ПОВЕЌЕ

    Комерцијална банка со стратегија за стабилен раст и силна ликвидност

    Време зa читање: 5 минути

    За девет месеци – добивка од 69,1 милион евра. Тоа е финансискиот резултат од работењето на Комерцијална банка. Респектабилен износ, и покрај тоа што таа банка имала и подобро остарување. Лани, за истиот период, се зборуваше за 71,9 милиони евра. Разликата е минус 3,9 отсто. Планираната бруто-добивка за трите квартали е остварена со 110 проценти.

    Минатата година Комерцијална банка ја заврши со профит од 80 милиони евра. Ќе почекаме да видиме каков ќе биде годинешниот исход, но еве какви се очекувањата на менаџментот за наредниот период.

    И досега се покажа дека Комерцијална банка е имуна на страничните влијанија, условени од домашните политички случувања и од неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент.

    „Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе имаат позитивна насока, притисоците и зголемената неизвесност во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија, ММФ и Светската банка.

    Последните макроекономски проекции на Народната банка, објавени во јуни 2025 година, прогнозираат раст на економијата од 3,0 % во 2025 година, во услови на понеповолно надворешно окружување. Притоа, се очекува главен носител на растот да бидат инвестициите, потпомогнати од најавениот јавен инфраструктурен циклус, но и од приливот на странски инвестиции и солидната кредитна поддршка на корпоративниот сектор од страна на банките. Покрај тоа, во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан, Светската банка ги зголеми проекциите за раст на домашната економија и предвидува стапка на пораст на БДП од 3,1% во 2025 година, како резултат на јавните инвестиции и постепениот раст на извозот. Исто така, Европската банка за обнова и развој во објавениот есенски извештај ја ревидираше нагоре проекцијата за раст на македонската економија во 2025 година и предвидува пораст на БДП од 3,0 %, поттикнат од силната домашна побарувачка и забрзаното извршување на јавните инвестициски проекти.

    И понатаму се очекува макроекономската стабилност да се остварува преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Во 2024 година просечната годишна инфлација достигна 3,5 %, додека за 2025 година останува неизвесно остварувањето на проектираната стапка на инфлација од 3,0 %, согласно последните оцени на Народната банка. Нагорните ризици околу инфлацијата се сѐ уште присутни и главно се поврзани со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката“, посочуваат од Банката.

    Осврнувајќи се на просторот на кој дејствуваат, ги наведуваат очекувањата дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува кредитна поддршка, во услови на постепено забрзување на економскиот раст и стабилизирање на очекувањата. Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2 %, додека, согласно последните проекции од НБРСМ, за 2025 година е проектиран на околу 9,0 %. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,5 %.

    Што се однесува до новата регулатива, од Комерцијална банка истакнуваат дека е можно да има значајно влијание врз профитабилноста и врз можноста за зајакнување на капиталната позиција на среден рок, а во услови на очекувано натамошно зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот.

    „Одлуката за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, значително ги заострува показателите кои банките треба да ги исполнуваат при одобрување кредити на физичките лица, додека Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за задолжителна резерва со која се зголемени стапките и променет е начинот на пресметка на задолжителната резерва во денари и во странска валута, ќе предизвика намалување на потенцијалот за пласирање на средствата во реалната економија, односно Банката ќе има помал капацитет за кредитна поддршка, и тоа, како директно преку ново кредитирање, така и индиректно преку вложувања во нискоризични државни хартии од вредност“.

    АКТИВАТА НАДМИНА 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА – Колкава е добивката на Комерцијална банка?

    Сепак, нагласуваат од менаџментот, ќе се пристапи кон спроведувње на неопходните активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период фокусот ќе биде на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите. Во таа насока се и „ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, натамошно усогласување со техничките барања за процесирање на плаќањата преку единствената европска платежна област – СЕПА, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со новата регулатива за заштита на потрошувачите, регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично