ПОВЕЌЕ

    КОЈ НАЗДРАВУВАШЕ, А КОЈ ПАНИЧЕШЕ ВО 2025 година на берзите во Адриа Јадранскиот регионот?

    Време зa читање: 4 минути

    Како изгледаше берзанската 2025 година во Јадранскиот Регион, во која дел од инвеститорите наздравуваа, а други се прашуваа каде исчезнаа нивните приноси? Дали 2025 беше година на храбрите, на среќните или на оние што, просто, упорно држеа акции коишто конечно „експлодираа“? Кои компании, пак, најмногу ги разочараа дури и искусните играчи? Одговорите стануваат навистина интересни кога ќе се погледнат податоците од берзите во Јадранскиот Регион.

    На страната на победниците има многу шампиони со фантастичен раст на цените на акциите во текот на минатата година. Но, апсолутен шампион е компанијата Pretis d.d. Vogošća од Федерацијата БиХ, чија цена на акцијата скокна за неверојатни 331 насто. Pretis d.d. Vogošća е производител на различни видови воена опрема, муниција и специјални производи во одбранбената индустрија, со историја којашто датира уште од 1948 година. Таа бележи динамичен раст на приходите и добивката, што ја позиционира меѓу најбрзорастечките компании во БиХ. Федерацијата Босна и Херцеговина е најголем сопственик, но значаен удел има и компанијата Sikto d.o.o. Sarajevo, поврзана со американски инвестициски интереси, што укажува на меѓународен кредибилитет и потенцијал за понатамошен раст. Поради ненавремена достава на извештаи до берзата, нејзините акции се преместени на поризичен сегмент на тргување, што потенцијално може да влијае врз довербата на инвеститорите.

    Извор: Берзи во Јадранскиот Регион

    На второ место, со импресивен ценовен раст од 269 насто, се најде хрватската Duro Dakovic Grupa d.d., која со својата трансформација и стабилизирање повторно влегува со полна сила во фокусот на инвеститорите.

    Србија исто така имаше свои ѕвезди: цената на акцијата на Dunav Re a.d. Beograd забележа раст од 227 насто, додека на Lasta a.d. Beograd од 129 насто, со што покажа дека традицијата и довербата меѓу инвеститорите сè уште можат да создадат силен импулс. Од Хрватска доаѓа уште еден силен берзански играч – Zagrebačke pekarne Klara со раст на цената на акцијата од 209 насто, што ја стави оваа компанија меѓу најпријатните изненадувања на годината.

    Меѓу компаниите од Јадранскиот Регион чии акции остварија ценовен раст поголем од 50 насто нема македонски компании. На Македонската берза во 2025 година доминираше надолен тренд, така што само 14 акции остварија годишен раст на цената. Меѓу нив, на прво место е акцијата на ВВ Тиквеш со раст од 48,02 насто.

    Но, како што секоја берзанска година има победници, така има и губитници, кои ги оставија инвеститорите разочарани. Најголемиот пад го доживеа акцијата на компанијата Salus од Словенија, чија вредност се стопи за драматични 98 насто, пад што ретко се гледа и сигурно не се посакува на берзите. Тоа ја направи да биде едно од најголемите разочарувања за инвеститорите во Јадранскиот Регион. Оваа компанија врши големопродажба и дистрибуција на фармацевтски и медицински производи и не е активна само во Словенија, туку и на пазарите во Централна и Источна Европа. Во 2025 година го заврши купувањето на Farmadent, словенечка фирма за фармацевтски производи и опрема, што е дел од нејзината стратегија за зајакнување на позицијата на пазарот на Југоисточна Европа. Според деловни извештаи, Salus цели на нето-добивка од околу 15,5 милиони евра во 2026 година, што покажува амбиција за стабилен раст и повратно закрепнување по пазарните падови од 2025 година.

    Извор: Берзи во Јадранскиот Регион

    На второто место по пад на цената на акцијата од дури 91 насто се најде Макстил од Скопје, додека BOSQAR d.d. од Хрватска се приклучи на неславното друштво со ценовен пад од 89 насто. Падовите не заобиколија ниту компании од БиХ, Србија и Црна Гора, но овие три остануваат најголемото предупредување дека берзата знае да биде сурова и непредвидлива.

    2025 година јасно покажа дека пазарите во Јадранскиот Регион и понатаму се динамични и интересни, со спектакуларни добивки за едни и драматични разочарувања за други. Приказната за цените на акциите и во минатата година нè потсетува на фактот дека на берзите ништо не е загарантирано, но секогаш е возбудливо.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично