
Војната во Украина не стивнува, а компаниите со руски капитал или руска поврзаност се под притисок од санкции. Европската Унија на 19 октомври го усвои 19-тиот пакет на санкции кој ги опфаќа главните сектори: енергија (вклучувајќи течен природен гас), финансиски услуги, воено-индустриска база, специјални економски зони, како и мерки против заобиколување на санкциите. Под санкциите на САД се најде и Лукоил, компанија која има 40 бензински пумпи во Македонија и 545 вработени. Лукоил интернејшнл треба да ги заврши или значително да ги намали своите странски активности до 21 ноември 2025 година. Времето истекува, а рускиот гигант поднесе барање до Министерството на САД за продолжување на рокот.
Порталот „Пари“ во соработка со Бизнис Mрежа анализираше кои компании што се поврзуваат со Русија работат кај нас и колку заработуваат. Лукоил е една од компаниите, а според податоците од Бизнис мрежа, работи одлично. Но, неизвесно е каква ќе биде нејзината иднина.
ВО ЛУКОИЛ СЕ НАТОЧИЛЕ НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ ЗА 154 МИЛИОНИ ЕВРА
Минатата година во пумпните станици на Лукоил низ Македонија се наточени нафтени деривати во вкупна вредност од 154 милиони евра, со што реализирал приход поголем за 5,9 насто во однос на 2023 година. Тоа на компанијата ѝ донело добивка од 3,75 милиони евра, што е за 65 насто повеќе отколку во 2023 година!
Извор: Бизнис мрежа
Како сопственици на Лукоил Македонија ДООЕЛ Скопје се јавуваат ЛИТАСКО СА и ЛУКОИЛ ИНТЕРНЕШНЛ ГБХ.
На официјалната страница на Лукоил пишува дека LITASCO SA е швајцарска меѓународна маркетиншка и трговска компанија, која управува со рафинерии и малопродажна мрежа во Европа. LUKOIL INTERNATIONAL GmbH е клучен играч во глобалната нафтена и гасна индустрија, а седиштето ѝ е во Виена и има повеќе од 100 меѓународни подружници во околу 50 земји низ целиот свет.
ТЕ-ТО ИМА ИСТ ПРИХОД КАКО ЛУКОИЛ
Втора асоцијација на компанија поврзана со Русија кај нас е ТЕ-ТО, компанија што произведува струја и истовремено парно греење за голем дел од семејствата во Скопје. Оваа компанија лани направила приход од 154,7 милиони евра (речиси ист како и Лукоил). Овој промет на ТЕ-ТО е за 24,7 насто помал отколку во 2023 година. Но, наспроти тоа, ТЕ-ТО лани имал раст на добивката од фантастични 707,6 насто! Неговата добивка во 2024 година била 26,1 милион евра.
Извор: Бизнис мрежа
Интересен факт е што нема податоци за сопственик на компанијата.
ИМА И ДРУГИ КОМПАНИИ СО МИЛИОНСКИ ПРИХОДИ
Ако се бараат исклучително компании со запишан руски сопственик, податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека тие заедно направиле приход од 4,9 милиони евра лани, а тоа е помалку отколку во 2023 година, кога заедничкиот приход им изнесувал 6,1 милион евра. Заедничката добивка во 2024 година им изнесувала 1,7 милиони евра, а во 2023 година била само 182.000 евра. Во сите овие компании работеле 49 вработени, а преклани 63.
На списокот има две компании коишто имаат милионски приходи.
Во зоната во Бунарџик е сместена фармацевтската компанија АСПЕКТУС ФАРМА и таа лани направила промет од безмалку 3 милиони евра и добивка што била повеќе од половина од целиот приход, односно изнесувала дури 1,6 милиони евра!
ЕЛИТА ИНВЕСТ ТРЕЈД е специјализирана компанија што се занимава со продажба, изнајмување и посредување на недвижности, како и со инвестициски проекти во градежништвото. Компанијата лани имала приход од речиси 1,3 милиони евра и тоа ѝ донело добивка од 49.000 евра.
Со овие две компании завршува листата на фирми милионери по приход кои официјално во сопствеништвото запишале руски државјанин.
Извор: Бизнис мрежа
Со промет што се брои во стотици илјади евра се само две фирми: РЕЦИКЛ ЕКО-ТРЕЈД и фирмата специјализирана за финансиско советување и книговодство АЛЕКСАНДАР- АК.
РЕЦИКЛ ЕКО-ТРЕЈД има блокирана сметка за долг кон УЈП. Интересен факт е што Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка во 2021 година лиферуваше соопштение во кое напиша: „Фирмата за производство, трговија и усуги Рецикл еко-трејд ДООЕЛ експорт-импорт Скопје е фирма пред затворање. Оваа фирма има долг према Еуростандард банка од околу 620.000 евра и нема платено ниту една рата 224 дена пред затворање на банката минатата година. За земениот кредит се води хипотека на деловен и друг недвижен имот со вкупна проценета вредност од 240.000 евра, што е околу 2,6 пати помал износ од долгот на фирмата“.
И трговското друштво „Балкански мир“ ДОО Свети Николе, кое се занимава со дистрибуција на филмска, видео и телевизиска програма) сега има блокирана сметка.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








