Добивка од 2.004,3 милиони денари или речиси 33 милиони евра е резултатот од само шестмесечното работење на Комерцијална банка. Што е безмалку двојно во однос на позитивниот финансиски резултат во износ од 1.131,9 милиони денари, односно 18,4 милиони евра од истиот период минатата година.
Во првата половина од годинава зголемена е и вкупната актива на консолидирана основа, која изнесува 155.969,5 милиони денари, што е противвредност на 2,5 милијарди евра. Забележаниот раст е за 3,3 проценти во однос на декември 2022 година.
Податоците се од неревидираниот консолидиран Биланс на успех и Биланс на состојба на најголемата македонска банка.
Од јануари до јуни Комерцијална банка прокнижила 2,420,179 илјади денари или 39,2 милиони евра нето-приходи од камати. Во споредбениот период се работело за 1,328,391 илјади денари, односно за 21,5 милиони евра.
Провизиите и надоместите, пак, се во нето-износ од 570,928 илјади денари/9,2 милиони евра. И тука има зголемување во однос на ланското прво полугодие – 551,950 илјади денари, или речиси девет милиони евра.