ПОВЕЌЕ

    Комерцијална плаќа 20,3 милиони евра за акциите на Стопанска банка Битола – 22 септември рок за прифаќање на понудата

    Време зa читање: 3 минути

    Комерцијална банка понуди 3.200 денари по акција за целосно преземање на Стопанска банка Битола. Вкупно 1.251.126.400 денари, кои се уплатени на сметка во Централниот регистар за хартии од вредност. Акционерите имат рок до 22 септември да ја прифатат понудата, која ќе се смета за успешна доколку бидат продадени 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67% плус една акција од вкупниот број.

    Понудата и проспектот се јавно објавени на Македонска берза, за што известија двете страни.

    „Комерцијална банка АД Скопје известува дека денес (26.08.2024 година) се објавени Понудата и Проспектот за преземање на Стопанска банка АД Битола. Понудената цена на акциите издадени од Стопанска банка АД Битола изнесува 3.200,00 денари по акција, а рокот за прифаќање на понудата изнесува 28 дена – од 26.08.2024 година до 22.09.2024 година“, пишува во објавата од најголемата македонска банка.

    Од битолската Стопанска банка, пак, ја информираа инвеститорската јавност: „Ве известуваме дека од страна на Комерцијална банка АД Скопје доставена е Понудата за превземање и Проспектот на понудата за превземaње на Стопанска банка АД Битола“, при што е наведен линкот до документите.

    За износот по која треба да се изврши откупот, во понудата е наведено дека е за 16,78% повисок од просечната цена на тргување во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање. Просечната цена постигната во тој период е 2.740,21 денар.

    Во случај Комерцијална банка да добие најмалку 95% од акциите, како што е посочено во понудата, планира да го користи правото на принудна продажба, што го овозможува членот 63 од Законот за преземање на акционерските друштва.

    „Доколку преземачот во постапката за преземање се стекнал со најмалку 95% од хартиите од вредност на целното друштво, тој има право да ги купи и хартиите од вредност на останатите акционери коишто не ја прифатиле понудата за преземање.

    Купувањето на хартии од вредност од ставот (1) на овој член се врши под условите определени во понудата за преземање, односно во последната променета понуда за преземање.

    Преземачот кој сака да го искористи правото од ставот (1) на овој член е должен до овластениот депозитар да поднесе барање за принудна продажба на хартиите од вредност на акционерите кои не ја прифатиле понудата за преземање…“, е дел од содржината на овој член.

    Акционерите на Стопанска банка Битола ќе треба да поделат повеќе од 20,3 милиони евра. Тие што ќе ги продадат акциите, парите ќе ги добијат во рок од од осум дена по приемот на решението од Комисијата за хартии од вредност со кое се утврдува успешноста на понудата за преземање.

    Инаку, десетмината најголеми сопственици на акции во битолската банка, наведени и во Проспектот за преземање, се „Пелистерка“ со 16,99%, Трајан Масалковски и Тони Јосифовски со 4,99%, Ненад Јосифовиќ со 4,93%, Орка Холдинг – 4,68%, НЕТ-Електроникс – 4,15%, Скопски пазар – 4,10%, Бест Веј Инвестмент – 3,85% и Русе Иљоски кој поседува – 3,67% од вкупниот број акции со право на глас.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично