Дадена е иницијатива и во тек се активности за менување на Уставот, што го наметнува прашањето за долгогодишното пропуштање да се внесе независноста на Државниот завод за ревизија во Уставот, во текот на неговите дваесет и три години функционирање, и покрај редовните препораки за уставна загарантираност на неговата независност во извештаите од Европската комисија.
Зошто се потребни функционални ревизорски институции?
Врховните ревизорски институции се организации за ревизија на јавниот сектор во една земја, со задача да испитаат дали јавните средства се трошат економично, ефикасно и ефективно, во согласност со постоечките правила и прописи. Со обезбедување дека парите се добро потрошени, овие институции можат да придонесат за развојот на земјата и за напорите за намалување на корупцијата и сиромаштијата.
Државната ревизија е од клучно значење за да се обезбеди објективна проценка на владините програми, политики и резултати, да се открие дали со јавните ресурси се управува одговорно и да се влее доверба меѓу граѓаните и засегнатите страни. Во многу земји, овие институции немаат независност, ресурси и технички вештини за да извршат висококвалитетна ревизија, a според Извештајот на Светската банка за индексот на независност на врховните ревизорски институции за 2021 година, нивото на нивната независност не зависи значително од нивото на приходот на земјата. На пример, некои земји со ниски приходи имаат значителен индекс на независност. Затоа, независноста на државната ревизија може да се гледа, едноставно, како прашање на избор на самата земја.
Врховните државни ревизорски институции во денешно време се незаменлив елемент на секоја демократија, така што претставуваат продолжена рака на собраниските домови. Во рамките на робусниот систем на јавна финансиска одговорност, одговорните лица за водење на јавниот бизнис и користењето на јавните ресурси се одговорни пред оние кои ги користат и плаќаат за дадените услуги. Основна улога на Собранието е да го усвои Буџетот на Владата и да води сметка за негово извршување, обезбедувајќи во име на граѓаните и корисниците на јавните услуги ресурсите да се користат законски и одговорно, за наменетите цели, и економски ефикасно и ефективно. Но, за тоа им се потребни објективни информации засновани на факти за тоа колку добро Владата ги собира и ги троши јавните средства што ги добиваат во извештаите од државната ревизија.
Зошто е потребно да се обезбеди независност на врховните ревизорски институции?
Врховните ревизорски институции играат важна улога во системот на одговорност меѓу Собранието и Владата, а надворешно кон граѓаните и корисниците на јавните услуги. Но, овие институции можат да ги извршуваат своите задачи правилно само доколку останат независни од контролираните субјекти и се заштитени од надворешен притисок.
Со цел да се гарантира потребната организациска, функционална и финансиска независност на овие институции, неопходни се соодветни законски прописи и обезбедување високо ниво на државна култура. Овие институции треба да имаат стабилна правна основа утврдена во Уставот и законите. Важно е уставните одредби да ги утврдат основните принципи за функционирање на овие институции, како и институционални гаранции за независноста на телото, вклучително и јасна дефиниција за неговите законски и извршни овластувања. Посебно треба да се гарантира соодветна правна заштита од страна на Врховниот суд од какво било мешање во независноста и ревизорскиот мандат на овие институции.
Уставот предвидува уставна демократија и ги набројува правата на граѓаните, а за да се даде суштина на овие уставни права, формирани се независни институции за промовирање на правата и зајакнување на уставната демократија. Вклучувањето на институциите за државна ревизија во рамките на државни институции кои ја поддржуваат уставната демократија, покажува дека овие институции се дел од структурата поставена за да гарантира дека вредностите на добро владеење од Уставот се применуваат на администрацијата во земјата на сите нивоа. Целта за „дисциплинирање на Владата“ нагласува дека иако носителите на јавни функции уживаат значителни овластувања и привилегии, тие се обврзани да постапуваат во согласност со вредноста на „добро владеење“, што вклучува интегритет, транспарентност и одговорност.
Како е обезбедбена независнота на македонската државна ревизија?
Македонскиот државен завод за ревизија функционира од почетокот на 1999 година врз основа на Законот за државна ревизија, кој во најголема мера е усогласен со меѓународните стандарди за ревизорските институции. Но, при донесување на Законот за државна ревизија, а ни до сега, сѐ уште не е гарантирана независноста на оваа ревизија во Уставот. Иако во меѓувреме се направени 33 измени во Уставот, со ниту една од тие измени независноста и автономијата на државната ревизија не биле вградени во Уставот, како што предвидуваат меѓународните стандарди и принципи, како и добрите практики. Направен е еден обид за уставно дефинирање на Државниот завод за ревизија во 2014 година, што не се реализира поради непостигнување мнозинство за гласање за измените на Уставот.
Дека независноста на ДЗР треба уставно да се заштити редовно констатира и Европската комисија, во своите извештаи за напредокот на Република Македонија, уште од 2008 година. И во последниот Извештај на Европската комисија за 2022 година е констатирано дека Уставот сè уште не ја гарантира независноста на Државниот завод за ревизија и дадена е препорака да се зајакнат транспарентноста и отчетноста во управувањето со јавните финансии, врз основа на ефикасни механизми за следење од извршната власт и од Собранието, и преку ефективно последователно следење на ревизорските препораки дадени од Заводот.
Какви мерки се потребни за поефективна контрола на трошењето на јавните пари?
ДЗР во изминатиот период на работење постигна значаен напредок во екипирање со квалитетен и високообучен кадар, и во имплементирање на меѓународни добри практики и принципи. Но, нивната улога и работа сѐ уште не се целосно препознаени од широката јавност, иако се забележува пораст на вниманието на медиумите, претежно за извештаи на ревизорите во кои се констатирани значителни слабости.
За ефикасна државна ревизија во нашата земја, клучно е широко разбирање на значењето на контролата на трошењето на јавните пари и волја на власта за поддршка на развојот на нејзината улога за обезбедување законско и транспарентно трошење на јавните ресурси, преку уставно уредување на нејзината независност. Потребни се и други мерки за унапредување на ефикасноста и влијанието на оваа институција, а некои од нив се:
‒ Нема обезбедена независност при избор на директор и заменик-директор на Заводот и не е постигната целта Собранието да ја разбира и поддржува улогата и работењето на Заводот. Пример за тоа е кога во 2019 година повеќе од две години не беше избран главен државен ревизор од Собранието. Потребни се потранспарентни процеси насочени кон назначување кандидати со интегритет, лидерски вештини, визија и реформска страст, заедно со сметководствени и ревизорски знаења.
‒ Во исполнувањето на улогата во системот на одговорност, државната ревизија треба да ја направи својата работа релевантна, да додава вредност и да има влијание, не само со контрола и известување, туку и со гледање напред.
‒ ДЗР треба да обезбеди Собранието и другите засегнати страни да ја разбираат нивната улога и нејзините ревизорски извештаи, па затоа чудно е што дури во 2022 година Заводот потпишал Меморандум за соработка со Собранието.
‒ Работењето на ДЗР се финансира во најголем дел од државниот буџет. А ефикаснотo промовирање на принципoт на јавна одговорност бара ревизорската институција да добива доволно средства за да ги извршува своите должности, па за постигнување на финансиска независност оваа институција треба да има поголема независност во одредувањето на сопствените приходи и расходи.
‒ Државната ревизија нема законска надлежност да ги санкционира институциите за неспроведување на препораките од државните ревизори, а треба да ѝ се даде.
‒ Државната ревизија треба да биде проактивна во ангажирањето и објаснувањето на својата улога и работата што ја врши, преку соопштенија за своите извештаи и ефикасна комуникациска стратегија, за да се осигура дека нивната работа може да има влијание и да поддржува добро управување.
Јадранка Мршиќ