ПОВЕЌЕ

    Колку е реално намалувањето на невработеноста во Македонија?

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија бележи историски пад на невработеноста на 12,5 отсто во второто тримесечје од оваа година. Но сепак и тоа е сѐ уште далеку од европските стандарди, каде што стапката се движи во просек околу 6 отсто, што значи невработеноста на земјава сѐ уште е висока.

    Во јули 2024 година, сезонски приспособената стапка на невработеност во еврозоната изнесувала 6,4 проценти, што е намалување од 6,5 проценти колку што изнесуваше во јуни 2024 година и во однос на 6,6 проценти во јули 2023 година. Стапката на невработеност во ЕУ беше шест проценти во јули 2024 година, што е на исто ниво во споредба со јуни 2024 година, како и со јули 2023, објави Евростат.

    Според најновите податоци на Државен завод за статистика, во второто тримесечје од 2024 година во Македонија, бројот на активното население е 790.152 лица, од кои вработени се 691.736, а 98.416 лица се невработени.

    Стапката на активност во овој период е 52,1 отсто, стапката на вработеност е 45,6, додека стапката на невработеност е 12,5 отсто.

    Доколку споредиме со првото тримесечје од годинава кога активното население изнесуваше 788.909 лица, ќе заклучиме дека имаме прилив на 1.243 луѓе, а кај бројот на вработени имаме зголемување за  4.385 лица, а бројот на невработени се намалил за  лица 3.142 лица.

    Најголем број од вработените 133.897 се во преработувачката индустрија. Нешто помалку – 101.115 се во трговијата, а следно е во земјоделството каде што има 64.265 вработени. Во рударството, пак, има најмалку вработени – 5.739 лица.

    И покрај тоа што статистички се намалува невработеноста, приватниот сектор повеќе од кога било се соочува со недостиг од квалификувани кадри. Едно од клучните прашања на оваа проблематика е дали овој тренд на намалување ќе продолжи и колку е одржлив.

    Економски експерти истакнуваат дека намалувањето на невработеноста не е поради економското подобрување и порастот на БДП, туку дека станува збор за техничко-статистичка операција, која најверојатно подразбира бришење на невработените од системот на податоци, како и иселување од државава.

    Нашата држава има континуирано одлевање на работната сила и тоа не само млади, туку од сите старосни структури.
    – Вработувањето е еден од начините за справување со сиромаштијата и стапката на невработеност се намалува како резултат на новите вработувања, но и поради заминувањето на младите во странство – вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.

    Од друга страна, тој додава дека огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката. Затоа, според него, Македонија мора многу да работи на усогласување на потребите од разни занимања и на понудата на работна сила.

    Катерина Михајлова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично