Сѐ помалку свадби, сѐ повеќе разводи бележи брачната статистика. Бројот на склучените бракови минатата година е намален за 12,7 проценти. Истовремено, бројот на разводите е зголемен за 14,7 проценти. Шевовите на брачната заедница најчесто пукаат помеѓу петтата и деветтата година. Во тој период од брачниот живот се случиле 24,1 отсто од разделбите.
Ако љубовта е главниот мотив за заеднички живот, за разделбата има многу причини. Психолозите ги наведуваат монотонијата, прекинот на комуникација, финансиите, флертовите и прељубите, пороците, мешањето на семејствата, или на свекрвите и тештите…
Пари ги анализира податоците на Државниот завод за статистика, а консултираше и психолог за да одговори на прашањето – зошто зачестија разводите.
Минатата година, 11.066 двојки ги изговориле судбинското „да“ и заветот „и во добро и во лошо…“. Сепак, државната статистика вели – на младите не им се брза. Или, во брак се стапува сѐ подоцна – просечната возраст за склучување прв брак е 30,1 година кај момчињата и 27,6 години кај девојките. Во 2024 година, според возраста, најмногу бракови биле склучени во старосната група од 25 до 29 години (3.658 или 33,1% кај жените и 3.871 или 35% кај мажите).
Месец најпогоден за почеток на заедничкиот живот е август. Тогаш биле склучени 1.452 или 13,1 процент од браковите, а најмалку веселби (661) по тој повод имало во април, само шест проценти.
Без оглед на месецот, желбата за заедништво губи на интензитет, за што потврда се наоѓа и во податоците од Државниот завод за статистика. Од 2022 наваму бројот на склучени бракови е во фаза на опаѓање. Гледано во рамката на изминатиот петгодишен период, најмалку бракови – 10.278 имало во 2010, а најмногу биле засновани во 2021 година – 13.337.
Исто така, статистиката вели – најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92,9 отсто за жените и 92,3 отсто за мажите.
Затоа, пак, откако еднаш ќе се разведат, во втор брак со учество од 7,1 процент и во трет брак со 0,7 проценти почесто стапуваат мажите.
Во текот на минатата година биле регистрирани 2.024 разводи. На илјада засновани брачни заедници имало 182,9 разделби. Или, накусо, секој петти брак завршил со развод. Бројка што отвора сериозни прашања за стабилноста на современите брачни заедници.
Врз одлуката да се стави крај, влијаат многу фактори и состојби, нагласува Мирјана Цветковиќ – психолог, системски семеен советник при Психолошкиот центар Алтернатива:
„Најчестите причини за развод се хроничната дисфункционална комуникација помеѓу партнерите. Потоа, насилството во семејните системи од било каков вид, вербално, физичко, економско, емоционално… Може да се јават како причина и зависностите од психоактивни супстанци, алкохолизам, зависност од коцкање… Една од честите причини за развод се и вонбрачните врски односно аферите, но и доживувањето дека партнерот ја одзема автентичноста и слободата од другиот. Кога се чувствува запоставување и недостаток на љубов од партнерот. Или, мошне често има и конфликти и недоразбурања, нарушена е комуникацијата помеѓу партнерите, се јавила монотонија или потреба од разновидност“.
Исто така, Цветковиќ наведува дека честа причина за разводот е и дисбалансот на моќта. Односно кога моќта е кај едниот партнер, а на штета на другиот.
Што се однесува до влијанието на економската состојба, посочува дека на развод почесто се решаваат финансиски независните лица. Тие што немаат пари и услови за самостоен живот, во најголем дел остануваат во брак, без оглед на околностите.
„Партнерите што се финансиски поситуирани, зборувам од лично искуство, почесто се охрабруваат, се одлучуваат за развод. Значи, оние кои можат финансиски да се обезбедат. И обратно. Тие кои се во зависна состојба од нивниот партнер, кои не би можеле да си обезбедат живеалиште или да се прехранат, и тоа како опстануваат во бракот“, вели психологот Цветковиќ.
Постарите ја употребуваат изреката „Кога сиромаштијата влегува низ вратата, љубовта излегува низ прозорецот“. За тоа Цветковиќ вели:
„Кога се стапува во брак, сите влегуваат со некакви семејни обрасци, погледи и навики кои генерациски се пренесувале. Така што тие пораки придонесуваат подоцна дали некој ќе опстане во бракот“.
Во тој контекст појаснува и дека проблемите настануваат и во случаи кога младите се соочуваат со тешкотии кога треба да се одвојат од семејствата. Но, и кога има мешање од членови на семејството. „Ние тоа го нарекуваме потешкотија со поставување граници кон семејствата по потекло, но и потешкотија со сепарацијата кон семејствата по потекло“, вели Цветковиќ.
Според статистичките податоци, најчесто се разведуваат жените на возраст од 35 до 39 години (17,7%) и мажите од 40 до 44 години (17,1%). Ако ова се дополни со сознанието дека најкритичен е периодот помеѓу петтата и деветтата брачна година, тоа е своевиден показател дека по првичната стабилност настапува време на тензии или замор од брачните односи.
А, за разлика од свадбите кои најмногу ги има во август, разводите се најмалубројни во тој месец. Тој тренд е присутен од 2020 до 2024 година. Во другите месец состојбата е променлива. Лани најголемиот број разводи се случиле во март (203), а преклани во декември (201).
Разводи има насекаде, но во оваа анализа се земени податоците за скопските општини. Процентуално, за една година најголем е растот на разводите во Сарај – за 180 насто. А, најмногу разведени парови (84) има во Карпош. Лани во Скопје се забележани 505 разводи, за 93 проценти повеќе отколку во 2023 година

Психологот Цветковиќ смета дека партнерската врска и бракот носат свои предности, но истакнува дека одредени истражувања покажуваат дека изборот да се биде сингл е во полн ек.
„Како важно го сметам тоа дека индивидуализмот повеќе ја цени независноста, кариерата, самостојноста пред бракот или партнерската врска. Истовремено, фокусот на себе, уживањето на бенифициите од статусот сингл се примамливи за многумина“.
Врската, додава, носи и бара поголеми одговорности. Сепак, не мора човек да е сам за да се реализира како самостојна личност.
„Оние лица што повеќе се индивидуалисти ги занемаруваат особините кои исто така можат да ги произнесат и во бракот – да се биде независен, да се биде автономен. Само треба да се постават здрави граници помеѓу партнерите во бракот. Или, негувањето на своето јас е возможно и во бракот, односно во партнерската врска“, посочува Цветковиќ.
Предизвик е да се зачува бракот, разводот е најлесната опција. Иако во некои случаи е и најдобриот избор.
„Наша препорака, на психолозите, е дека треба да се испробаат сите начини за подобрување на комуникацијата, за да се разрешат тешкотиите. Многу е лесно да се излезе од бракот, но предизвик е да се зачува, затоа треба да се разрешат проблемите. Но, и покрај многубројните обиди, некогаш навистина разводот е подобар избор. Подобро среќен развод отколку несреќен брак“, вели Цветковиќ. И нагласува: „Особено е важно, доколку партнерите имаат деца, по разводот да продолжат со добра, квалитетна комуникација. Да им помогнат на децата што полесно да го пребродат разводот, а родителството е доживотно“.
Интересенти за брачна терапија има. Може да им се помогне ако дојдат на време кога сѐ уште се самокритични.
„Доколку се јават на некое почетно ниво, каде што проекцијата на вина е ниска, а самокритичноста е висока, поголеми се изгледите дека ќе се разрешт потешкотиите. Меѓутоа, ако е многу ниска самокритичноста кај партнерите, а степенот на обвинувањата е многу висок, тогаш и брачната терапија може да не успее. Генерално, имаме многу успешни приказни каде што брачните партнери ги надминуваат своите недоразбирања“.
Исто така, Цветковиќ кажува дека луѓето сѐ повеќе бараат стручна помош. Возраста не претставува препрека.
„Доаѓаат и помлади и брачни партнери на средна возраст. Па, дури и луѓе во стара доба, кои се консултираат и сакаат да работат на својата партнерска врска во бракот“, вели искусниот психолог и семеен советник.
Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.