Велат – кампирањето не е само стил на поминување на годишниот одмор, тоа е и начин на живот. Со оглед дека нуди можност да се помине време на отворено, во контакт со природата, каде се на дофат повеќе спортски активности, тоа секогаш има приврзаници. Летото е идеално за кампирање, а голем е и бројот на граѓаните кои планираат годишниот одмор да го поминат кампирајќи во авто-камовите кои постојат кај нас.
Порталот „Пари“ ги истражи цените и основните услови за кампирање во некои од најпосетувани кампови во Македонија во шатор или во приколка, како и опцијата за изнајмување на некој од сместувачките капацитети кои ги нудат камповите. Заклучокот е дека камповите крај езерските води се уште нудат релативно економични услови за летување и прифатливи цени, истовремено нудејќи ја привилегијата на уживање во пејсажите на охридското крајбрежје.
ЉУБАНИШТА И ГРАДИШТЕ – ДВАТА АДУТА НА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ
Еден дел од некогаш популарните кампови за домашните и странски посетители и кампери крај Охридското, Преспанското и Дојранското езеро се затворени или работат со намален капацитет и се нереновирани, а последниве години се отворени и многу нови, помали, главно на струшката страна од охридското езерско крајбрежје. Сепак повеќето, според содржините кои ги нудат, како и според цените на услугите, пружат релативно добри и финансиски прифатливи услови за камперски летен одмор.
Автокампот Љубаништа, сместен на преубавата љубанишка плажа, со години е една од најпосетуваните камперски локации, откако беше реновиран пред неколку години и тој нуди и најмногу содржини за камперите како и за посетителите. Сместен е на источниот брег на Охридското езеро,крај Свети Наум и имаплажа долга 650 метри и вкупна површина од над 90.000 квадратни метри.
Сместување во сопствен шатор за двајца, за ноќевање чини 1000 денари, со вклучен приклучок за струја. За сместување во шатор за четворица се плаќа 1400 денари. Поставување приколка во која се дозволени максимум четворица- чини 1600 за едно ноќевање, изнајмување на приколка за четворица дневно чини 1800 денари, додека само за две ноќевања, што главно се случува преку викенди, чини по 2000 дневно.
Кампот ја нуди и опцијата престој во нивни шатори, за кој ќе платите 1600 денари за двајца дневно, 2700 за четворица. За дете се доплаќа по 500 денари.
Изнајмувањето на бунгалов за 4 лица дневно ќе ве чини по 5000 денари или 4800 ако останувате повеќе од два дена. Поголем бунгалов, за до 6 лица, дневно чини помеѓу 6000 и 6700 денари.
Постариот од него, Автокампот Градиште е најголемиот на охридската ривиера. Градиште со години е познато како место што нуди дневна и вечерна забава, а на располагање ви стојат: паркинг, маркет, ресторан, 3 плажи и неколку барови (Marshall Beach Bar, Градиште 1 Restaurant , Blue Beach Bar, Градиште 2 Beach, Градиште 3 – Jungle Beach Bar).
Иако со години ги нуди речиси истите содржини, како и нереновирани санитарни чворови, кампот располага со бунгалови, камп приколки и слободни парцели за поставување приватни шатори или камп приколки. Престој во приколка што се изнајмува од кампот чини по 1500 за четири лица. Може да се престојува и во бунгалови, кои исто така се за четворица, а цените се движат од 2500 до 3000 денари за ден.
Опцијата за поставување на свој шатор чини по 1100 денари дневно.
АС, СКАУТ, ЛЕЈКСАЈД, САНРАЈЗ – НА СТРУШКИОТ БРЕГ
На струшкото крајбрежје има далеку поголем број на кампови. Прв на којшто наидувате е Кампинг АС Струга, на влез во Струга од Охрид, поточно на четири километри од градот блиску до Еуротелот. Тој е делумно реновиран, и е познат по дебелите сенки. На веб страницата на кампот нема објавен ценовник, а иако се дадени броеви за комуникација, едниот ќе ве одведе до рецепцијата на хотел Дрим, додека другиот е нон-стоп зафатен.
Сепак, потребните информации можете да ги најдете на сајтот кајак.мк. Кампот располага со 12 бунгалови со по четири или повеќе легла, а нивното изнајмување на дневна основа, во зависност дали е ниска или висока сезона, се движи помеѓу 40 и 50 евра за помалите и 50 и 60 евра за поголемите бунгалови.
Можете да поставите и сопствен шатор или кампери. За е само пет евра по лице на ден, додека за кампер од ноќ цената изнесува 20 евра.
Во самиот град Струга се наоѓа и извидничкиот камп Скаут. Кампот е распространет на површина од 6500 м2 кој постои од 1972 година опкружен со борови стари повеќе од 40 години. Имате опција да престојувате во: шатори, дрвени куќички, приколки или соби. Во сите од сместувачките капацитети има паркинг и Wifi, а игралиштето е за сите гости. Можете да пешачите, возите со велосипед, да изнајмите кајак и уживате во водите на Охридско езеро.
Во Скаут има опција и за изнајмување на соба, се нудат 10 двокреветни, трокреветни односно четирикреветни соби, по цена што се движи, во зависност од големината од 1390 до 1690 денари за наем за ноќ.
СКАУТ нуди 7 дрвени куќи. Сите куќички се опремени со брачен кревет или два одвоени. Капацитет е до 2 лица, масичка и мал ормар. Ова е најатрактивниот престој кој го нуди овој камп, а се изнајмуваат за 1390 денари од ноќ. Може да се престојува и во сопствен шатор, по цена од околу 750 до 850 денари, зависно од големината, додека приклучокот за струја се доплаќа по 180 денари дневно. Кампот нуди и опција на изнајмување на шатор, што во зависност од големината, чини од 850 до 1200 денари за ноќ.
На потегот од Струга па до селото Радожда, последниве години има отворено повеќе помали приватни кампови. ПАРИ истражи дел од нивната понуда.
Кампот РИНО се наоѓа на влезот во селото Калишта. Има свој ресторан, простор за сместување на околу 30-тина кампери, приколки или шатори, санитарен чвор и своја мала плажа. Поставувањето свој шатор во кампот се плаќа од 15 до 18 евра на ден, додека поставувањето на приколка чини од 18 до 25 евра, во зависност од големината. Сепак, од кампот напоменуваат дека капацитетот им е исполнет се до 21 август.
И кампот Санрајз е во непосредна близина, исто така, помал, приватен, од понов датум. Сместувањето во шатор за двајца чини 730 денари, а со доплата за приклучок за струја – 920 денари.За приколка се плаќа по 110 денари дневно.
Има два кампа Лејсајд, едниот кај Калишта, а другиот поблиску до Радожда. Таму ќе платите 14 евра за сместување во шатор, а истата цена е и за поставување на приколка.
На струшкиот брег се наоѓа и кампот Ливадишта, некогаш многу популарно камперско сврталиште крај Охридското езеро. Откако беше повеќе години оставен запуштен од страна на својот сопственик ЕЛЕМ Турс, во медиумите минатата година се појавија информации дека од темел ќе се реновира. Сепак, иако на социјалните мрежи повремено се појавуваат информации дека кампот работи со делумен капацитет, тој ниту има свој сајт ниту на интернет можат да се најдат контакти или пак ценовник.
Југослава Дуковска