ПОВЕЌЕ

    КОЈ ГИ ЧУВА НАШИТЕ РОДИТЕЛИ ЗА НАД 8 МИЛИОНИ Евра?

    Време зa читање: 6 минути

    Анализа: Какви се приходите, добивките и платите во домовите за стари лица

    Сè повеќе семејства во Македонија се принудени да бараат услуга во дом за стари лица. Овој тренд е актуелен веќе подолго време, но не само кај нас, туку се случува насекаде под притисок на демографијата и начинот на денешното живеење. Покрај неколку државни домови што се наменски, во државава моментално постојат и 46 лиценцирани приватни домови. Сепак, евидентно е дека има недостиг на потребни сместувачки капацитети, но и на персонал. Од друга страна, тие со своите цени за многумина се недостапни. Во домовите цените се над 35.000 денари месечно.

    Деновиве, два пензиски дома со 4 објекти буквално ја згрозија јавноста. Сместените во домовите биле физички и психички малтретирани, спиеле и по двајца во кревет, им се давала храна со изминат рок. Секако, состојбата во домовите не смее да се генерализира, но ова фрла темна дамка на тоа колку се прават проверки во домовите и колку институциите потфрлиле во грижата за возрасните.

    Порталот Пари, во соработка со Бизнис мрежа, ги стави под лупа домовите за стари лица. Анализиравме колку приходи наплатиле, колку им се добивките, колку луѓе вработуваат. Во анализата се опфатени 40 установи, но за дел од нив нема податок затоа што или не се трговски друштва, или немаат доставено финансиски податоци. Затоа, ова е ориентациона анализа. Податоците покажуваат вкупен приход на домовите од 8,3 милиони евра, што е повеќе отколку во 2023 година, кога наплатиле речиси 7,3 милиони евра. Добивката на домовите за стари лица (и за оние на коишто им треба постојано сместување и нега од здравствени причини) во 2024 година изнесувала 442.000 евра, додека во 2023 година била 262.000 евра (заокружени бројки). Во домовите за стари лица лани имало вкупно 603 вработени, а претходната година 593.

    Заеднички податоци за домовите за стари лица

    Извор: Бизнис мрежа

    КУЌИЧКИТЕ ВО КАТЛАНОВО СЕ НАЈАТРАКТИВНИ

    Ако се суди според приходот, домот за страи лица Хантерс Лајф сместен во Катланово е најатрактивен. За тамошен престој на возрасната популација се оставиле најмногу пари, т.е. 970.000 евра. Тоа им донело на газдите на домот нето-добивка од 124.000 евра. Домот е составен од индивидуални куќички во шума, а најевтиното сместување е 36.000 денари.

    На второ место е Терзиева во Кучевичка Бара, кој располага со 38 соби и 5 апартмани. Овој дом важи за поскап, а можеби и најскап, но е многу посакуван и за таму се чека ред. Домот лани направил промет од 640.000 евра. Но, интересен факт е што домот го нема во групата 10 најголеми фирми по добивка, а остварил профит од само 2.600 евра.

    Третиот дом каде што граѓаните оставиле најмногу пари е Софија од Битола. Таму лани се слеале 537.000 евра, а добивката е 630 евра.

    ТОП 10 установи по приходи и нивните добивки во 2024 година

    Извор: Бизнис мрежа

    ИМА ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ ВО ПРОФИТАБИЛНОСТА

    Од податоците може да се види дека највисока профитна маржа од 12,7 насто (сооднос меѓу добивката и приходот) имал домот Хантерс Лајф. Опен харт, пак, и покрај високиот промет од 484.000 евра, бил во загуба. Добивките на домовите за стари лица на најприходните компании се движеле од 630 евра до 124.000 евра.

    Профитабилноста во гранката е различна од установа до установа, а 5 установи коишто ги има во ТОП 10 по приход ги има и во ТОП 10 по добивка: ХАНТЕРС ЛАЈФ (прво место по добивка), ШЕЛТЕР ДОМУВАЊЕ – ДАБЕСКИ (второ место), ВЕРА (петто место), ОЛИМПИЈА (шесто место) и АСТРЕОН (деветто место). Но, пет установи коишто иако ги нема во ТОП 10 по приход се наоѓаат на листата ТОП 10 по добивка. Тие ги заземаат третото, четвртото, седмото, осмото и десеттото место. 

    Установи коишто ги нема во ТОП 10 по приход, но ги има во ТОП 10 по добивка во 2024 година

    Извор: Бизнис мрежа

    Кај оваа група на установи може да се забележи висока профитна маржа. Така, соодносот на нето-добивката во вкупните приходи што ја направил МИРКОСКИ е 14,3 насто, на СОНЧЕВА КУЌА е дури 51,7 насто, но интересен факт е дека во моментов на Бизнис мрежа за оваа установа свети црвено: блокирана сметка. ГЕРОНТОС – М има профитна маржа од 16,2 насто, СВЕТИ ЈОВАН од 15,3 насто и МИЛИЦА од 8,6 насто.

    КОЛКАВИ ПЛАТИ ДОБИВААТ ТИЕ ШТО ГИ НЕГУВААТ ВОЗРАСНИТЕ?

    Хантерс Лајф е најдобра по приход и по добивка и има 70 вработени, со што е најголем работодавач меѓу домовите за стари лица. Но, оваа установа не е во ТОП 10 по плата. Таму ланската просечна плата била 22.138 денари. Највисоката просечна плата лани била во ВЕРА и изнесувала 32.986 денари. Кај сите работодавачи во ТОП 10 по исплатена нето-плата имало раст на платите.

    ТОП 10 работодавачи по исплатени просечни плати во 2024 година

    Извор: Бизнис мрежа

    Минималната плата во 2024 година беше 22.567 денари. Десеттата компанија меѓу оние што даваат највисоки плати имала просек од 25.377 денари. Платите, па и прворангираната, се далеку од просечната нето-плата за 2024 година, која изнесуваше 41.239 денари.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично