Последниве години Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се движи по надолна линија. Забележан е сериозен пад кај рангирањето на меѓународните листи. Ниско е нивото на платите и стандардот на вработените. Нема услови кои би ги поттикнале студентите да го дадат максимумот од себе во текот на студирањето. Нема внатрешна организираност на работите… Недостатоците и проблемите се утврдени, но каде треба итна интервенција, што е тоа што мора веднаш да се направи по смената на раководното кормило на Универзитетот?
„Прво и основно – ќе се случи потпишување на стратешкиот договор со Европскиот истражувачки центар. Конечно, да се отворат лабораториите за нашите истражувачи, постдипломоци, докторанти и постдокторанти. Се разбира, доколку ја добијам довербата од колегите од академската заедница“, вели еден од кандидатите за ректор на УКИМ, проф. д-р Атанас Кочов. И, наведува дека ЕИЦ им нуди таков договор на сите универзитети, со што за возврат се добива бесплатно користење на лабораториите. Од Македонија, во тие лаборатории досега бил само еден професор, пред седум-осум години. Како што вели, од Универзитетот во Белград таму има 21 претставник.
„Паралелно со тоа, во истиот момент, ќе се зафатиме со интерни реформи на УКИМ. Недозволиво е се уште да не е воспоставен универзитетски совет, кој е контролен механизам на работењето на Универзитетот. А, Законот е донесен уште во 2018 година. Стенува збор за најголемиот и најдобриот Универзитет во земјата. Тоа значи дека мора да има таков контролен механизам. Не може да нема транспарентно финансиско работење, од аспект на постоење на внатрешен ревизор. Чија задача ќе биде да ги дефинира работите и транспарентно да го покаже начинот на управување со финансиските средства на УКИМ. Тоа се работи кои мора да ги земеме предвид. Мора реално да ги согледаме состојбите и врз основа на тоа да дејствуваме. Колку побрзо, толку подобро“, дециден е по тоа прашање професорот Кочов.
Во приоритетите го наведува и трасирањето на патеките, долгорочни, по кои УКИМ ќе се врати во колосекот кој природно му припаѓа и ќе остане на врвот од македонското високо образование и наука.
„На веб страницата на Универзитетот може да се забележи дека има една единствена Страгегија, и тоа за периодот од 2019 до 2023 година. Како може да сметаме дека УКИМ ќе биде најдобар, ако ги немаме формирано основните стратешки правци по кои Универзитетот ќе се движи во наредните 10 години. Ако сакаме да го позиционираме како столб на високото образование во Македонија, мора да имаме водилка. Ако сакаме ‘Св. Кирил и Методиј’ да е образовен столб и воедно, културна и научна ризница, тогаш мора да знаеме, и тоа за подолг временски период, каде УКИМ ќе се движи. Токму од таа причина, во претходните години кога ги правевме анализите, со мојот тим направивме и стратегија – во која насока, како државотворен, Универзитетот треба да се движи“, вели професорот Кочов и додава, ако ја добие довербата и биде избран за ректор, плановите ќе добијат конкретна форма, а во тоа ќе партиципираат сите вработени на УКИМ.