ПОВЕЌЕ

    Комерцијална банка со донација вредна 5 милиони денари комплетно го реновираше Одделот за ревматологија и кардиологија на Детската клиника

    Време зa читање: 5 минути

    Благодарение на оваа исклучително значајна донација од Комерцијална банка, Одделот за ревматологија и кардиологија при Универзитетската клиника за детски болести доби целосно нов и прилагоден ентериер за потребите на пациентите и на медицинскиот персонал.

    Со оваа вредна финансиска поддршка од речиси 5 милиони денари, Комерцијална банка во духот на својата мисија и посветеност за помагање на општеството, даде исклучителен придонес за подобра медицинска грижа и побрзо оздравување на пациентите на овој оддел од Детската клиника.

    Реновираниот Оддел за ревматологија и кардиологија денеска беше официјално пуштен во употреба од страна на претставниците на Комерцијална банка, Универзитетската клиника за детски болести и на Министерството за здравство.

    Одделот за рекордно брзо време е комплетно реновиран, опремен е со нови болнички кревети, санитарија, елементи за остава и плакари, а сѐ со цел да обезбеди квалитетни услови за престој на пациентите и максимална нега и грижа од медицинскиот персонал. Реновирањето е изведено преку ангажман на компанијата Сити билд од Скопје.

    Комерцијална банка е особено горда на оваа своја донација затоа што значи грижа за децата и помагање во услови кога минуваат низ сериозни и непријатни моменти од својот живот.

    „Денеска ги отвораме вратите на комплетно реновираниот Оддел за ревматологија и кардиологија на Детската клиника. Нашата мисија со оваа донација беше да помогнеме застарениот Оддел да добие нов лик и нови услови кои на пациентите ќе им помогнат полесно да го прифатат медицинскиот третман и ќе им ја дадат потребната енергија и оптимизам за побрзо надминување на сите предизвици. Сепак, искрено посакувам ниедно дете да не мора да влезе низ оваа врата во иднина“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, по повод пуштањето во употреба на реновираниот Оддел.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити истакна дека ова е добар пример на општествено одговорна компанија која придонесува за унапредување на условите за лекување на Клиниката за детски болести.

    „Ова е значаен придонес со кој обезбедуваме поудобно опкружување за нашите најмили со цел што побрзо опоравување и заздравување. Здравството е навистина сензитивен сегмент и помошта е секогаш добредојдена, посебно кога се во прашање децата и нивното здравје“, порача Меџити.

    Проф. д-р. Стојка Нацева Фуштиќ, в.д. Медицински директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести-Скопје, се заблагодари за донацијата во име на вработените и на менаџментот на Клиниката.

    „Сакам да ја изразам мојата благодарност до Комерцијална банка и до Управниот одбор на Банката, кој на нашето обраќање за донација за реновирање на Одделот за ревмо-кардиологија на Клиниката изрази безрезервна подготвеност да помогне со цел подобрување на условите за хоспитализација и лекување на нашите мали пациенти. Одделот доби сосема нов лик и ќе овозможи безбеден и удобен престој на хоспитализираните деца, функционално работење, како и обезбедување на стандардите за хумано функционирање на сите внатрешни единици“, истакна проф. д-р. Нацева Фуштиќ.

    Г-дин Аркин Јахији, в.д. Организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести-Скопје, исто така, се заблагодари за донацијата од Комерцијалната банка.

    „Комерцијална банка со ова донација покажа дека е општествено одговорна компанија која сака да помогне на јавното здравство, односно да им се овозможат подобри услови на децата кои престојуваат во овој оддел од Клиниката за педијатрија. Нашата Клиника и понатаму ќе остане отворена за донации, па би ги повикал сите компании кои имаат можност да го следаат примерот на Комерцијална банка“, порача г-дин Јахији.

    Комерцијална банка во последните четири години даде огромна поддршка за подобрување на условите и за обезбедување квалитетно јавно здравство за сите граѓани во земјава. За време на Covid-пандемијата, Банката донираше над 620.000 евра за потребите на македонското јавно здравство. Со овие донации Комерцијална банка обезбеди три амбулантни возила за итна медицинска помош, кислородни протокомери за кислородна поддршка, медицински заштитни маски за лице, кислородни концентратори за контиунирана кислородна терапија на пациенти со хронични белодробни заболувања, брзи тестови за утврдување присуство на вирусот Covid-19, реагенси за тестови, маски за неинвазивна вентилација за еднократна и повеќекратна употреба.

    Грижата за поквалитетно здравје на граѓаните е врвен приоритет, од кој не смее да отстапи ниедна институција во општеството, а Комерцијална банка како општествено одговорна компанија останува доследна на својата посветеност да го помага јавното здравство за заедно и полесно да стигнеме до подобро општество за сите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично