
Во јули 2019 година започна проектот „Мој ДДВ“, со кој дел од данокот на додадена вредност што граѓаните го плаќаат при купување производи и услуги им се враќа назад. Основната цел на мерката беше да се воведе силна иницијатива на граѓаните за издавањето фискални сметки со што би се влијаело на намалување на сивата економија, а и би се обезбедил поголем приход за секое семејство.
Постојат примери и од други земји каде што државата спроведува или експериментира со мерки за поттикнување на граѓаните да бараат фискални сметки и да дадат придонес во намалување на сивата економија.
Но, македонскиот систем е релативно иновативен, со тоа што:
- го насочува повратот кон граѓаните,
- користи мобилна апликација за скенирање фискални сметки,
- го поврзува повратот со напорите за намалување на сивата економија и за зголемување на даночната култура.
Шест години подоцна, изјавите дека мерката не ги исполнила очекувањата во однос на сузбивање на сивата економија, во јавноста се толкуваат како најава за нејзино можно укинување. Таквиот пристап, меѓутоа, отвора сериозно прашање: дали „Мој ДДВ“ воопшто треба да се мери исклучиво преку еден, тесно дефиниран индикатор?
Помеѓу буџетскиот трошок и долгорочната вредност
Од воведувањето на „Мој ДДВ“ присутни се критики дека мерката создава буџетски трошок и дека граѓаните со повисока потрошувачка остваруваат поголем поврат. Но, треба да се има предвид дека „Мој ДДВ“ не е социјална мерка, туку инструмент за зголемување на фискалната дисциплина, градење даночна култура и активна вклученост на граѓаните во даночниот систем. Затоа, нејзината оправданост не треба да се мери еднодимензионално, само преку непосредниот буџетски трошок или распределбениот ефект, туку и преку долгорочните придобивки, како и можноста мерката да се унапреди и подобро таргетира наместо да се укинува.
Граѓаните како дел од решението, а не како пасивни набљудувачи
Најголемата вредност на „Мој ДДВ“ не е во апсолутните износи на повратот, туку во промената на улогата на граѓанинот во даночниот систем. Со оваа мерка, граѓаните не се само крајни потрошувачи, туку стануваат активни учесници во процесот на фискална дисциплина. Барањето фискална сметка престанува да биде формалност и добива конкретно значење.
Во практиката, тоа значи дека државата добива илјадници „микро-контролори“ кои секојдневно влијаат врз почитувањето на правилата, нешто што ниту една инспекциска служба не може самостојно да го постигне.
Даночна култура не се гради само преку казни
Сивата економија не е само резултат на слаб надзор, туку и на ниска доверба во институциите и недоволна даночна култура. Мерките што се базираат исклучиво на репресија имаат ограничен ефект ако не се придружени со политики што создаваат чувство на правичност и партнерство меѓу државата и граѓаните.
„Мој ДДВ“ токму тоа го прави: испраќа порака дека платениот данок не е еднонасочна обврска, туку дел од поширок општествен договор. Граѓаните гледаат конкретна, иако симболична, придобивка и полесно ја прифаќаат логиката на редовно и регуларно плаќање даноци.
Долгорочни ефекти што не се мерат веднаш
Ефектите од ваквите мерки се долгорочни и генерациски. Младите луѓе растат со апликација, скенирање фискални сметки и основно разбирање на тоа што значи ДДВ. Тоа е инвестиција во идната даночна свест, која не може да се квантифицира во една буџетска година или преку краткорочна статистика.
Затоа, заклучокот дека мерката „не успеала“ само затоа што не довела до драматично намалување на сивата економија е поедноставување на еден сложен проблем.
„Мој ДДВ“ како цивилизациски мост
Мерката може да се чита и како мост помеѓу класичната фискална држава и идната „партнерска“ држава и како најава на идните економски политики. Со растечката автоматизација, роботизација и употреба на вештачката интелигенција, продуктивноста на економијата се помалку ќе зависи од човечкиот труд, а повеќе од технологијата и капиталот. Во такви услови, се почесто се отвора дебатата за т.н. граѓанска или социјална дивиденда, идеја според која државата враќа дел од зголемените приходи директно на граѓаните. Иако скромен по обем, „Мој ДДВ“ веќе ја нормализира таа логика: дека граѓаните не се само обврзници, туку и легитимни корисници на заеднички создадената вредност. Затоа, наместо да се укинува, оваа мерка треба да се препознае како дел од поширок економски концепт ориентиран кон иднината.
Укинување или унапредување?
Доколку „Мој ДДВ“ се укине, државата ризикува да испрати порака дека се повлекува од модерни, инклузивни јавни политики и дека граѓанската вклученост не е приоритет. Наместо тоа, далеку поразумен пристап би бил редизајн и унапредување на мерката: подобро таргетирање, диференциран поврат по сектори или комбинирање со едукативни и инспекциски активности.
Помеѓу критики и визија: значењето на „Мој ДДВ“
„Мој ДДВ“ не е само обична фискална мерка, туку е цивилизациски чекор напред во начинот на кој државата комуницира со своите граѓани.Таа придонесува за градење даночна култура, ја зајакнува довербата меѓу државата и граѓаните и ја подготвува јавноста за идни модели на распределба на јавните приходи. „Мој ДДВ“ не е мерка на минатото, туку скромна најава на економијата на иднината во која граѓаните не се само даночни обврзници, туку и носители на заедничката економска вредност.
Затоа, прашањето не е дали „Мој ДДВ“ е совршен, туку дали државата има визија да го унапреди наместо да го укине.
Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








