Многумина типуваа на стотка, но и 80 милиони евра се огромна добивка. Остварени за 2024, а можеби можат симболично да се поврзат со оваа 2025, во која Комерцијална банка ја одбележува 80-годишнината од постоењето.
Профитот е конечниот резултат, чија подлога се депозитите од 2,51 милијарда евра, пласираните 1,28 милијарди евра во кредити, вкупните приходи од над 144 милиони евра… Бројките покажуваат што и како сработила најголемата домашна банка минатата година.
Добивката, всушност е 5.482,1 милиони денари или 89,1 милион евра. Од нив на државата и е платен данок од над девет милиони евра. Бруто добивката е зголемена за 40,1 процент во однос на претходно постигнатата, а нето износот за 37,5 насто. Со што се надминати очекувањата, велат од Банката, поради условите – внатрешни, надворешни, економски, геополитички… во кои лани се одвиваа работите. Планираната добивка е остварена со 129,5 проценти.
Основата на банкарските приливи, нето-приходите од камата, изнесуваат 5.967.324.000 денари, односно над 97 милиони евра. Во споредба со 2023, зголемени се за 14,5 насто. А, чистите приливи од пресметаните и наплатени камати е 6.759.161.000 денари или 110 милиони евра. Повисоки се 17,1 насто.
Во тој контекст и податоците за кредитната поддршка што ја дава Комерцијална банка. Кредитите и побарувањата од банките бележат ниво од 6.051.011.000 денари (98,4 милиони евра), а од граѓаните и компаниите 72.975.118.000 денари, што е еднакво на 1,18 милијарди евра.
Што се однесува до другите извори на приходи, од провизии и надоместоци се инкасирани 1.191,5 милиони денари (19,37 милиони евра) и годишен раст од 8,4 проценти. Курсните разлики се зголемени за три насто и приходуваат со 376,8 милиони денари (над шест милиони евра). А, во ставката останати приходи е запишана сума од 1.189,5 милиони денари (19,3 милиони евра), во кои се опфатени продажбите на кавадаречки „Еуроникел“ и пехчевски „Нова Рефрактори“.
Во текот на минатата година за 14,4 насто се зголемени трошоците на Банката. Оперативните расходи изнесуваат 2.724,5 милиони денари (44,3 милиони евра).
Најголемата банка во Македонија има актива на од 178.612,4 милиони денари, односно 2,9 милијарди евра. Споредено со крајот на 2023, повисока е за 9,2 проценти. „Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените кредити на комитенти, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 103,6 проценти“, наведуваат од Комерцијална банка.
Достигнувањата се по заслуга на вработените и на менаџментот. А, за начинот на кој се работело, во годишнниот извештај пишува: „Високата ликвидност со која располага Банката беше искористена за прудентно димензионирање на структурата на активата и пласирање средства во инструменти со помал ризик, но со задоволителни приноси“.
М.А.