ПОВЕЌЕ

    Кои земји на ЕУ се најзависни од рускиот гас и колку го поддржуваат ембаргото за руски енергенси?

    Време зa читање: 11 минути

    Европската унија платила 35 милијарди евра за руската енергија од почетокот на војната, изјави првиот човек на ЕУ, Жозеп Борел. Во 2021 година, ЕУ увезуваше приближно 40 отсто од својот гас и 25 отсто од нафтата од Русија. Во рамките на блокот Германија, Италија, Австрија и Унгарија особено се многу зависни од рускиот гас.

    Седумнаесет земји од ЕУ побараа од Европската комисија да обезбеди техничка експертиза за да им помогне постепено да го напуштат нивното потпирање на руските фосилни горива, пишува Еуроњуз.

    Австрија

    Австрија ја отфрли можноста за санкции за увоз на нафта и гас од Русија. „Ако санкциите те погодуваат тебе повеќе од другиот, мислам дека тоа не е вистинскиот начин“, рече министерот за финансии Магнус Брунер на 4-ти април.

    Канцеларот Карл Нехамер, кој се сретна со Владимир Путин во Москва на 11 април, рече дека очекува повеќе санкции од ЕУ против Русија, но го бранеше противењето на неговата земја да ја прекине испораката на гас. Австрија е воено неутрална и не е членка на НАТО.

    Белгија

    Белгискиот премиер Александар Де Кро повика санкциите против Русија да бидат построги за да имаат ефект врз Кремљ. Тој ја истакна потребата од енергетска трансформација и да се стави крај на зависноста од руските фосилни горива, но не повика на ембарго. „Ние не сме во војна со самите себе“, рече Де Кро на самитот во Брисел на 25 март. „Санкциите секогаш мора да имаат многу поголемо влијание врз руската страна отколку врз нашата.

    Белгискиот министер за финансии, Винсент Ван Петегем, на 4 април рече дека неговата земја не се противи на насочени дејствија против руската нафта и јаглен.

    Бугарија

    Бугарија е особено зависна од рускиот гас, нејзиниот договор со Гаспром ги обезбедува речиси сите нејзини потреби. Сепак, во март бугарската Влада рече дека нема да води разговори за обновување на 10-годишниот договор кој истекува на крајот на оваа година, во согласност со стратегијата на ЕУ.

    Вицепремиерот Асен Василев рече дека земјата ќе бара алтернативни набавки. Новиот гасовод со Грција треба да профункционира во 2022 година и Бугарија склучи договор да добие повеќе гас од Азербејџан.

    Хрватска

    Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, наводно, изјавил на неодамнешниот самит на ЕУ дека земјата речиси целосно ја елиминирала зависноста од рускиот гас со изградба на нов терминал и барајќи да го зголеми капацитетот на друг.

    Кипар

    Кипар изрази резервираност додека ЕУ подготвува планови за забрана на руските бродови од пристаништата на ЕУ, наведувајќи ја потенцијалната штета на нејзиниот поморски сектор.

    Островот не е поврзан со европската енергетска мрежа и најмногу нафта увезува од другите земји на ЕУ. Нејзиниот министер за енергија ги опиша како „менувач на играта“ новите енергетски проекти за испорака на гас од источниот Медитеран.

    Чешка република

    Чешка е една од земјите на ЕУ која би била најтешко погодена од целосното ембарго на руската енергија, според Францускиот совет за економски анализи. Се смета дека целосната забрана може да предизвика удар на економијата. Владата соопшти дека прави планови за вонредни ситуации за сите сценарија, вклучително и она каде што се прекинати испораките од Русија.

    Данска

    Данска е во првите редови на европските земји кои повикуваат на огромна зелена трансформација за да се стави крај на зависноста на континентот од руските фосилни горива.  Земјата бара и алтернативни извори на гас. Во Данска продолжи работата на проектот Baltic Pipe, гасовод од Норвешка до Полска. По деветмесечна суспензија поради загриженоста за влијанието врз дивиот свет, една недела по руската инвазија на Украина беше дадена дозвола за продолжување на изградбата.

    Планираната врска од 900 километри главно е наменета да ѝ помогне на Полска да ја намали зависноста од рускиот природен гас.

    Естонија

    Естонската влада јавно се согласи да ги прекине сите гасни и нафтени врски со Русија до крајот на годината – „во принцип“. Ова ќе го стави во чекор со балтичките соседи Литванија и Летонија, кои тврдат дека го прекинале целиот руски увоз на енергија од почетокот на април.

    Во март, естонската влада предложи да се искористат приходите за рускиот гас и нафта за да се помогне во обновата на Украина, по моделот на програмата на ОН „Нафта за храна“ (ОИП) од 1995 година, која беше основана во 1995 година.

    Финска

    Во април, финската премиерка Сана Марин изрази желба „да се ослободи од руските фосилни горива“, велејќи дека продолжувањето на увозот на енергија од Русија „ја поддржува и всушност ја финансира“ војната.

    И покрај ова, активистите забележаа како одредени дупки и одредби во финската политика сè уште дозволуваат увоз на руска енергија, како што е грејс-период од четири месеци за увоз на јаглен.

    Франција

    Во однос на другите големи европски економии, Франција не е многу зависна од рускиот гас и нафта. Во споредба со Германија и Италија, кои увезуваат 40 до 50 отсто од својот гас од Русија, уделот на Франција во рускиот гас е само 25 отсто, а главен снабдувач на земјата е Норвешка (35 отсто).

    Француската влада покажа подготвеност да го забрани увозот на руска нафта, а министерот за финансии Бруно Ле Мер изјави дека „се подготвени да одат понатаму и да донесат одлука за забрана на нафтата“.

    Германија

    Германија, најголемата европска економија, е една од највоздржаните што размислува за целосно ембарго на руската енергија. Канцеларот Олаф Шолц предупреди дека ненадејното прекинување ќе ја втурне „цела Европа во рецесија“.

    Сепак, германскиот министер за економија вели дека земјата веќе ја намалила својата зависност од руската енергија по инвазијата на Украина. Увозот на руска нафта се намали од 35% на 25%, а увозот на гас од 55% на 40%, рече Роберт Хабек.

    Грција

    Грчкиот премиер на 12 април рече дека се прават напори да се забрза истражувањето на гасот за да се намали зависноста од руската енергија. Земјата добива околу 40% од потребите за енергија од Русија.

    Унгарија

    Унгарија е многу зависна од руската енергија и нејзиниот националистички премиер се противи на санкциите – иако ја одобри забраната за јаглен. Виктор Орбан вети дека ќе стави вето на секој обид за воведување енергетско ембарго бидејќи, според него, тоа ќе ја „убие“ неговата земја.

    Ирска

    Ирска е ослободена од директна руска енергетска зависност. Таа не увезува никаков природен гас од земјата, бидејќи има свое гасно поле во близина на брегот на округот Мајо. Остатокот – околу 70 проценти – се увезува од соседна Британија.

    Делумно благодарение на оваа слобода, ирската влада зазеде цврст став против Русија, изразувајќи ја својата поддршка за санкциите ширум ЕУ. Ирска гласно се залагаше за прекин на целиот увоз на енергија од Русија.

    Италија

    Италија, уште една голема економија на ЕУ, ја зголеми зависноста од рускиот гас со текот на годините додека се оддалечи од јагленот. Италијанските власти велат дека Русија испорачува 38 отсто од природниот гас што се користи за електрична енергија и за тешка индустрија. Министерот за надворешни работи Луиџи Ди Мајо,  изјави за новинската агенција АНСА дека „Италија не може да стави вето на санкциите во врска со рускиот гас“.

    На 11 април, Италија потпиша договор со Алжир за намалување на нејзината зависност од руските фосилни горива. Алжир моментално е вториот најголем снабдувач на гас во Италија, испраќајќи 21 милијарда кубни метри гас во земјата. Ова се споредува со 30 милијарди кубни метри што ги добива од Русија.

    Латвија

    Заедно со другите балтички земји, Латвија изјави дека повеќе не зависи од рускиот увоз на гас и нафта. Владата на земјата се залагаше за санкции поврзани со енергетиката кон Русија.

    На 25 март, летонскиот премиер Артурс Каринс рече дека другите земји на ЕУ треба да ги разгледаат таквите мерки како начин да се запре војната во Украина.

    Литванија

    На 2 април, Литванија соопшти дека целосно го запрела увозот на енергија од Русија, што ја прави првата земја во ЕУ што ги прекинала енергетските врски со Москва.

    Литванија беше „првата земја од ЕУ меѓу земјите снабдувачи на Гаспром што стекна независност од рускиот гас“, рече министерот за енергетика Даиниус Крејвис, додавајќи дека ова се должи на „повеќегодишната кохерентна енергетска политика и навремените инфраструктурни одлуки“.

    Луксембург

    Луксембург во моментов е поделен околу тоа дали дополнително да го таргетира увозот на руски гас и нафта. Сепак, Големото Војводство смета дека е подготвено за можна забрана на увоз на јаглен од Русија во цела ЕУ.

    Малта

    Малта не зависи од рускиот увоз на гас и нафта за својата енергија. Државата немала енергетски договори со Русија. 17 отсто од енергијата на Малта доаѓа од европската електрична мрежа, која се носи од италијанскиот остров Сицилија.

    Холандија

    Приближно 15 отсто од гасот што доаѓа во Холандија е од Русија. Холандскиот премиер Марк Руте тврди дека Холандија не може да ги прекине сите испораки на фосилни горива од Русија, велејќи дека „им треба снабдување“ и тоа е „непријатната вистина“.

    Во официјалната изјава дадена за Еуроњуз на 13 април, владата рече дека „ќе претстави план пред крајот на април за постепено укинување на рускиот гас, нафта и јаглен.“ Таа укажа на мерките што веќе ги презема земјата за намалување на потпирање на руската енергија, како што е организирање кампања за заштеда на енергија. Изјавата не откри дека владата има непосреден план целосно да го санкционира рускиот увоз на енергија.

    Полска

    Полска тесно се усогласи со балтичките земји со тоа што се согласи да го намали целиот нејзин увоз на енергенси од Русија – иако, во овој случај, до крајот на годината. Оваа источноевропската земја, добива приближно 40% од снабдувањето со гас од Русија во 2020 година. Сепак, во одлуката што ја опиша како „најрадикалната“ во Европа, полскиот премиер Матеуш Моравјецки тврди дека Полска постепено ќе го укине увозот на јаглен во следните неколку месеци и ќе ги забрани нафтата и гасот до декември.

    Португалија

    Португалската влада соопшти дека е подготвена да ги поддржи санкциите против увозот на руски гас и нафта. Во споредба со другите земји на ЕУ, Португалија не се потпира многу на руската нафта и гас. Тој добива значително поголем дел од својата енергија од обновливи извори, особено од соларна енергија.

    На 11 април, португалскиот министер за надворешни работи Жоао Гомеш Кравињо рече дека земјата ќе го поддржи „интензивирањето“ на руските санкции.

    Романија

    Романија и три други земји од централно-источна Европа – Унгарија, Словачка и Полска – договорија стратешко партнерство за понатамошно развивање на нивните водородни мрежи и намалување на потребата за увоз на руска енергија.

    На почетокот на овој месец, најголемата енергетска компанија во Романија, ОМВ Петром, престана да увезува сурова нафта од Русија, верувајќи дека доаѓа забрана на руската енергија ширум ЕУ. Романија во моментов има еден од најниските процентуални удели на ЕУ во снабдувањето со гас од Русија, со 10%.

    Словачка

    Словачка е многу зависна од рускиот увоз на фосилни горива како извор на енергија. Земјата зема околу 85 отсто од својот гас и 66 отсто од нафтата од Русија, што значи дека прекинот на врските може да има значително влијание врз централната европска држава.

    Во април, словачката влада соопшти дека се приклучува на ЕУ со одбивање да го плати рускиот гас во рубли, откако министерот за економија на земјата го кажа спротивното. Плановите за намалување на потрошувачката на енергија преку поефикасни методи за греење беа понудени како алтернативи на руските фосилни горива од страна на аналитичарите во Словачка.

    Словенија

    Словенија е значително зависна од рускиот увоз на гас и нафта. Неодамна изрази интерес за набавка на гас од терминал за ЛНГ во Хрватска.

    Минатиот месец, словенечкиот премиер Јанез Јанша застана заедно со другите земји од ЕУ во отпорот на барањето на Москва увозот на енергија да се плаќа во рубљи за да се зајакне нејзината економија.

    Шпанија

    Од инвазијата на Украина, Европа бара алтернативи за руските фосилни горива, како што е превозот ЛНГ од САД преку Атлантскиот Океан. Шпанија се позиционираше како можен нов „хаб“ за увоз на ЛНГ во Европа. Но, неодамнешната интервенција на премиерот Педро Санчез во корист на Мароко во нејзиниот спор со Алжир за Западна Сахара ја стави Шпанија во судир со Алжир, еден од нејзините главни снабдувачи со гас. Оваа тензија потенцијално може да резултира со повисоки цени на бензинот во Шпанија и да го намали апетитот на земјата за санкционирање на рускиот гас.

    Шпанската влада ја повика ЕУ да ја намали зависноста од рускиот гас. Шпанија, центар за соларна енергија, е помалку зависна од Русија.

    Шведска

    Шведска е поимуна од влијанието на енергетските санкции врз Москва, бидејќи земјата не се потпира многу на рускиот увоз на енергија.

    Како што беше објавено во март од Министерството за земјоделство, шведската влада рече дека „снабдувањето на земјата е на низок степен директно зависно од руските енергетски испораки, а извештаите покажуваат дека снабдувањето со енергија од Русија функционира нормално“.

    Шведска, заедно со Финска, размислуваат за членството во НАТО во светло на неодамнешните геополитички тензии. Ова означува оддалечување од нејзината долгогодишна политика на неутралност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично