ПОВЕЌЕ

    ЌЕ ИМА ПОДЗЕМНА СООБРАЌАЈНИЦА КАЈ ЛИМАК: „Ќе ја смениме сообраќајната иднина на Скопје“, најави кандидатот за градоначалник на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ

    Време зa читање: 3 минути

    Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски денеска најави реализација на досега долгонајавуваниот, но нереализиран проект за подземна сообраќајница во центарот на Скопје кој, како што рече, ќе ја промени сообраќајната иднина на градот.  Според Ѓорѓиевски, тоа ќе биде првата фаза од булевар „Македонија“ и улицата „Даме Груев“ да прерасне во булевар.

    „Овој проект не е само дел од мојата програма, туку вистински пресврт за централното градско подрачје. Се работи за клучен проект што ќе го растовари целосно метежот во центарот на Скопје. Новиот кружен тек кај „Нова Македонија“ и двата кружни тека кај булевар „Кочо Рацин“ и улица „Железничка“ ќе донесат побезбеден проток и паметни сообраќајни решенија според европските стандарди, изјави Ѓорѓиевски.

    Нагласи дека со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под „Лимак“, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница во нашиот главен град.

    „ Таа ќе има шест ленти, четири за двосмерен сообраќај на автомобили, две за автобуси и дополнителни тротоари. Со оваа подземна сообраќајница под „Лимак“, сообраќајот ќе тече, би рекол, сосема непречено, а центарот ќе доживее значително растоварување, што ќе го направи движењето низ целиот град многу покомфорно и побезбедно. Мислам дека ќе успееме да постигнеме и целосно ослободување од метежот во центарот“, изјави Ѓорѓиевски.

    Кандидатот за градоначалник на македонската престолнина од владеачката ВМРО-ДПМНЕ информираше дека предвидуваат уште едно капитално решение, а тоа е улицата Даме Груев да премине во булеварско решение.  – Иако постојат предизвици со зградата на Макотекс, имаме јасен план за правно и техничко решение. Со реализацијата на овој проект, централното градско подрачје ќе биде речиси целосно растоварено, создавајќи современ, урбан и проточен простор кој ќе го трансформира секојдневното движење на граѓаните, Ѓорѓиевски.

    На вчерашната средба со жителите на Општина Карпош, Орце Ѓорѓиевски зборуваше за неговата зелена визија за градот, претставувајќи го проектот од неговата изборна програма – Мега паркот – Лепенец“, на простор од над 300.000 квадратни метри зеленило со патеки, рекреативни содржини и простор за целото семејство. „Ова нема да биде парк само за Карпош, туку првиот мега парк кој ќе поврзува повеќе општини и ќе стане новиот зелен центар на градот,“ рече тој.

    Во рамки на програмата „Визија за Скопје25/45“, Ѓорѓиевски најави и проект наречен „Скопски зелен архипелаг“, кој предвидува 50 нови маалски паркови низ сите скопски населби. Тој вети и целосна ревитализација на Градскиот парк и Паркот на природата Гази Баба, претворање на депонијата Вардариште во парк и создавање градска шума во Расадник.

    Решавањето на сообраќајниот хаос во градот, посебно во делот кој се наоѓа на територијата на општина Карпош е вториот приоритет, како што истакна Ѓорѓиевски. Меѓу главните проекти тој ги издвои доизградбата на булеварот „Љубљанска“, што ќе овозможи растоварување на сообраќајот на „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и реконструкцијата на улицата „Загребска“, која води до детската болница „Козле“.

    „Клучката ‘Момин поток’ мора да се заврши. Нејзината доизградба ќе го деблокира сообраќајниот хаос во целиот северозападен дел на градот,“ нагласи Ѓорѓиевски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично