуваат ризици од отстапување во првиот квартал на 2025 – како што се стапката на инфлација и поголема наплата на средства во државниот буџет. Како и подобро усогласување на владините приоритети со очекувањата и реалните потреби на граѓаните.

    Образование: највисок степен на реализација

    Од 37 мапирани ветувања, реализирани се 9, а 26 се во тек, што укажува на силна динамика на активности. Ветувањата кои се реализирани или се во процес на исполнување вклучуваат зголемување на буџетот за образование (на 3.79% од БДП), ревизија на Концепцијата за основно образование, поддршка за успешни училишта, како и проширување на мерките за образовна инклузија. Иако е направен почетен чекор во реформата на високото образование, реализацијата на мерките во овој сегмент останува најслаба. Одредени мерки, како воведување на СТЕМ концепт и отворање центар за обука на наставници, сè уште не се преземени. Дел од ветувањата не се транспонирани во стратешките документи на МОН, или се ревидирани и преформулирани во насока да соодветствуваат на тековните политики на МОН што укажува на потреба од поголема усогласеност меѓу Владината програма и реалните капацитети на системот. Сепак, воспоставувањето на индикатори за следење на имплементацијата е позитивен чекор кон поефикасен мониторинг.

    Здравство: ограничен напредок со важни почетоци

    Од 31 ветување, реализирани се 3, а 5 се во насока на исполнување. Вклучуваат: зголемување на капитациониот бод за лекарите од примарната здравствена заштита, укинување на позициите економски директори, како и воведување на девет нови генерички лекови на позитивната листа по подолг временски период. Започнат е процесот на вработување на околу 1.018 здравствени работници кои досега беа ангажирани по договор на дело во јавните здравствени установи (ЈЗУ). Иако процесот е во тек, истиот се соочува со одредени административни предизвици кои го забавуваат. Исто така, започнати се и постапките за вработување на приватните специјализанти во јавното здравство. Паралелно се спроведуваат проекти за реновирање на неколку здравствени установи и набавка на нова медицинска опрема за дијагностика и третман во повеќе здравствени центри.

    Сепак, предизвиците остануваат значајни: темелна реформа на примарната здравствена заштита и другите нивоа на здравствениот систем, регионализација на болниците, недостигот од здравствен кадар, дигиталната трансформација и воспоставување на одржлив систем за долготрајна нега.  Дополнително, перцепциите на граѓаните откриваат значајна неусогласеност меѓу очекувањата и реалноста. Граѓаните оценуваат ограничена достапност до специјалистичка здравствена заштита, недоволно квалитетна инфраструктура и високи лични трошоци за лекови и здравствени услуги. Овие наоди укажуваат дека мерките во здравствениот сектор мора да бидат поусогласени со реалните потреби на граѓаните, со акцент на подобрување на пристапноста, квалитетот и финансиската заштита. Целта е да се воспостави модерен, ефикасен и одржлив здравствен систем, со јасни стандарди, подобра инфраструктура и кадровски потенцијал, кој ќе одговори на очекувањата на граѓаните и ќе обезбеди квалитетна здравствена услуга на сите нивоа

    Млади: институционален напредок, недоволно спроведување на конкретни мерки

    Следени се 15 ветувања, од кои 2 се реализирани, 8 се во насока на исполнување, а 5 не се реализирани. Иако е формирано ново Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и Центар за истражување на младински прашања – што претставува значајна институционална новина – најавените конкретни мерки, како ваучери од 250 евра за електронски уреди за студенти, М-апликација за младински стандард или проектот „Купи куќа за млади“, сè уште не се реализирани.

    Од друга страна, започнати се иницијативи за реновирање на студентски домови и зголемена финансиска поддршка за млади земјоделци. Ваквите резултати упатуваат на потребата од јасни рокови, зајакнати институционални капацитети. Исто така, приоритизирањето на мерките треба да се совпаѓа со реалните потребите на граѓаните и младите, како што е поддршката од 80% за подобрување на условите за домување, 63% за мерката „Купи куќа за млади“ и 73% за финансиска поддршка на млади претприемачи, меѓу останатите.

    Вкупната акција е поддржана од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС, НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично