ПОВЕЌЕ
    ПОВЕЌЕ

      Комерцијална банка ја распоредува добивката: Дивиденда за акционерите во мај

      Време зa читање: 3 минути

      Комерцијална банка АД Скопје има нераспределена добивка од 34,9 милиони евра (2.149.186.831 денар). Од тие средства, бруто износот од 18,5 милиони евра (1.139.533.500 денари) е наменет за дивиденда за обичните акции, како резерва ќе завршат 13,8 милиони евра (849.653.331 денари), додека 2,6 милиони евра (160.000.000 денари) ќе се користат годинава како задржана добивка за инвестициски вложувања, односно реинвестирана добивка. Ова е предлог одлука која заедно со останатите точки од дневниот ред ќе ги гласаат акционерите на Банката на 29 март, за кога е закажано одржувањето на годишното Собрание.

      Веќе е познато, од работењето во текот на минатата година Комерцијална банка оствари добивка, која пред да се одбие данокот (2,6 милиони евра) е во износ од 37,5 милиони евра, или точно 2.311.033.367 денари. Всушност, во касата за распределба се оперира со 34,9 милиони евра.

      Што се однесува до сопствениците на обичните акции, тие имаат право на сразмерен дел во распределбата на добивката. Притоа, предложено е секој по акција да добие 500 денари во бруто износ, што изнесува 50 проценти од поединечната номинална вредност на акциите. Од Банката е одреден и последениот можен краен рок за купување акции со право на дивиденда – 12 април. Распределбата на тие пари е во готово, а исплатата ќе биде на четврти мај годинава.

      Со износ, пак, од 63,7 илјади евра, ќе бидат наградени членовите на Надзорниот одбор. Тоа спаѓа во трошоците на Банката.

      За резерва се издвојуваат 13,8 милиони евра. Најголемиот дел од нив е заради усогласување со одлуките на НБРСМ за висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот. Тоа е за заштита на банките од ризиците што можат да се појават во кредитниот циклус на домашен терен, но и при изложеност кон други земји. А, се однесува за периодите на голем кредитен раст, кога заштитата расте, односно капиталот мора да се зголеми. Станува збор за стапка од 0,5 проценти со важност до август годинава, а во случајот на Комерцијална се работи за сума од околу 600 милиони денари, односно 9,7 милиони евра.

      Оние 2,6 милиони евра кои влегуваат во задржаната добивка за инвестициски вложувања се за развојни цели на Банката. Или, за проширување на дејноста, со што тоа следува и правото за намалување на основата за плаќање данок на добивка.

      Инаку, на дневниот ред за Собранието, меѓу другото, се ставени посебните финансиски извештаи за 2022 година, консолидираните финансиски извештаи, годишната сметка, консолидираната годишна сметка, годишниот извештај за работењето, програмата за мерки и активности на деловната политика и финансиски план за годинава… Извештаите се ревидирaни од ревизорската куќа Грант Торнтон, при што е забележано објективно, во сите материјални аспекти, е прикажана финансиската состојба на Комерцијална банка, исто како и резултатите од работењето и паричните текови реализирани во текот на изминатата година.

      14,794Следи нè на facebookЛајк

      слично